Контраспин: Груевски не е во „Процес“ од Кафка, „кафкијанските процеси“ беа симбол на неговото владеење

 

Изразот „кафкијански процес“ во текот на изминативе десетина години честопати се користеше како метафора за де се опишат многубројните судски неправди со кои се соочуваа македонските граѓани. Токму оваа фраза стана симбол (или еден од симболите) на владеењето на Никола Груевски и на судството, кое во неговото време наместо правда делеше неправда. За разлика од главниот лик во романот на Кафка – Јозеф.К, кој нема да дознае зошто против него е покренат судки процес и за какво дело е обвинет, а на крајот и погубен, Груевски точно знае за какви дела е обвинет, само сега многу повеќе му одговара да се става во улога на жртва на „апсурден  судски процес“ и да нема верба во истиот суд и судии во чија правичност немаше ниту ронка сомнеж  додека беше премиер

 

Пишува: Оливера Војновска

 

 

Поранешниот премиер Никола Груевски  вчера (13.03.2018) по излегувањето од Кривичниот суд, каде поради болест на еден од обвинетите беше одложена главната расправа за предметот „Насилство во Општина Центар”,  ја  даде следната изјава во која ја изврте вистината:

Спин: Со секое доаѓање овдека во Судот, речиси секојдневно, еве сега од осум дена во шест дена треба да бидам на рочишта за три или четири различни процеси, секој ден се соочуваме со нови неправди  и сѐповеќе се чувствувам како во едно од врвните дела посветени на апсурдот,  „Процес“ од Кафка

[Извор: А1 ОН ( од 0 до 0, 22 минута од видеото), датум: 13.03.2018]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

 

Контраспин: Оваа изјава на експремиерот Никола Груевски кој беше во Судот како обвинет  во случајот  познат во јавноста по шамарите нарачани за поранешниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски,  претставува чист политички спин.

Груевски пред медиумите се пожали дека секој ден се соочува со нови неправди и  сѐ повеќе се чувствува како во едно од врвните дела посветени на апсурдот,  „Процес“ од Кафка“. Несомнено дека Груевски не се чувствува пријатно речиси секојдневно да се појавува на рочишта во Кривичниот суд, но споредбата  на неговиот случај со оној од романот на чешкиот писател со еврејско потекло, по кој Орсон Велс во 1962 година го сними истоимениот филм, е несоодветна.

Дејствието во романот на Кафка се  случува на почетокот на 20 век во непознат германски град, а главниот лик Јозеф К е  скромен и совесен банкарски службеник кој никогаш немал проблеми со законот.

Бездруго некој го наклеветил Јозеф К., зашто, без да направи нешто лошо, едно утро го уапсија.

Ова  е првата  реченица од романот „Процес“ која  не воведува во приказната за мирниот дисциплиниран службеник, кој едно утро, на неговиот 30–ти роденден се буди во неговиот изнајмен стан,  во друштво на двајца полициски агенти кои ќе му соопштат дека против него е покрената кривична постапка, но не му кажуваат по која основа е тој обвинет. Единствено му напоменуваат дека ќе си продолжи со вообичаената дневна рутина, сè додека не пристигне ново известување за текот на неговиот процес…

Понатаму се раскажува за голготата низ која минува Јозеф. К , се опишува  неговата агонија, талкањето и бесмислената борба низ лавиринтот на бирократските судски институции…

И да не должиме, ниту на почетокот, ниту на крајот од романот не се кажува за какво дело  е осуден Јозеф. К. Процесот покренат од непознати причини трае цела година, се води на необичен начин и без ништо да се разјасни и без ништо да се докаже, на неговиот 31 роденден тој ја добива казната – погубување. Двајца непознати господа со цилиндри на главите, ќе дојдат навечер во неговиот стан,  ќе го одвлечкаат во каменолом и крвнички ќе го убиијат.  Последните зборови кои Јозеф. К ги изговара се: „Како куче“, како своевидна симболика дека апсудниот процес завршува безмилосно, но и бесмислено. И, каков е сега линкот на романот „Процес“ со Никола Груевски? Никаков!

Додека  главниот лик во романот – Јозеф. К,  е тивок, лојален службеник, Груевски е поранешен премиер и екслидер на ВМРО–ДПМНЕ, кој не може да се опише како тивок и скромен.

За разлика од главниот лик во романот на Кафка, кој нема да дознае зошто против него е покренат судски процес и за какво дело е обвинет, а на крајот и погубен, Груевски (и јавноста) точно знае за какви дела е обвинет, судската постапка е транспарентна и за никакво погубување не може ни да се помисли, зашто во нашето зкаонодавство смртната казна не постои.

Само, сега нему многу повеќе му одговара да се става во улога на жртва на „апсурден  судски процес“. Иако, во неговите пет обвиненија за случаите што ги покрена Специјалното јавно обвинителство (СЈО) врз основа на прислушуваните разговори:„Титаник“, „Траекторија“, „Тенк“, „ТНТ“ и „Насилство во Општина Центар“, нема ништо апсурдно.

  1. Случјаот „Титаник“ се однесува на дела сторени против изборите и гласањето со цел „освојување на власт преку целокупно криминализирање на изборниот процес“.

  2. Во случајот Траекторија“, се обвинети четири службени лица поранешни високи владини функционери, (меѓу кои и Груевски) дека во 2012 и 2013 година при процедурата за избор на изведувач за градење на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, не ги почитувале правилата за спроведување тендер и дозволиле една компанија незаконски да се здобие имотна корист. Според СЈО, овие лица, во постапката за барање најдобар изведувач, спротивно на правилата за јавни набавки и спротивно на условите на кинеската Влада и кинеската „Ексим“ банка, избрале изведувач што имал поскапа понуда од втората компанија што конкурирала на тендерот, при што го оштетиле буџетот за најмалку 150 милиони евра. 

  3. Во Случајот „Тенк“ СЈО обвинува дека постоеле незаконитости при јавната набавка на скапоцено блиндирано возило од страна на МВР, мерцедес вреден на 600 илјади евра наменет за тогашниот премиер Груевски.

  4. Случајот „ТНТ“  се однесува на  уриваањето на станабено-деловниот објект „Косомос“ (веќе изграден во карабина), во сопственост на поранешен пратеник во Собранието на РМ и бизнисмен, Фијат Цаноски, според СЈО сторено од одмазда.

  5. Слчучајот „Насилство во Општина Центар“ се однесува на инцидентите пред Општина Центар во 2013 година, за кој се oбвинети 14 лица за кривично дело насилство, а првообвинет е токму експремиерот Груевски. 

Тоа се обвниненијата на Груевски, а судот допрва ќе расправа и ќе каже дали тој има или нема вина. Истиот суд и судии (како што слушнавме од „бомбите“,  извадени од „тефтерчето“ на ексминистерката за полиција Гордана Јанкуловска, но и со „благослов“ на поранешниот министер за правда и неговата сопруга –  брачниот пар Маневски),  во чија правичност Груевски немаше ниту ронка сомнеж  додека беше премиер. Но, ете, сега тој пред истите делители на правдата се чувствува како во романот „Процес“ од Кафка?!

Изразот „кафкијански процес“, пак,  во текот на изминативе десетина години честопати се користеше како метафора за да се опишат многубројните судски неправди со кои се соочуваа македонските граѓани. Токму оваа фраза стана симбол (или еден од симболите) на владеењето на Никола Груевски и на судството кое во неговото време наместо правда делеше неправда.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *