Тенка е линијата меѓу говорот на омраза и слободата на изразување

 

Во Кривичниот законик има сосема доволно толкувања и санкции и за омразата и за говорот на омразата и за кривичните дела кои настануваат од омраза. Сепак, секогаш треба да се внимава на балансот што мора да постои помеѓу уставно гарантираното право на слобода на говор и говорот на омраза

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Со последните измени и дополнувања на Кривичниот законик, извршени на крајот од 2018 година, овој главен казнен нормативен акт во државата станува покомплетен за справување на појавите поврзани со омразата. Тој и досега ја нормираше омразата, посебно говорот на омразата, но сега е додадена дефиниција.

Воедно се додадени зборовите „од омраза“ или „ако делото е сторено од омраза“, со што се санкционираат појасно кривични дела кои настануваат како последица од омразата.

 

ШТО Е ОМРАЗА?

Кривичниот законик беше изменет на крајот од декември, а измените беа објавени во Службен весник бр.248 на последниот ден од годината.

Со овие измени и дополнувања една од главните работи во врска со омразата беше појаснувањето, дефинирањето на тоа што е дело од омраза:

Член 122, став 42

Како дело од омраза изречно предвидено со одредбите од овој Законик, се смета кривично дело против физичко или правно лице и со нив поврзани лица или имот кое е сторено во целост или делумно поради реална или претпоставена (замислена, вообразена) карактеристика или поврзаност на лицето што се однесува на раса, боја на кожа, националност, етничко потекло, религија или уверување, ментална или телесна попреченост, пол, родов идентитет, сексуална ориентација и политичко уверување.“.

Како што може да се види, покрај стандардните поделби на расна, национална, етничка припадност… и во оваа дефиниција останува дека делото од омраза може да биде сторено поради „политичко уверување“.

Овдека една мала дигресија. Ваквото дефинирање е важно и од етички, професионален стандард во новинарството, затоа што е во содејство со  Членот 10 од Кодексот на новинарите на Македонија се наведува дека говорот на омраза или дискриминацијата во медиумите е забраната по повеќе основи, меѓу кои и „политичка основа“. Кодексот не е закон,  но е најважниот акт од саморегулацијата и почитувањето на професионалните правила во новинарството, а е донесен уште во 2001 година.

 

ДЕЛА ОД ОМРАЗА ВО ПОВЕЌЕ ЧЛЕНОВИ

Во продолжение следуваат измените или дополнувањата на повеќе членови на КЗ кои се извршени со последните промени и каде е вметнат зборот омраза како мотив за сторување на кривичното дело:

  • Кај Убиство, чл. 123 – се додава и „од омраза“, запретена казна најмалку 10 години затвор.
  • Кај Телесна повреда, чл 130, и тешка телесна повреда (чл.131) се додаваат и зборовите „од омраза“, запретени казни од 6 месеци до 5 години.
  • Кај Присилба, чл. 139, се додава зборот „од омраза“, запретена казна од 6 месеци до 3 години.
  • Кај Противправно лишување од слобода, чл. 140, се додава и од омраза, запретена казна од 6 месеци до 3 години.
  • Кај Мачење и друго сурово нечовечно или понижувачко постапување и казнување, чл.142, вметнат е зборот „или ако делото е сторено од омраза“, запретена казна од најмалку 4 години
  • Кај Загрозување на сигурноста, чл.144, се додаваат зборовите „или од омраза“, запретена казна од 3 месеци до 3 години.
  • Кај Спречување и смеќавање јавен собир , чл.155, се додадени зборовите „или од омраза“, запретена казна од до една година, а ако е службено лице од 3 месеци до 3 години)
  • Кај Силување, чл. 186, став 3 –, вметнато е „или од омраза“ и казната е 4 години
  • Кај Неукажување медицинска помош, Чл. 208 е вметната формулацијата „или од омраза“, казната во случај на смрт е од 6 месеци до 5 години
  • Кај Тешка кражба, чл. 236 и кај чл 237, разбојништво, чл 238 Разбојничка кражба – има вметнато став „од омраза“, казните се од една до 10 години.
  • Кај Оштетување туѓи предмети, чл. 243, вметант е ставот „од омраза’, казна од 6 месеци до пет години
  • Кај Изнуда, чл. 258, ставено е „или делото е сторено од омраза“, казната е 4 години затвор
  • Кај Насилство, чл. 386, ставено е „е сторено од омраза“, запретена казна од една до 5 години
  • Кај Сквернавење на гроб, чл. 400, ставено е „од омраза“, запретена казна од парична до 3 години
  • Кај Одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства, чл. 407-а, ставено е „со намера за поттикнување омраза“, запретена казна е од една до 5 години

 

ГОВОР НА ОМРАЗА

Дефиниции на говорот на омраза има повеќе и се издадени и од Совет на Европа и од ОБСЕ и од други меѓународни организации. Накратко говор на омраза би бил радикален говор пред се против групи, а не поединци или ако се навредува поединец за да се стигне до групата и кој содржи поттикнување и хушкање на насилство.

Говорот на омраза, иако не со тоа име, беше санкциониран во Кривичниот законик со Чл. 319.

Делото е насловено како „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, каде што запретената казна е од една до 5 години, а во случај на потешки последици дури до 10 години  затвор:

Тој што со присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста, излагање на подбив на националните, етничките, верските и други симболи, со палење, уништување или на друг начин оштетување на знаме на Република Македонија или знамиња на други држави, со оштетување туѓи предмети, со сквернавење споменици, гробови или на друг дискриминаторен начин, непосредно или посредно, ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години.

(2) Тој којшто делото од ставот (1) на овој член го врши со злоупотреба на положбата или на овластувањето или ако поради тие дела дошло до безредие и насилства спрема луѓе или до имотна штета од големи размери, ќе се казни со затвор од една до десет години.

Во Член 394-г е санкциониран и говорот на омраза преку компјутерски системи, но и преку средства за јавно информирање. Делото е насловено Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Запретената казна е од една до 5 години, а при потешки последици до 10 години.

Конечно постои дело Расна и друга дискриминација, нормирано во Член 417, каде што запретената казна е од 6 месеци до пет години, вклучувајќи го и оној кој врши прогонување на поединец или организација која се бори против дискриминацијата по која било основа.

Како што може да се види Кривичниот законик е доволно „опремен“ со членови кои го санкционираат и говорот на омразата и делата од омраза. Ефектите од вака запретените казни може да се почувствуваат во општеството само доколку обвинителствата и полицијата поефикасно си ја извршуваат работата

Сепак, секогаш треба да се внимава на балансот што мора да постои помеѓу уставно гарантираното право на слобода на говор и недозволениот говор на омраза, кој потоа може да создаде и криминал од омраза. Слободата на говор не смее да биде загрозена, исто како што и не смее да биде злоупотребувана.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.