Не е формиран регионален родов омбудсман

Фото: pexels.com

 

Ветување: Во првите 180 дена ќе предложиме создавање на институција – Регионален родов омбудсман кој ќе се грижи за реализација на политиките за еднакви можности на жените и мажите на Западен Балкан.

[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (стр.178 и стр.239); датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на  СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) дека во привите 180 дена од мандатот  ќе иницираат „создавање на институција – Регионален родов омбудсман кој ќе се грижи за реализација на политиките за еднакви можности на жените и мажите на Западен Балкан“,  досега (08.06.2018),  не  е исполнето.

Ова изборно ветување на социјалдемократите  е посочено  во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , на стр.239, во  „ПЛАНОТ 180 – ИТНИ РЕФОРМСКИ ПРИОРИТЕТИ НА НОВАТА ВЛАДА ВО ПРВИТЕ 6 МЕСЕЦИ“,  во делот „Надворешна политика, членство во ЕУ“.  Споменатото ветување го има најнапред во  поглавјето „Европска иднина и квалитетен живот“, во делот„Нова енергија за евроатлантските интеграции, каде на стр. 178  е запишано:

Како дел од новите регионални иницијативи на Република Македонија, ќе предложиме воспоставување на Регионален родов омбудсман кој ќе се грижи за реализација на политиките за еднакви можности на жените и мажите на Западен Балкан и создавање на Регионална политичка академија за градење капацитети на политичките партии, финансирана преку ИПА 2 при што ќе ја предложиме Македонија за нејзин домаќин.

Сосема истото ветување е наведено и во Програмата за работата на Владата ( 2017-2020 г.) на стр.14. А во октомври минатата година (2017), пет месеци по формирањето на Владата, ваквата  заложба ја истакна и премиерот Зоран Заев на панел-дискусијата на тема „Жените лидерки и нивното учество во политиката – пат кон еднаквостa“.  Во своето обраќање  Заев  тогаш употреби потполно идентична формулација како онаа во  Изборната програма и во Програмата на Владата:

Ќе предложиме воспоставување регионален родов омбудсман, кој ќе се грижи за реализација на политиките за еднакви можности, создавање регионална политичка академија за градење капацитети на политичките партии, финансирана преку ИПА, при што ќе предложиме Македонија да биде домаќин.

Сепак,  проверката на „Вистиномер“ покажа дека до моментот кога е пишуван овој текст  (08.06.2018),  ваквите заложби не се остварени.

Регионалниот родов омбудсман не се споменува во  отчетот  за работата на Владата во првата година од нејзиниот мандат, презентиран на 30.05.2018 година.

Исто така, досега нема информација дека се направни измени на Законот за народниот правобранител кои би биле во насока на формирање на ваква институција. Последните измени на овој Закон, усвоени во Собранието на 20 февруари 2018 година и објавени во „Службен весник“ бр.35/18,  се однесуваат на овозможување граѓанска контрола над работата на полицијата.

Од Канцеларијата на Народниот правобранител за „Вистиномер“ потврдија дека во рамките на нивната институција нема вакво тело, ниту пак, имаат сознанија  дека е покрената  иницијатива за негово формирање.

Таква информација не може да се добие ниту со детална проверка на интернет (преку Гугл и македонските агрегатори на вести).

Па,  имајќи ги предвид горенаведените проверки, како и фактот дека според плановите на  социјалдемократите,  иницијатива за формирање на „Регионален родов омбудсман“ требаше да биде покрената најдоцна до крајот на ноември 2017 година (со оглед на тоа што новата Влада предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година),  ова изборно ветување , го оценуваме како неисполнето

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска