Никола Груевски: Екстерното тестирање во високото образование е манипулација на опозицијата

Никола Груевски | Извор: Курир

„Екстерно тестирање во високото образование не се планира и нема да има. Екстерното тестирање е она што го знаeме од основните и средните училишта. Тоа е за наставниците, дали дале реална оцена на ученикот.  Кај државниот испит, фокусот е друг. Тука професорот нема никаква врска. Нема ни казна, ниту никакви реперкусии за професорите. Фокусот е на тоа да има осигурување дека студентот научил најмалку за 6-ка.  Да значи дека дошол до минимум знаење по сите предмети кои ги положил“, изјави пемиерот.

 Притоа тој нагласи дека овој концепт, доколку биде усвоен, ќе важи за студентите кои допрва ќе се запишат, а не за оние што веќе се на универзитетите. Затоа, за него е нејасно незадоволството и протестите на студентите.

„Мислам дека политиката ги вади студентите на улица.  Опозиционата партија СДСМ, според наши информации, беше силно фокусирана да излезат студенти, особено на факултетите во Скопје, како Правниот, Економскиот, а особено на Архитектура каде некои професори по списоци ги поттикнувале студентите да излезат на протест. И тоа е дел од плурализмот, иако не е етички како за професор некој тоа да го прави“. 

Никола Груевски | Извор: Курир
Никола Груевски | Извор: Курир

Образложение:

На 3 октомври  министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми на прес-конференција најави две новини кои се планираат во високото образование – државен испит по втора и четврта година на студиите и приемен испит за странските студенти.

„Државниот испит ќе важи за сите студенти во Република Македонија – и од државните и од приватните универзитети. Испитот ќе се спроведува двапати – првиот кога ќе завршат втора година и ќе имаат прашања од сите предмети кои дотогаш ги полагале, и по четврта година со базен прашања од трета и четврта година. Со ова сакаме да изградиме механизми за следење на квалитетот на високото образование и механизми, со кои диплома ќе добиваат само оние кои заслужиле и високото образование да не се сфаќа како бизнис, туку како наука. Сакаме испитот да биде двапати за студентот ако не положи по втора година да знае дека не може да продолжи понатаму, да не троши време, ниту пари “.

На 5 октомври  24 Вести пренесе реакција од СДСМ:

„Власта системски го уништива образованието. По основците и средношколците,  на ред дојдоа и студентите врз кои ќе се вршат неуспешни експерименти. Новите законски измени кои предвидуваат воведување на државни испити за студентите не се случајност“.

На 6 октомври НОВА пренесе реакција на ВМРО-ДПМНЕ:

„Идејата на предлогот кој СДСМ го напаѓа, е да се направи голема база на прашања, врз основа на наставната програма по предметите кои самиот универзитет ги пријавил во телото за акредитација како наставна содржина, од кои прашања дел ќе им се паднат на студентите при полагање на испитот“.

На 6 октомври 2014 година поратлот Фактор објави:

„Студентите се категорично против одлуката за измени во Законот за високо образование, со кои ќе се воведат државни екстерни тестови и на крајот на втората и четвртата година од студирањето.

Притоа, овој медиум се повикува на  анкетата што во текот на викендот ( 4 и 5 октомври 2014 година )ја спроведе порталот Факултети, која покажува дека бројот на студенти кои не се согласуваат со оваа одлука е значително поголем од оние кои ја поддржуваат. Поточно, од вкупно 3703 само 277 (7%) читатели сметаат дека полагањето државен испит во текот на студиите е праведно, додека останатите 3426 (93%) се против ова и не го прифаќаат.“

На 7 октомври порталот Курир пренес изјава на министерот за здравство Никола Тодоров:

 „Со екстерно во високото образование државата наоѓа механизам за идентичен квалитет.На медицинскиот факултет студентите веќе полагаат екстерни тестови на крајот на втора и четврта година високо образование“

На 21 октомври порталот Нетпрес информираше:

Македонската Влада во моментов размислува за воведување на државен испит во високото образование иако низ медиумите се пишува дека тоа е екстерно тестирање.

„Во светот има различни примери. Да речеме, екстерна евалуација има во Данска, Британија, Австралија. Вишеградската група применува државен испит. Во овој момент размислуваме повеќе за државен испит меѓутоа се уште сме отворени да ги чуеме размислувањата на сите оние кои имаат интерес да се вклучат во една јавна дебата. Министерството веќе започна јавни дебати со студенти, професори. Решението не е конечно, но она што е дефинитивно е дека нешто мора да се промени затоа што имаме цели универзитети каде проодноста на студентите е без доволно знаење“ изјави премиерот.

На 22 октомври 24 Вести пренесе изјава на Адеми:

„Начинот  на кој ќе се проверува знаењето на студентите не е конечен и ќе биде дефиниран откако надлежните преку јавни дебати ќе го чујат мислењето на академската заедница и студентите.“

На 22 октомври  Фокус обави дека

По најавата за екстерно тестирање на студентите, во втора и четврта година, студентите се организираа и најавија дека вечерва (22.10)во 18 часот ќе кажат „Стоп за екстерното тестирање“. Местото на собирот ќе биде на платото меѓу Филозофски, Економски и Правен факултет, односно пред споменикот на Св. Кирил и Методиј.

На 22 октомври 24 Вести јави:

Студентите се пишманија – го откажаа протестот што го организираа преку социјалните мрежи. Збунети од присуството на медиумите, пред камерите не сакаа да зборуваат, иако прво најавија изјава, потоа се премислија.

Во неформален разговор објаснуваат дека не станува збор за протест туку, за дебата на која ќе градат став како ќе дејствуваат понатаму

На 22 октомври Радио Моф објави:

Собирот се одржа пред споменикот „Св. Кирил и Методиј“, на платото на УКИМ каде присуствуваа повеќе од педесет студенти. Одбија да даваат изјави за медиумите. Единствено поделија соопштение со кусо образложение за целта на собирот. Реагираа и на обидите на новинарите да направат фотографии од настанот, единствено објаснуваа дека уште било рано да излезат со конкретен став за екстерното за студентите. Протестот како крајно решение.

На 27 октомври Сител објави:

„Министерот за образование Адеми вели дека екстерна проверка на знаењето на студентите ќе има,  ќе се дискутира само за моделот.“

На 27.10.2014 24 Вести пренесе:

Екстерното тестирање за студентите не треба да биде прифатено со негативни реакции без претходно добро да се разработи во која форма може да се реализира, смета министерот за образование, Абдулаким Адеми.

На 29 окромври порталот Фактор објави:

Студентите денеска го одржаа вториот собир против плановите за воведување на екстерно тестирање во високото образование. Најавија дека ќе побараат од професорите да застанат зад нивната иницијатива и да се спротивстават на државните тестови на факултетите.На средбата што се одржа пред факултетот за Елекротехника и информациски технологии студентите истакнаа дека воведувањето на екстерно тестирање е неуставно и се коси со „Болоњскиот кредит трансфер систем“. За собирите студентите се организираат преку социјалната мрежа Фејсбук.

На 30 октомври Македонската радио-телевизија информтираше:

Есктерното за студентите на јавна дебата. На заедничка маса, инстутициите и невладини организации. Од Младинискиот образовен форум (МОФ) сметаат дека не е потребен ваков метод на оценување кога веќе постои тело што врши евалуација на работата на универзитетите. Според нив, наместо студентите да се оценуваат, подобро е да се утврди каде е проблемот и да се дадат препораки за негово решавање.

Истиот ден Порталот Прес 24 пренесе изјава од министерот Адеми дадена на трибината: „Екстерното тестирање на студентите: предизвиците и можностите

„Нашиот високообразовен систем е квалитетен, но сепак е потребно да се надградува и да биде во чекор со светските образовни трендови. Еднаш поставените стандарди не значи дека не треба да се менуваат. Ваква реформа одамна се спроведува во повеќе земји во светот кои водат сметка за квалитетот на високото образование,“ истакна министерот Абдилаќим Адеми.

И порталот Нетпрес ја пренесе изјавата на Адеми

„Ваквите настани се она за што се залагаме – јавни дебати на кои сите засегнати страни ќе дадат предлози кои ќе помогнат да се најде најдобриот метод за спроведување на екстерната евалуација на знаењето на студентите, кое, како реформа во многу ќе го подобри квалитетот на високото образование во земјата“

На 31 октомври НОВА извести дека:

„Со масовен собир студентите  пред Ректоратот на УКИМ побараа Универзитетот да излезе со официјален став во врска со екстерното тестирање и да им даде поддршка во идејата да се запре ваквата реформа. Студентската иницијатива за одбрана на правата на студентите „Студентски пленум“ побара на денешната седница на Сенатот да се разгледа прашањето за екстерното тестирање.“

На 4 ноември Радио МОФ објави:

Стотина студенти се собраа пред Архитектонскиот факултет во Скопје на третиот Студентски пленум, на кој се разговараше за најавата на Министерството за образование да воведе екстерно тестирање во високото образование. Под мотото „Не ведни глава , придружи се!“, студентите уште еднаш го повторија својот став дека не го сакаат новиот тест на факултетите

На 6 ноември порталот Окно објави:

Студентската иницијатива „Студентски пленум“ на 04.11.2014 (среда) постави табли на патот кон средно Водно со цел потсетување на Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ дека треба да заземе проактивен став на темата државен испит, најавена од министерот за образование и наука, Абдулаким Адеми.

На 6 ноември Фокус објави соопштение од студентската иницијатива  „Студентски пленум“:

„Студентскиот парламент на универзитетот, наместо само да организира забави и манифестации, треба посериозно да почне да ги преставува интересите на студентите.Сметаме дека е поразително што официјалната студентска организација, која се финансира директно од финансиските средства на студентите кои студираат на факултетите при УКИМ преку ставката ИКСА, досега не застана на страна на студентите кои бараат да не се воведе екстерен испит, кој само дополнително ќе ги оптовари студентите и ќе ги спречи оние кои нема да прикажат позитивни резултати да го продолжат своето студирање“

На 12 ноември Радио МОФ информираше за Четвртиот студенстки пленум кога беше најевен студентскиот марш

Повикуваме сите граѓани кои ја поддржуваат иницијативата на 17-ти ноември во 12 часот пред платото на УКИМ да излезат и да маршираме заедно за своите права. Присутните ќе тргнат од Ректорат, ќе поминат покрај зградата на Владата на Република Македонија, а конечната дестинација ќе биде Министерството за образование и наука. По пат симболично ќе го „погребаат“ Студентскиот парламент на УКИМ. Велат дека се надеваат дека на маршот ќе има голем одѕив, и повикуваат на солидарност од сите граѓани кои се против екстерното тестирање во високото образование. „Не мора да бидете студенти за да нѐ поддржите. Секоја поддршка ни значи“

На 17 ноември Вечер пренесе:

„Над две илјади студенти  кажаа „Не за екстерното тестирање“ за високото образование кое е предвидено со новото законско решение, со маршот кој започна пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, минувајќи ја стоковната куќа „Мост“, па до Владата и завршија пред Министерството за образование и наука“.

На 17 ноември Република пренесе:

„Не за екстерно, ние сме студенти не пациенти“, „Јас сум повеќе од бројче“, „Екстерното Титаник на високото образование“- со овие пароли илјадници студенти пред платото на Скопскиот универзитет го почнаа студентскиот марш, против екстерното оценување, кој преку Владата и Студенсткиот парламент го завршија пред Министерството за образование. Бараа надлежните да се откажат од идејата за воведување на два државни испити од кои ќе зависи нивното понатамошно студирање.

На 17 ноември Фокус пренесе:

Студентите од скопскиот универзитет попладнево маршираа против воведувањето на екстерното тестирање на факултетите. Околу 2.000 студенти тргнаа од платото пред УКИМ, преку булеварот кој минува под стоковната куќа „Мост“. Поминаа пред владината зграда каде извикуваа „Не за екстерно“ и маршот го финишираа пред Министерството за образование кое се наоѓа во зградата на поранешна НИП „Нова Македонија“.

На 17 ноември Телма пренесе:

Револтот од намерата на властите да воведат екстерно оценување на факултетите ги обедини студентите. Се обраа неколку илјадии и 2,5 часа маршираа низ скопските улици скандирајќи пораки против ваквиот коцепт на провека на знаењето. Тргнаа од платото на државниот универзитет и масовно прошетаа пред Владата и пред Студентскиот парламент, каде неколку минути залудно го повикуваа раководството да им се придружи. Одлучија симболично да ја погребаат студентската огранизација, положувајќи венци пред зградата и со едноминутно молчење, за да и` порачаат дека игнорирајќи го нивниот револт не ги застапува правата на студентите, туку на оние кои се обидуваат да го воведат есктерното на факултетите.

На 18 ноември поратлот Инбокс 7 го објави писмото кое „Студентскиот пленум“,  на 17 ноември му го достави на министерот за образование, Абдулаќим Адеми, во кое ги инесува своите барања и причините за протестот против воведување на екстерното тестирање на факултети

„Нашето барање е последица на неспособноста на Студентските парламенти да ги заштитат интересите на студентите…Резултатите од овие испити ќе бидат пресудни за иднината на студирањето на секој студент. Мерката во формата која е претставена реформата е многу проблематична и е во директен судир со уставно загарантираните права на граѓаните на Република Македонија“, порачуваат студентите во писмото.

На 18 ноември Сител  ја пренесе изјавата на Министерот за образование Адеми во која тој  го оценува студентски протест  како легитимно и гарантирано право на секого во демократско општество.

„Но, за мене е несфатливо зошто протестираа кога се уште немаме утврдено дали ќе воведеме екстерно оценување или државен испит во високото образование и се уште не е утврден моделот. Кога ќе одлучиме и ќе утврдиме, тоа ќе биде споделено прво со универзитетите и студентите, а потоа и со јавноста“.

„Примив писмо во кое нема ништо конкретно за екстерното оценување. Има барање за оставка на министер, а се знае дека оставка секогаш бараат политички партии, а не студенти. Подготвив одговор на писмото но, за жал, не можам да го доставам зашто во писмото нема ни име ни адреса. Деновиве очекувам да добијам име на организаторот и адреса, за да им пратам одговор, а ако не добијам, тогаш јавно ќе одговорам преку средствата за јавно информирање “

Истиот ден (18.11) изјавата на Адеми во идентична форма ја пренесоа и Прес 24 и и Република.

На 19 ноември Плусинфо објави изјава на  Стефан Видиков, дел од студентската иницијатива „Студентски пленум“

„Министерот за образование Абдилаќим Адеми или не го прочитал писмото што му го достави студентскиот пленум за екстерното оценување или свесно манипулира, зашто ние никаде не побаравме оставка од него. Ние на последниот пленум дискутиравме за таа изјава на министерот и сме зачудени. Писмото го објавивме со печат и во него се гледа дека такво нешто како барање оставка не е наведено. Ние го сметаме како свесен обид за ширење дезинформации со кои тој сака да не стави во партиски контекст. Инаку, најмногу покажавме кој стои зад протестот, а тоа се самоорганизираните граѓани на оваа држава “

На 20 ноември Сител објави прилог со наслов: „Груевски: Студентите имаат право на протест, ќе се слушнат сите мислења за екстерното“, а во кој ја пренесува изјавата на премиерот вели дека:

„Владата е подготвена да гислушне сите мислења за оценувањето на студентите пред да го изготви законското решение и дека евентуалното носење на овој закон нема да смени ништо во образовниот процес на студентите чии студии течат во моментов“

На 20 ноември порталот Факултети пренесе информација со наслов:

„Никола Груевски: Екстерното тестирање ќе важи само за идните студенти“

На 21 ноември Факлутети ја пренесе реакцијата на студентите по повод изјавата на премиерот:

„Би сакале  да го потсетиме премиерот дека со екстерното тестирање, во каков и да е модел, сепак се прекршува Уставот во делот автономија на Универзитетот (член 46). Универзитетот е, како што беше безброј пати истакнато, највисоката образовна инстанца во општеството, и извршната власт не смее да интервенира во неа на овој начин.
Исто така, не заинтригира делот од изјавата на премиерот каде тој вели дека екстерното нема да важи за студентите кои веќе студираат. Дали тоа значи дека премиерот со ваквата изјава јавно не помилува сите нас кои излеговме на марш во понеделникот? Целта на нашиот марш не беше помилување на тие што излегоа, туку револт поради состојбата на високото образование и надеж за промена. Пленумот цврсто стои на ставот дека нема да се откажеме во името на ниту една генерација која ги би трпела последиците од реформата и ги поттикнуваме генерациите што доаѓаат да се придружат во нашите напори да го спречиме воведувањето на мерката екстерно тестирање“.

На 21 ноември Македонската информативна агенција, повикувајќи се на информации од Владата, извести:

Државен испит е концептот кој произлегува од владината идеја, а не екстерно тестирање како што неточно беа информирани студентите и јавноста од одредени партиско-политички поттикнати структури.

Истата информацтја истиот ден ја пренесоа повеќе медиуми како: МРТ, Канал 5, Алфа, Сител, Курир.

Изјава данена на Сител на 22 ноември премиерот ја повтори и наредниот ден, на 23 ноември 2014 година, во интервју за  Алфа ( ја пренесоа повеќе медиуми), каде меѓу другото кажа:

„Ние од прва објавивме дека ќе одиме со државен испит, дека тоа го разгледуваме. Но кога опозицијата виде дека со ова може да ги навлече студентите и младите против Владата и владејачките партии, го смени зборот државен испит во екстерно за да ги наелектризира и да ги насочи кон протести и создаде целосна забуна. Јас не знам зошто протестираат овие студенти, тие нема да полагаат државен испит, не се запишани по тој закон“

На 23 ноември Телма пренесе реакција од Студентскиот пленум на изјавата на премиерот:

„Уморни сме од од ова реторика, преку која премиерот се обидува да даде партиска конотација на иницијативата и со тоа да ја делегетимира.Студентскиот пленум ќе настојува да го врати академското ниво   кое се базира на критичност и аналитички пристап, а не на лични дисквалификации и етикетирање“

На 24 ноември Радио МОФ го пренесе соопштението на Студенсткиот пленум:

„Би сакале делумно да се сложиме со премиерот кога вели ‘политиката ги извади студентите на улица’. Точно, но владината политика во високото образование нѐ извади на улица! И доколку не се направи напор за конструктивна дискусија и оваа мерка не се повлече, ние повторно ќе бидеме на улица“.

На 24 ноември порталот Фактор пренесе изјава на  Андреј Јованчевски, член на Студентскиот пленум,  кој вели дека:

„Студентите од своите почетоци до овој момент  бескомпромисно ја вардат  чистотата на својот статус. Зад нив,потенцира, нема политичка партија, невладина организација или државна институција која воопшто би можела да се наметне како ментор или лидер на независното студентско движење, не само бидејќи енергијата од којашто Пленумот се роди е чиста и ослободена од таквите влијанија, туку и поради самата негова хоризонтално поставена структура, која не дозволува поединци или мали групи да се наметнат како спроводници на екстерни агенди, а најмалку партиски.

Од влијанитето на политичките партии Студентскиот пленум повеќепати јасно и јавно се огради. Студентскиот пленум ја отелотворува идејата за непосредна демократија или, ако сакате, диктатура на студентскиот и научниот интерес и не постои елементарна, структурна основа која овозможува нарушување на овој темелен принцип на неговото функционирање

Досега, додава Јованчевски, магливоста на реформите во подготовка покриваше поголема површина, бидејќи Министерот за образование најави воведување на механизам за екстерна евалуација на високото образование, но ги употребуваше термините “екстерно тестирање” и “државен испит” наизменично, па никому не му беше јасно за каква замисла всушност се работи. Сепак,вели,   со терминот “екстерно тестирање” се служеа речиси сите претставници на државните инстутуции кои што зборуваа за реформата, а “државен испит” е  веројатно конечното име што надлежните  го доделија на својата идеја, но контурите на истата сè уште не се јасно исцртани.

Едноставно, додава,  се поаѓа од претпоставката дека мотивацијата на студентите да му се спротивстават на иститот, произлегува единствено од нивната исплашеност дека екстерната проверка ќе ги обележи како неподобни. Се разбира, според него, претпоставката е погрешна и со самото тоа „амнестијата” на актуелните студенти не ја ослабува и делигитимира нивната борба против обидите за репресија на универзитетските и студентските права и слободи од страна на државата.

Изјавите давани во изминатиот период покажуваат дека терминот „екстерно“ е користен од министри во Владата, претставници на партии, експерти,  како и од речиси сите медиуми. Имајќи го предвид ова, како и хронологијата на настаните вклучувајќи ги и реакциите од независната иницијатива Студентски пленум , може да се констатира дека изјавата на премиерот е невистинита.

Оценето од: Оливера Војновска

Линкови:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција