Контролорите на судството од порано знаеле што се случува во Кривичниот суд во Скопје

Извештаи се редат, контролорите молчат. Фото: скриншот

Извештајот за состојбите во Кривичниот суд во Скопје што го испратил Стојанче Рибарев – в.д. претседател на судот од март до крај на октомври 2017 година, потврди дека тие што се задолжени да ги контролираат судовите, а тоа се Врховниот суд и Судскиот совет знаеле се од порано, та сепак даваат изјави, „ништо помпезно, ништо страшно“

 

Извештајот за состојбите во Кривичниот суд во Скопје што го испратил Стојанче Рибарев – в.д. претседател на судот од март до крај на октомври 2017 година, потврди дека тие што се задолжени да ги контролираат судовите, а тоа се Врховниот суд и Судскиот совет знаеле се од порано, та сепак даваат изјави, „ништо помпезно, ништо страшно“

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Новинарите од ТВ „Телма“ објавија извештај до кој дошле од судски извори за состојбата во Основниот суд Скопје 1 од Скопје, кој само ја потврдува лошата состојба и неделовничкото распоредување на судските предмети во овој суд, а кој бил испратен уште на почетокот на октомври до Врховниот суд на РМ, до Судскиот совет и до Министерството за правда. Извештајот го напишал Стојанче Рибарев, судија и докорешен в.д. претседател на Кривичниот суд во Скопје.

Во извештајот се наведува дека дел од предметите во судот уште од пред неколку години се распоредувале преку друг систем што бил изработен по барање на судот, значи еден вид „паралелен АКМИС“, како што и изјавил Рибарев и на Комисијата од Министерството за правда, која нешто подоцна ги истражуваше состојбите:

Со тој систем, предметите по заведувањето во соодветниот уписник не се распоредувале по судија. Тие предмети биле распоредувани кај стручните соработници, а судијата се запишувал во системот, дури откако предметот ќе бил завршен. По околу 200 предмети дури и по завршувањето не бил определен судија и предметите биле архивирани без означување на судија. Како судија известител се запишувал судијата кој бил претседател на советот, а предметот го работеле судии по распоред по денови. Кој предмет кој ден ќе се работи, одлучувале стручните соработници, а не судиите. Ваквиот начин на распоред е во целосна спротивност со судскиот деловник и поради тоа во судот имаше 790 предмети од овој вид кои не беа рспоредени по судии. (2.47 мин.)

Рибарев објаснува зошто се користел тој систем – за старите предмети:

При моето доаѓање, во судот без автоматска распределба преку системот АКМИС во работата биле доделувани предметите кои се работеле по стариот ЗКП (Закон за кривична постапка кој важел пред 2013 година-н.з.), но тоа одговорниот службеник го правел по распоред и редослед на прием по римски бројки. Оваа пракса е напуштена на 03.07.2017, со примена на измените на распоредот што го донесов.(3.40 мин)

Но, во извештајот на Рибарев има дел кој кажува дека овој систем не бил користен само за тоа, туку дека праксата прераснала и за неделовничко распоредување и за други предмети:

На 20.06.2017 констатирав дека во судот од февруари 2012 година не функционира работната група за управување со движењето на предметите и не доставувала никаков предлог до претседателот на судот, судиите имале за распоред еден вид на предмети, а примале во работа друг вид на предмети, кај кривичните предмети судиите примале предмети по стар и по нов ЗКП и изразија желба тоа да се промени, посебно поради фактот што бројот на стари предмети значително се намалил и престанала потребата од тоа, а приливот на предмети се намалува. (4.16 мин.)

Овој извештај на Рибарев, кој го потврдил на новинарите на ТВ Телма, укажува уште еднаш дека оние што се задолжени да ги контролираат судовите во нивната работа, а тоа се Врховниот суд на РМ и Судскиот совет, знаеле сè што се случува барем околу АКМИС-от во најголемиот суд во Македонија, Кривичниот суд во Скопје, но тоа не ги спречува, како Караџоски, на пример, да дават изјави од типот „ништо помпезно, ништо страшно“, а за што „Вистиномер“ веќе пишувашeе пред десетина дена:

FireShot Capture 434 - Контраспин_ Што е страшно во судствот_ - http___vistinomer.mk_kontraspin-sh

 

Извештајот на Рибарев е само уште една карика во низата од синџирот кој го виде јавноста и кои укажуваат на неправилностите, особено оние кои се клучни за судските постапки да можат да влезат во категоријата фер и правично судење, што е и меѓународно заштитено и уставно загарантирано основно право на човекот.

Патем, Извештајот за состојбите со АКМИ системот во Врховен, Апелација Скопје и Кривичен Скопје до пред некој ден беше заштитен со степен на доверливост, која претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџоски, ја истакнуваше како формална пречка за разгледување на истиот од страна на членовите на советот. Но, сега, иако степенот на доверливост е отстранет, извештајот сè уште не е достапен до јавноста, односно Министерството за правда го нема поставено на својата веб страница.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.