Не е изграден ветениот универзитетски клинички центар во Скопје

Фото: Принтскрин mz.gov.mk

Ќе изградиме современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје кој ќе обезбеди високо квалитетни здравствени услуги на населението во целата држава.

 [ИЗВОРИзборна програма на СДСМ „План за живот во Македонија“, стр. 137 и стр. 253 , датум:декември 2016]  

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.), дека во првите две години по доаѓањето на власт „ќе изградат современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје кој ќе обезбеди високо квалитетни здравствени услуги на населението во целата држава“досега (27.06.2019) не е исполнето.

Ветувањето е дел од изборната програма „План за живот во Македонија“ и се споменува на две места. Најнапред тоа е наведено во поглавјето „Добро јавно здравство“ – Секундарна и терциерна здравствена заштита (стр.137), а потоа е дадено и во рамките на „Планот 24м – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“ (стр.253). Што значи, според рокот за реализација наведен во програмата, новиот универзитетски клинички центар требаше да биде изграден најдоцна до крајот на минатиот месец, со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, тоа досега (27.06.2019) не се случи.

Според последните најави, новиот клинички центар допрва треба да почне се гради во Општина Ѓорче Петров, на излезот од Скопје покрај обиколницата  во месноста  Веле Поле. Локацијата е со големина од 140 хектари, а новиот клинички објект се планира да се гради на 90 хектари. Проектот е вреден околу 400 милиони евра и ќе се финансира преку заем од Банката за развој при Советот на Европа.

Пред дваесетина дена (03.06.2019) Владата донесе Одлука да почне постапката за пренамена на земјоделско во градежно земјиште во Општина Ѓорче Петров за изградба на новиот Клинички центар. Очекувањата на Министерот за здравство Венко Филипче  се  дека новиот клинички центар би можел  да почне да се гради до крајот на годината, а прогнозите  се дека најрано може да биде готов во 2025 година.

 

КОЈА Е НАЈДОБРАТА ЛОКАЦИЈА ЗА НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР?

Во март минатата година (2018) министерот за здравство, Венко Филипче на прес-конференција во Владата, соопшти дека новиот клинички центар ќе се гради во Бардовци во близина на Психијатриската болница. Тогаш тој рече дека за неговата изградба се потребни околу седум години.

Очекуваме дека за две години, Општина Карпош и Градот Скопје ќе го подготват теренот за да се почне со изградба на габаритен објект кој би се градел околу пет години…

Филипче тогаш спомена дека постојат одредени финансиски обврски согласно претходно потпишаниот договор за изградба на Клиничкиот центар, но Владата ќе се обиде да се договори ново решение и да не се плаќаат пенали. Да потсетиме дека за новиот Клинички центар, претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ на 19.05.2017 година (десетина дена пред смената на власта)  потпиша договор за изградба на овој капитален здравствен објект  со фирмите изведувачи на работите: „Гранит“ и „Бетон“ од Македонија и италијанската „Инсо системи“. Според тогашните планови тој требаше да се гради на постојната локација на Клинички центар.

Актуелната Влада, пак, во јануари (2019) – една година по објавата дека новиот клинички центар ќе се гради во Бардовци, се откажа од оваа локација и сега оттаму тврдат дека најдобро решение е Ѓорче Петров.

Најидеална локација за изградба на новиот клинички центар е онаа во Ѓорче Петров блиску до обиколницата, а изградбата би требало да почне на крајот на оваа година,изјави, министерот за здравство Венко Филипче на гостувањето во емисијата „Топ Тема“(јануари 2019).

Во февруари министерот Филипче соопшти дека Владата ја донела Одлуката новиот клинички центар да се гради во Ѓорче Петров. Тогаш тој кажа дека се бодувале три локации – во Карпош (Бардовци), Ѓорче Петров и Петровец, при што експерсткиот тим донел заклучок дека Ѓорче Петров е идеалната локација поради земјиштето кое е целосно државно, местоположбата и цената на чинење која е пониска.

Имајќи го предвид сето ова, како и фактот што изборно зацртаниот рок за изградба на современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје“ , е поминат (31.05.2019), а во моментот кога е пишуван овој текст (27.06.2019) објектот воопшто не е започнат да се гради, туку има најави дека ќе  почне до крајот на годината и според проценките најрано би бил готов во 2025 година (го надминува мандатот на оваа Влада), ова  ветување на СДСМ го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.