Недоследно: Министерството за земјоделство настапува како партиски орган

Дали е министерство, дали е центар за комуникации? Фото: META

Министерството, се разбира дека има право да реагира на објави/изјави во јавноста за кои смета дека се невистинити или недоследни, но нема право самото да биде недоследно. Ова произлегува од фактот што Министерството е орган на управа и е дел од државната администрација, што значи, МЗВШ е државен орган.

 

 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, реагирајќи на написи објавени во интернет медиуми во врска со тендерите за чистење на одводните канали низ Македонија, го даде следново недоследно и непримерно соопштение, кое патем не може да се најде на нивната веб страница, а е објавено во повеќе медиуми:

Во врска со денешниот текст на интернет порталот „Фактор.мк“, „Кои фирми добивале пари за чистење на канали?“, кој потоа е преземен од други портали, а во кој се повторени клеветите, манипулациите и дезинформациите на СДСМ и на нејзиниот член на Извршен одбор Љупчо Николовски, министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е принудено повторно да ја потсети јавноста дека:

…Дополнително, симптоматично е тоа што во текстот на Фактор.мк (и во пренесените текстови во другите медиуми), постојано се потенцира една групација, а не се споменува дека, на пример во 2011, 2012 и во 2013 година, за голема сума на пари, каналите ги чистеше и фирмата блиска до кланот Заеви, АДГ ПЕЛАГОНИЈА СТРУМИЦА.

Како што може да се види од официјалните податоци АДГ ПЕЛАГОНИЈА СТРУМИЦА добила 5 (пет) тендери и на нејзината сметка, за исчистените канали се исплатени безмалку 36 милиони денари. Тоа е речиси 20% од сумата која е исплатена за чистење на канали во последните пет години, односно од, според СДСМ и нивните портали, „сомнително и незаконско исплатените околу 3,5 милиони евра“.

[Извор: Либертас, Датум, 07.09.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Соопштението/изјава на одговорните во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија е изрично и јасно недоследна и непримерна.

Министерството, се разбира дека има право да реагира на објави/изјави во јавноста за кои смета дека се невистинити или недоследни, но нема право самото да биде недоследно. Ова произлегува од фактот што Министерството е орган на управа и е дел од државната администрација, што значи, МЗВШ е државен орган. На државен орган не му е примерен речникот „кланот Заеви“, ниту, пак, тоа има некаква правна тежина кога се посочува компанијата АДГ „Пелагонија“ од Струмица.

Дополнително, симптоматично е тоа што во текстот на Фактор.мк (и во пренесените текстови во другите медиуми), постојано се потенцира една групација, а не се споменува дека, на пример во 2011, 2012 и во 2013 година, за голема сума на пари, каналите ги чистеше и фирмата блиска до кланот Заеви, АДГ ПЕЛАГОНИЈА СТРУМИЦА.

Покрај ова, во соопштението од Министерството, има уште една недоследност и непримерност. Министерството си дозволува, обраќајки се до политичката партија СДСМ, да ги оценува медиумите со следнава квалификација:

Тоа е речиси 20% од сумата која е исплатена за чистење на канали во последните пет години, односно од, според СДСМ и нивните портали, „сомнително и незаконско исплатените околу 3,5 милиони евра.

Недоследноста и непримереноста на квалификациите содржани во соопштението на Министерството произлегуваат од два ноторни факти. Првиот е дека партијата е одвоена од државата. Тоа се и уставни и законски одредби, а како проблем во Република Македонија се посочуваат и од домашната и од меѓународната јавност, особено во извештаите на Евроопската унија за напредокот на земјава во евроинтегративните процеси.

Со ваквиот говор во соопштението, кој без дилеми е идентичен со партискиот говор на владејачката партиија ВМРО-ДПМНЕ, прекршени се членовите 2 од два закона.

Државните службеници ги вршат работите поврзани со функциите на државата во согласност со Уставоот и со закон, професионално, политички неутрално и непристрасно (Закон за државни службеници)

Јавните службеници се лица кои вршат работи и работни задачи од јавен интерес во согласност со Устав и закон…, професионално, политички неутрално и непристрасно. (Закон за јавни службеници)

Втората констатација за недоследноста и непримереноста, пак, се базира повторно врз прописи, овој пат подзаконски прописи поврзани со етиката. Јавните и државните службеници имаат пропис за етички правила на однесување, донесен од надлежното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА), кој се наречени Кодекс на однесување на државни  и Кодекс на однесување на јавни службеници.

Кодексот за државни службеници во член 8 и во првите два става е дециден:

(1) Државниот службеник ги извршува службени должности и зацртаната политика на органот во кој е вработен на политички неутрален начин, не навлегувајќи во вредносно преиспитување на политичката исправноста на зацртаната политика.

(2) Државниот службеник нема да го застапува или изразува своето политичко уверување во вршењето на службените задачи….

Воедно, нарушени се и делови (став 2 и 3) од членот 14, кој го пропишува етичкото однесување на државните службеници кога комуницираат со јавноста:

(1) Државниот службеник во остварувањето на службената должност секогаш е отворен за комуникација со јавноста. (2) Државниот службеник ќе се воздржува од давање јавни изјави што се штетни за угледот на органот во кој е вработен или на државната служба во целина, притоа без да се наруши остварувањето на неговото право на јавно изразување на мислење. (3) Во комуникацијата со јавноста државниот службеник користи јасен и разбирлив јазик.

Слични одредби содржи и Етичкиот кодекс за јавните службеници. Поради изложените аргументи, соопштението/изјава од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е оценета како недоследна и непримерна.

 

Оцени: Тео Блажевски

ЛИНКОВИ: