Неопходен е подлабок поглед врз новите мерки за вработување на лицата со попреченост

Знакот не е од голема помош. Фото: minimalniemand, 2009
Знакот не е од голема помош. Фото: minimalniemand, 2009

 

Улогата на медиумите како контролори на власта е особено важна кога станува збор за мерки кои се однесуваат на вработувањето на лицата со попреченост, кои не се само прашање на демократија, туку и највисок облик на благородност и на хуманост.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевскаексперт за човекови права

 

Во медиумите е претставен Предлог-законот за вработување на лицата со инвалидност. Претставен е како позитивен исчекор во заштитата на правата на луѓето со попреченост и како обврска за претпријатијата (кои по пат на квоти ќе бидат обврзани да вработат луѓе со попреченост).

Главната содржина на медиумското известување ја сочинува изјавата на министерот за труд и социјална политика и неговото објаснување за добивките од донесувањето на новиот закон.

Во неколку медиуми (Фактор, Нетпрес) се направени анализи на предложените промени, а во повеќе медиуми се известува и за одржување на дебати во врска со предложените законски решенија.

Поттикнувањето на инклузијата на луѓето со попреченост претставува неверојатно позитивен исчекор во промоцијата и во заштитата на човековите права. Во тој контекст, големиот интерес на медиумите за презентирање на можните позитивни придвижувања во таа насока претставува корисна алатка во дисеминација на концептот на инклузија и незаменлива поддршка во надминувањето на стереотипите и на предрасудите поврзани со овие луѓе.

Дотолку повеќе, новинарите треба да ја испитаат, протресат, погледнат од сите страни секоја иницијатива која властите ја промовираат како промена што ги подобрува условите за практикување на правата и на слободите на луѓето со попреченост. Не за да ја оспорат потребата од позитивна акција, туку да утврдат дали навистина станува збор за вакво нешто, дали е обезбедено фактичко имплементирање на промените и дали, можеби, имало посоодветни решенија.

На кои прашања би требало да се задржи поопстојна медиумска анализа на предлогот за донесување Закон за вработување на лицата со инвалидност?

  1. Кои се причините за носење нов закон, наместо менување и разработка на постојниот (дали се направени истражувања и што покажале тие, кои норми биле несоодветни, а кои едноставно не се применувале во практика, …)?

 

  1. Дали е оваа законска понуда во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, според која обврска на државата е да овозможи

вработување на лицата со попреченост во јавниот сектор, а да промовира вработување на лицата со попреченост во приватниот сектор преку соодветни политики и мерки, вклучено и афирмативни акциски програми, поттик и други мерки

 

  1. Кои се аргументите изнесени против донесувањето на новиот закон (на пример, предлозите изнесени од работодавците), односно, дополнувањата дадени на јавните расправи (на пример, искажани од страна на националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – „Мобилност“) и колку тие загрижи ќе бидат адресирани во конечниот предлог?

 

  1. Дали овие промени ќе се рефлектираат и во промени на законите за основно, средно и за високо образование од каде што би требало да почне инклузијата и еднаквоста на шансите? Имено, рамноправното учество на пазарот на трудот, во голема мера е детерминирано од претходното образование и од стекнатите вештини. Во ситуација кога најголем дел од децата со попреченост немаат шанси да посетуваат редовно образование, тие автоматски стануваат неконкурентни и се задржуваат само на пониски работни позиции.

 

  1. Дали квотниот систем е најдобриот начин на инклузија? Зошто не се употреби, на пример, системот на позитивна акција (слично на решенијата во Законот за еднакви можности на жените и мажите)? Тоа би значело дека при секој конкурс за вработување доколку за исто работно место конкурираат луѓе без и со попреченост, а за извршување на соодветната работа попреченоста не претставува суштинска пречка, предност да биде дадена на луѓето со попреченост).

 

  1. Кои мерки ќе ги преземе државата за поддршка на една ваква законска промена, односно, што ќе направи државата за обезбедување на таков вид мобилност за луѓето со попреченост, која ќе им овозможи доаѓање до работните места. Новинарите би требало да се заинтересираат како мисли државата да ја исполни обврската преземена врз основа на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, а според која:

Со цел да им се овозможи на лицата со попреченост да живеат независно и во целост да учествуваат во сите аспекти на животот, земјите учеснички преземаат соодветни мерки за да им обезбедат на лицата со инвалидност пристап, на еднаква основа со другите, до просторната околина, транспорт, информации и комуникации, вклучувајќи и до информатичките и комуникациските технологии и системи, како и до други капацитети и услуги отворени или обезбедени за јавноста, во урбаните и во руралните области.

Електронските медиуми повторно пропуштаат да ги искористат предностите на интернетот и да понудат линкови до текстот на предлог-законот и до различните мислења изнесени во текот на јавната расправа.

Со тоа што медиумите едноставно ги пренесуваат изјавите на министерот за труд и социјална политика, без да прашуваат, без да „копаат“ подлабоко во материјата и да ги адресираат контрадикторните информации, тие се претвораат во трансмитери на пораките на власта и се откажуваат од својата улога на контролори на власта, што е особено важно кога станува збор за ваков вид проблематика, која не е само прашање на демократија – туку и највисок облик на благородност и на хуманост.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција