Во Минесота сурогат мајчинството не е забрането, сурогат мајките и сега добиваат финансиски надомест

Saint Paul Фото Yinan Chen auf Pixabay

Носењето на законот со кој правно се регулира она што досега воопшто не било забрането во Минесота (сурогат мајчинството), а кое е водено од алтруистички цели, меѓу кои и тоа да му се овозможи на некој што не може да има дете да се оствари како родител, не е продавање и купување на луѓе. Жените кои во Минесота се сурогат мајки, добиваат финансиска надомест за тоа и сега, а за тоа постојат приватни агенции за посредништво кои им нудат на соодветните кандидатки кои ги исполнуваат условите финансиска надомест

 

Носењето на законот со кој правно се регулира она што досега воопшто не било забрането во Минесота (сурогат мајчинството), а кое е водено од алтруистички цели, меѓу кои и тоа да му се овозможи на некој што не може да има дете да се оствари како родител, не е продавање и купување на луѓе. Сурогат мајките во Минесота и сега добиваат финансиски надомест, а за тоа постојат приватни агенции за посредништво кои им нудат на кандидатките кои ги исполнуваат условите финансиска надокнада

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ужас… Американско евроспки сатанистички ,,демократски” вредности!!! Минесота, САД, 29 април 2024.

Предлог законот е усвоен! Замислете си каков човек треба да бидеш во главата за нешто вака болно да обмислите, па да го предложиш како предлог закон.

Е сега само сфатете дека најголемиот дел од нив што ги водат градовите или државите исти болесници и психопати бидејќи не само што го поддржаа предлогот туку го изгласаа во закон.

Вие што гласавте за ХДЗ дадовте глас на луѓе што наскоро ќе се согласат на ова, бидејќи тоа што се случува во Америка, брзо се случува и во Европа.

Врховниот психопат Урсула фон дер Лајен овој закон ќе го имплеменира и во твојата држава наскоро.

2024 година, изгласан е закон за легално продавање и купување луѓе!

Уживајте во демонската реакција, демократија.

Потоа се споделува видеоматеријал од 29 април 2024 година, од Минесота, од гласање за закон за правата и одговорностите поврзани со сурогат мајчинството и асистираната репродукција во Минесота, а во видеото пратеникот Валтер Хадсон Албертвил ги прашува демократите дали човековите битија се нивна сопственост, за да ги користат за продажба и купување. (“Are human beings yours to buy and sell? Are they? Can you answer that question?” Rep. Walter Hudson, R-Albertville, asked Democrats during a fiery speech on the House floor.)

Целиот закон може да го погледнете овде. Во него правно се дефинирани термини како донор на јајце клетка или сперма, асистирана репродукција, легален родител, генетско тестирање и така натаму. Во видеото од објавата што ја рецензираме, презентиран е говор на еден од претставниците во Претставничкиот дом на Минесота кои се противат на законот за сурогат мајчинство. Овој закон беше силно критикуван од религиозни групи и конзервативци, поради делот од законот во кој правно се регулира дека сурогат мајката може да биде платена преку договор.

Меѓутоа, во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот, прво зашто не е наведено за што станува збор, односно дека  се однесува на усвоен закон за сурогат мајчинство во Минесота. Од начинот на кој е презентирано видеото, се добива впечаток дека Минесота донела закон со кој прави продажбата и купувањето на луѓе да биде легална, што инсинуира на возрасни луѓе, односно не е воопшто објаснето.

Втората причина поради која во објавата се пропушта контекстот, е тоа што во Минесота и досега сурогат мајчинството не беше забрането, но уште повеќе, и досега на сурогат мајките им се плаќало за тоа што биле бремени, но сето тоа било правено во една законски нерегулирана средина, во смисла на тоа дека сè што не е забрането е дозволено.

Што се промени сега? Тоа што Претставничкиот дом на Минесота усвои закон за сурогат мајчинство, со 68 гласови за и 61 глас против. Во Минесота сурогат мајчинството во моментов е легално и без овој закон. Но, практиката постои како приватен ангажман, што значи дека правниот систем нема овластување да спроведува договори за сурогат мајчинство помеѓу поединци.

Дека сурогат мајчинството и без овој закон во Минесота е легално и дека сурогат мајките и без законот добиваат надомест, покажуваат бројните приватни агенции за посредување за сурогат мајчинство активни во Минесота со години.

Кога ќе се разгледаат веб-страниците на некои од овие приватни агенции кои посредуваат, се доаѓа до заклучокот дека процесот е прилично скап, од 150 илјади до 250 илјади долари, вклучува адвокатски трошоци, трошоци за да се плати сурогат мајката, здравствените прегледи итн. Исто така, мајките кои се сурогат мајки, за да аплицираат во програмите и да бидат земени предвид, мора да исполнуваат низа критериуми.

Како што наведовме, сите овие агенции постојат и сега, без законот да биде во сила, затоа што сурогат мајчинството во Минесота не е забрането. Со законот што е изгласан, тоа само ќе биде правно регулирано, но не е нешто што досега не постоело во оваа американска држава.

Професионалците за сурогат мајчинство и сега имаат воспоставено безбедни, договорени процедури за овој процес на градење семејство во државата. Парови и поединци од различни потекла, возрасти и сексуални ориентации користат сурогат мајчинство за да ги градат своите семејства. Тоа може да бидат двојки што се бореле со неплодност, родители што имаат генетски проблем или здравствена состојба што не сакаат да ја пренесат на детето итн.

На сајтот на една од агенциите пишува дека има различни програми за тоа колку чини програмата за сурогат мајчинство за двојката што има намера да добие дете на ваков начин. Бројките се од 157 илјади долари, кои покриваат здравствени трошоци, трошоци за адвокати, за сурогат мајката итн. Сурогат мајчинство со вклучено донирање на јајце клетка е 190 илјади долари итн. Тоа е, да повториме, јавно достапна информација и во овој момент кога законот не е на сила доколку се одлучи некоја двојка да добие дете со асистирано оплодување.

Во моментов во Минесота потребно е судот да издаде наредба по раѓањето, со која во изводот на родените на детето да се наведат планираните родители, што го одразува законското родителство. Во законот пак, кој се спори во објавата што ја рецензираме, наведено е дека оние родители што се планирани се всушност легални родители на детето, а не сурогат мајката, или пак, донорот на јајце или на сперма.

Жените кои се сурогат мајки во Минесота, мора да исполнуваат одредени критериуми, и сега, според законот, и претходно со години без законот. Тоа се: да имаат родено барем едно свое биолошко дете, да се на возраст меѓу 21 година и 44 години, да немаат досега комплицирани бремености и тоа да е докажано со медицинска документација, да имаат индекс на телесна маса под 33, да се државјани или постојани жители на САД со барем 2 години преостанат престој во САД и да не учествуваат во владини програми за социјална помош.

Во Минесота, да се носи дете за некој друг, значи и да се добие финансиска компензација. Оваа компензација се нарекува ,,компензација за сурогат мајчинство”. Јавните податоци покажуваат дека таа во агенциите кои се приватни и за посредување за сурогат мајчинство се од 55 до 65 илјади долари плус дополнителни бенефиции.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот. Носењето на законот со кој правно се регулира она што досега воопшто не било забрането во Минесота (сурогат мајчинството), а кое е водено од алтруистички цели, меѓу кои и тоа да му се овозможи на некој што не може да има дете да се оствари како родител, не е продавање и купување на луѓе. Сурогат мајките во Минесота и сега добиваат финансиски надомест, а за тоа постојат приватни агенции за посредништво кои им нудат на кандидатките кои ги исполнуваат условите финансиска надокнада.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција