Нема интерес за промена на изборниот модел во една изборна единица
Владејачката СДСМ даде ветување во предизборието во 2016 г., кое досега (30.10.2018) не е реализирано:
Ќе предложиме пратениците да се избираат по принципот на отворени листи, а Република Македонија да биде една изборна единица. На тој начин, секој глас ќе вреди подеднакво, а граѓаните директно ќе ги избираат своите претставници.
[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија (стр.231) – датум, 2016 година]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Оваа стара тема за политички дилеми во Македонија се најде и на предизборното мени на СДСМ, којa во 2016 година вети дека ако дојде на власт, веднаш ќе пристапи кон процедура за измена на изборнот модел. Ветувањето е дадено конкретизирано на стр. 231 од предизборната програма, во делот за итните реформи во првите шест месеци.
Година и половина подоцна може да се оцени дека ветувањето е нереализирано, иако, СДСМ имаше шанса за тоа пред некој месец, кога беа направени измени на Изборниот законик
Имено, Изборниот законик последен пат е изменет кон крајот на јули годинава (2018), но, иако се најде место и за промени од типот на финансирање на предизборни кампањи, каде што партиите си издејствуваа дека нивните кампањи ќе се плаќаат од Буџетот, не се најде место за промена на изборниот модел.
Кога започнаа преговорите меѓу работните групи за измени на изборното законодавство, СДСМ тврдеше дека останува на предлогот, но дека нема одговор од другата страна – ВМРО-ДПМНЕ, тогаш, иако во опозиција, сè уште најбројна политичка партија во парламентот.
Изборниот модел е од суштествена важност за демократската пракса во Република Македонија. Една изборна единица со отворени листи, со соодветен начин на пропорционално гласање и со соодветен изборен праг достижен за помалите партии, е модел кој ја поттикнува инклузивноста на различниот политички спектар, го мобилизира гласачкото тело и им овозможува на малите полтички партии или на независни кандидати да обезбедат место во Собранието на Република Македонија.
Постојниот модел, пак, им одговара само на големите политички партии. Оттука, СДСМ е во право кога вели дека не можат без другата страна да го променат моделот, но сега кога помина гужвата околу референдумот, можеби, како што е брифирано, треба да ги продолжат овие разговори кои се премногу важни за демократијата во РМ.
ИЗВОРИ:
- СДСМ – План за живот во Македонија (стр.231) – [Проверено на 30.01.2018]
- 24 ТВ – Заев предлага една изборна единица, Груевски класичен мнозински модел – [Проверено на 30.01.2018]
- Република – СДСМ е за една изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ засега молчи – [Проверено на 30.01.2018]
- Республика/блог – Ивана Туфегџиќ – Промена на изборниот модел – шанса за малите партии – [Проверено на 30.01.2018]
- Макфакс – Партиите се договорија за парите – за една изборна единица и отворени листи не им се брза – [Проверено на 30.01.2018]
Оценил: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар