Невистина: Заев повторно избега и успеа да го одложи судењето

Прес-конференција на Зоран Илиоски Фото: Скриншот

 

Заменик координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски на прес-конференцијата на 03.03.2016 година изјави:

Oбвинетиот Зоран Заев денеска повторно успеа да избега и да го одложи судењето во кое требаше да се појави како обвинет за земање поткуп од 100 000 евра кои требале да бидат исплатени во менувачницата на Вицето.

[Извор: Курир  (од 0,15-0,22 минута од видеото) , Датум: 03.03.2016, ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ваквата изјава на Илиоски е проблематична и не ја прикажува вистината. Имено, лидерот на СДСМ, Заев дојде на споменатото судско рочиште, а отсутни беа беговите адвокати. Ова може да се провери и во извештатите во дел од медиумите.

Новинската агенција „Мета“, пренесе:

Денешното (03.03.2026) рочиште за случајот „Поткуп“, во кое е обвинет лидерот на СДСМ, Зоран Заев, повторно се одложи бидејќи во судницата не дојдоа двајцата адвокати на одбраната. Како што рече судијката Дијана Груевска-Илиевска, адвокатот Филип Медарски го известил судот дека деновиве е на службен пат во Браселона, за што доставил копија од авионски билет, додека другиот адвокат, Ване Андреев, морал неодложно да патува за Грција.

Заев, кој се појави на денешното рочиште, пред судот кажа дека до последен момент се надевал дека барем еден од адвокатите ќе дојде, поради што не побарал друга одбрана

Утрински весник“ напиша:

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се појави на денешното продолжение на судскиот процес за случајот наречен „Поткуп“, но рочиштето не се одржа бидејќи неговите адвокати не се појавија во скопскиот кривичен суд.

Судијката Диана Груевска-Илиевска рече дека адвокатот Филип Медарски го оправдал своето отсуство писмено и со копија од авионски билет за лет до Барселона, а адвокатот Ване Андреев во средата испратил допис до судот во којшто навел дека итно мора да замине за Грција. Судењето е презакажано за втората половина на април, но со обврска адвокатите да го оправдаат нивното денешно отсуство.

Според Законот за кривична постапка во член 351 стои:

Одлагање на одржувањето на главната расправа

(1) Претседателот на советот може со решение по образложен предлог на странките да го одложи денот на одржувањето на главната расправа.

(2) Главната расправа може да се одложи и по службена должност поради здравствени или други оправдани причини.

(3) Причините за одлагањето и образложението за нив се внесуваат во наредбата за одлагање, односно записникот.

Во член 370 е наведено:

Причини за одлагање на главната расправа

(1) Судот одлучува за одложувањето и прекинувањето на главната расправа.

(2) Надвор од случаите посебно предвидени во овој закон, по барање на странките, бранителот или по службена должност, главната расправа ќе се одложи со решение на претседателот на советот ако е потребно подолго време за прибавување на нови докази, или ако во текот на главната расправа се утврди дека кaj обвинетиот по стореното кривично дело настапило душевно заболување или душевно растројство или ако постојат други сериозни пречки за одржување на главната расправа.

(3) Главната расправа се одложува само за време колку што трае пречката, односно причините што довеле до одлагање, а претседателот на советот е должен секој нареден месец да го известува претседателот на судот за тоа дали сé уште постоjат причините за одлагањето. Претседателот на судот ќе презема потребни мерки за забрзување на постапката.

(4) Во решението со кое се одлага главната расправа по правило ќе се определи денот и часот кога главната расправа ќе продолжи. Со истото решение претседателот на советот ќе нареди да се обезбедат доказите кои може да се изгубат или уништат поради одлагањето на главната расправа.

(5) Против решението од ставот (4) на овој член не е дозволена жалба.

Од ова може да се заклучи дека изјавата на Зоран Илиоски, во која вели дека  „Заев  повторно успеа да избега и да го одложи судењето“ е невистинита.

ЛИНКОВИ:

Курир (03.03.2016):Илиоски: Заев денеска повторно го избриша подот со македонските судови, поигрувајќи се со законите и Уставот [Пристапено на 04.03.2016]

Закон за кривична постапка [Пристапено на 04.03.2016]

Утрински весник (03.03.2016) ОДЛОЖЕНО РОЧИШТЕТО ЗА „ПОТКУП“, ЗАЕВ ТВРДИ ДЕКА Е НАМЕСТЕН [Пристапено на 04.03.2016]

 

Оценето од: Владе Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар