Закоравени десничарски групи со дезинформации ги бранат семејните вредности

Фото: Gerd Altmann Pixabay

Демохристијанската идеологија интензивно ги пушта своите корени и во македонското пост-ковид општество, во време кога се создаде плодна почва за антиваксерски движења и сеење дезинформации за последиците од ковид вакцините. Во барабанот на дезинформациите се најдоа разни теории на заговор, но и предупредувања за „увоз на опасни западни вредности“ со цел уривање на нашите традиционални семејни вредности. Во таа смисла се туркаат приказните дека децата се колатерална штета во намерата на власта преку законски измени да ги озакони истополовите бракови, како и тоа дека ЛГБТИ+ заедницата како малцинство ја наметнува волјата над мнозинството. Овие антиродови групи претставени преку некои граѓански здруженија, неформални групи, иницијативи и десничарски политички партии, не се автентично македонско движење, туку дел од мрежата на конзервативните, па дури и радикални движења во светот, кои преку дезинформации директно се насочени кон уривање демократските процеси во општествата

Демохристијанската идеологија интензивно ги пушта своите корени и во македонското пост-ковид општество, во време кога се создаде плодна почва за антиваксерски движења и сеење дезинформации за последиците од ковид вакцините. Во барабанот на дезинформациите се најдоа разни теории на заговор, но и предупредувања за „увоз на опасни западни вредности“ со цел уривање на нашите традиционални семејни вредности. Во таа смисла се туркаат приказните дека децата се колатерална штета во намерата на власта преку законски измени да ги озакони истополовите бракови, како и тоа дека ЛГБТИ+ заедницата како малцинство ја наметнува волјата над мнозинството. Овие антиродови групи претставени преку некои граѓански здруженија, неформални групи, иницијативи и десничарски политички партии, не се автентично македонско движење, туку дел од мрежата на конзервативните, па дури и радикални движења во светот, кои преку дезинформации директно се насочени кон уривање демократските процеси во општествата

 

Пишува: Весна Коловска

 

Измените на два закона – на Законот за матична евиденција и на Законот за родова еднаквост повлекоа лавина од дезинформации и конфузија во македонското општество. Социјалните мрежи станаа алатката која обилно се користи за да се порачаат сосема произволни тврдења дека законските измени ја „загрозуваат безбедноста на девојчињата, бидејќи правното менување на пол само со изјава на нотар би овозможило инфилтрирање на мажи со криминална историја во интимните женски простори (болнички соби, старски домови, бањи, јавни тоалети, спортски соблекувални и сл.) и би предизвикало драстично зголемување на стапката на сексуални напади“.

Повеќе граѓански здруженија, неформални групи, иницијативи, верски организации и десничарски политички партии обединети во Коалицијата за заштита на детето шират страв и паника, пренесувајќи приказни од светот со сведоштво за наводно насилна и несвесна промена на полот кај децата и младите. Дел од овие наводи се проверени и верификувани како дезинформации од страна домашните и странските проверувачи на факти.

Тезата е дека децата и семејството се загрозени со давањето права на трансродови лица и ЛГБТИ+ заедницата, додека воведувањето на сексуалното образование во училиштата ја протнува идејата дека „има безброј полови /родови (не само машки и женски) и тие може да се менуваат“.

Демохристијанската идеологија интензивно ги пушта своите корени и во македонското пост-ковид општество, во време кога се создаде плодна почва за антиваксерски движења, засилени со приказни за последиците од вакцините.

Движењето доби на силина со придржувањето на јавни личности, свештеници, доктори и политичари.

 

Што, всушност, предвидуваат законските измени?

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска рече дека двата документа се несреќно споени и во перцепцијата и во законската постапка, што дополнително ја сензибилизира јавноста.

Предлог на закон за дополнување на Законот за матична евиденција овозможува на секој граѓанин со наполнети 18 години, кој не е во брак, само со нотарски документ да има право на промена на полот и негово законско признавање. Тоа лице ќе може да ја смени ознаката за пол во матичните книги и на тој начин државата ќе му го препознае вистинскиот пол, што сега не е случај. Ова засега неколку десетици трансродови лица. Досега, 14 транс лица успешно ги завршиле постапките за правно признавање на родот, почнувајќи од 2017 година.

Опишувајќи ја важноста од правно признавање на родот, седумте пратенички (Маја Морачанин, Снежана Калеска, Санела Шкријел, Даниела Николова, Моника Зајкова, Маја Костадинова и Љатифе Шиковска) кои се предлагачи на измените на Законот за матична евиденција, се повикуваат на меѓународните стандарди за човекови права, кои го признаваат правото на лицето на родов идентитет. Почитувањето на родовиот идентитет вклучително и право на правно признавање од страна на државата е дел од правото на приватен живот, кое што се гарантира со Уставот на Република Северна Македонија и меѓународните конвенции за човекови права.

Транс луѓето имаат неусогласен родов идентитет со впишаниот пол во матичната евиденција при раѓањето. Оттука, постои потреба од усвојување на законски одредби со кои јасно ќе се пропише постапката преку која транс луѓето ќе можат да го оставаат правото на правно признавање на родот. Правното признавање на родот е процес во кој поединецот може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин државата да го признае неговиот вистински род, пишува во Предлог – измените.

Предлагачите се повикуваат на правото на транс луѓето да добијат документи кои ќе го рефлектираат нивниот родов идентитет, што е клучно за тие да можат да функционираат соодветно во општеството и да бидат заштитени од низа повреди на човековите права. Тука спаѓаат заштита од дискриминација при вработувањето, во образованието, здравството, социјалната заштита, при пристапот до добра и услуги од приватен или јавен сектор, како и заштита од физичките и вербалните напади.

Измените откако беа повлечени,  во јуни 2023 година повторно се вратени во собраниска процедура.

Во предложените измените на Законот за родова еднаквост меѓудругото се дефинира  дека „родовиот идентитет“:

Се однесува на внатрешното и индивидуално доживување на сопствениот родот што секое лице длабоко го чувствува за себе, што може но и не мора да содејствува на полот што му е определен при раѓање, како и личното доживување на сопственото тело и поинакво изразување на родот, вклучително име, облека, говор, манири и друго

Со предложените измени се дефинира и дека „лице со разновидни родови идентитети“.

Е секое лице кое не се идентификува во бинарните идентитети на жена или маж, а ги опфаќа и трансродовите лица, транссексуалците, интерсексуалците и родово небинарните лица.

Припадниците на антиродовите движења излегоа со ставови во јавноста дека родовиот идентитет е нешто ново, што ни се наметнува, но факт е дека поимот се применува уште од 1995 година, со усвојувањето на Пекиншката конвенција, а подоцна имплементирана преку повеќе закони и документи. Последниот е Стратегијата за родова еднаквост 2022 – 2027, усвоена во јули 2022 година и се применува од локално до централно ниво.

Законските измени за родова еднаковст се повлечени на доработка и сè уште не се влезени во собраниска процедура.

 

Хомофобија и говор на омраза кон различностите

Во нашата македонска реалност овие две законски измени станаа тоа што за Србија беше организирањето на „Еуропрајд“ – Парадата на гордоста во 2021 година во Белград, кога српската престолнина беше избрана за одржување на најголемата меѓународна парада на гордоста во Европа.

Тоа беше обединувачкиот момент на десничарските и христијанско – конзервативните движења и уште толку ги засили. Обединетото движење не успеа да ја сопре Парадата на гордоста на улиците на Белград, но обезбеди гласови за партиите, дел од оваа коалиција, кои ги поддржаа и ги делат конзервативните ставови. Партиската коалиција НАДА, која настана во 2021 година на парламентарните избори следната година успеа да освои 15 места во српскиот Парламент со 250 членови. Со 23 места оваа десничарска коалиција евроскептици, составена од 4 политички партии е застапена во Собранието на Војводина и локалните Собранија во Белград и Нови Сад. Нивната идеологија е национален конзерватизам и милитаризам, се залагаат за воведување на монархија. Нивното мото е „Да живееме нормално!.

Особено илустративен е наративот на групата „Против новиот светски поредок“, преку објавувањето на приказни, вести, теории на заговор, сведоштва против вакцините, трансродовите лица, со изразена хомофобија и говор на омраза кон малцински групи.

Да ги отвориме очите и да се спротивставиме на злото, да се запознаеме со суровата вистина и да заборавиме на шарените лаги засекогаш е мотото на делувањето. („Против новиот светски поредок)

Во една од објавите авторот на постот споделува фотографија од изгледот на градот што падна пролетта во Србија со констатација:

Некој очигледно решил да си игра Бога и создал мразулци во облик на човечко око. Дали ЦЕРН си поигрува со човештвото?

Идентично како и во Србија и во Бугарија овие групи се обединети околу Маршот за семејството што е годишен настан за „заштита и афирмација во општеството на брак само помеѓу маж и жена и на традиционалното бугарско семејство составено од мајка, татко и деца“. Меѓу другите активности, иницираа петиција „против хомосексуалната пропаганда и за ограничување на јавните рекламни кампањи на ЛГБТ организациите во Бугарија“.

Икона на овие движења е Мет Волш, конзервативен политички блогер, кој во 2022 година од The New Republic го доби признанието за трансфоб на годината. Волш ја демонизираше Детската болница во Бостон со лажни тврдења за нејзината програма за грижа за потврдување на полот. Болницата, како што пишуваа медиумите, добила закана со бомба, неколку дена откако пријавила „голем обем“ на вознемирувачки пораки и телефонски повици со закани кон нејзиниот персонал.

Во тесна соработка се повеќе православни организации, движења и информативни интернет страни, како и фејсбук групи. Коалициите во регионот се речиси идентични по состав – регистрирани граѓански организации, граѓански движења и иницијативи, Фејсбук групи и политички партии, познати антиваксери и религиозни групи – сите се обединети околу светски познатите организации Family Watch International и Alliance Defending Freedom.

Ова се десничарски христијански организации кои се залагаат за забрана на абортусот, хомосексуалните бракови, правото на транс луѓето да го променат својот пол/ознака за пол на документи итн…

 

Наративи од руската дезинформациска кујна

Анализирајќи ги овие движења, српскиот социолог и универзитетски професор Алексеј Кишјухас спојот на овие граѓански движења со православни групи го гледа во, како што пишува „вредности, односно наративи кои се измислени многу неодамна, и тоа во Русија на Владимир Путин, односно во неговите фабрики за дезинформации и лажни вести.

Во 2013 година, Русија го усвои законот со следниов наслов: „Закон за заштита на децата од информации кои се залагаат за негирање на традиционалните семејни вредности“, со кој се криминализираат човековите права и културата на ЛГБТ лицата. Во овој поглед, самиот Путин (лажно) тврдеше дека Западот ги укинува концептите „мајка и татко“ и ги замени со „родител 1 и 2“ (дали сме слушнале за оваа дезинформација и зошто сме?). Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров тврдеше (исто така лажно) дека студентите на Запад учат дека Исус од Назарет бил бисексуалец. Со други зборови, задолжителната одбрана и заштита на традиционалните семејни вредности е всушност само паметно име за – пропагандна војна против Западот и западните слободи. Русија на Путин се претставува на глобално ниво како бастион на традиционалните вредности и патријархалните родови улоги, односно како контрапункт на моралната декаденција на Америка и Западна Европа. И затоа на митинзите низ Белград се носат руски знамиња или знамиња со ликот на Путин, напиша Кишјухас во колумна за весникот „Данас“.

Дезинформацискиот терк е ист. Западот и ЕУ ни го уништуваат семејство и нашите традиционални вредности. Во една од циркуларните регионални дезинформации се тврди дека европските држави дозволуваат промена на пол кај деца од 8 годишна возраст. Проверката на факти на Вистиномер утврди дека не постои земја во Европа каде операциите за промена на полот се дозволени на 8 годишна возраст. Возраста за ваква операција без потребата да се согласи на неа родителот е 18 години, а во две земји над 16 години, но со родителска согласност.

Во друга дезинформација се вели дека 16 годишниците во Шкотска можат ако сакаат на секои три месеци да го менуваат полот. Ова не е точно, при аплицирањето за промена на полот се дава и заклетва дека лицето има намера да остане во стекнатиот пол до крајот на својот живот.

Во обид да се прикаже колку ниско одат либералните европски вредности, на социјалните медиуми е објавена фотографија од сликовница по сексуално образование со тврдење дека во Германија децата од мали нозе учат за сексот.

При дебанкирањето, е утврдено дека сликовницата не е учебник кој се користи во официјалната наставна програма во Германија, туку има едукативен карактер и е наменета за родители, старатели и воспитувачи како прирачник на тема сексуално образование.

Во серијата написи пренесени од регионот и кај нас лажно се тврди дека граѓаните на Европа ќе јадат инсекти, дури и против нивната волја; дека ЕУ има агенда да го уништи земјоделието и сточниот фонд до 2030 година; дека Германија излегува од ЕУ, која е пропаднат проект и ја враќа марката како валута.

На домашен терен се следи овој наратив. По пример на некои западни демократии и во Скопје се рашири паника дека на ученици од училиште во општината Аеродром им било дадено задача да се облечат како спротивниот пол и дека на тој начин во училиштата во Македонија се спроведува некаква агенда за „Gender Swap Days“ или „Gender Bender Days“, воведени „со цел да се урнат старите традиционални норми“. Од Општина Аеродром ги демантираа ваквите информации напоменувајќи дека станува збор за активност која е предложена од страна на учениците. Но, оттаму посочуваат, дека по разгледувањето на предлозите од страна на раководството на училиштето, а по консултација со надлежните служби во општината, донесена е одлука планираните активности да бидат модифицирани и од нив да бидат прифатени само оние кои се соодветни на образовниот процес.

Во друга дезинформација се тврдеше дека децата уште во градинките ќе учат сексуално образование. Ваквите информации за „Вистиномер“ ги демантираа од МОН и од ХЕРА. Предлог наставната програма по Сеопфатно сексуално образование (ССО) е само за ученици од 9-то одделение и тоа засега е само во четири основни училишта.

Стравовите за родово редефинирање на општеството создадоа неприродни сојузи, плодна почва за теории на заговор и ширење на стравови. Првите општини каде се смени и терминологијата во општинските документи од „родова рамноправност“ во „права меѓу мажите и жените“ се Струмица, Ново Село и Гевгелија, а кон крајот на јули 2023 година на овој список на општини се придружија и општините Дојран и Василево. Идентична одлука без расправа донесе и Советот на Општина Охрид.

Прогресивните граѓански движења предупредуваат дека овие наративи, следени со наплив од дезинформации меѓу десничарски движеа водат кон губење на веќе извојувани права. Јавните дебати за улогата на жената поттикнуваат редефинирање на улогата на жената, нејзиното право на абортус, на работа и плата, односно спротивно на сè она што го претставува партијархатот.

Дезинформациите со несанкционираниот говор на омраза создава плодна почва за насилство, што се гледа и низ наративите во социјалните медиуми кои особено се штетни. Автори се истите групи кои ги поддржуваат и закоравените традиционални норми.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција