Ниту секое македонско домаќинство е задолжено за „нови 1.000 евра“, ниту Македонија е најкорумпирана во Европа

Христијан Мицкоски: недоречености и неточности. Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Оваа изјава ја оценуваме на лидерот на ВМРО-Христијан Мицкоски ја оценуваме како невистинита. Причината за тоа се редицата неточности и недоследности во неа

 

Главниот проблем е што не прават ништо. Не работат. Сликата за Македонија не е розева како што изгледа од удобните фотељи во зградата на „Илинденска“, туку вистинската слика е на терен, меѓу граѓаните кои го живеат секојдневието, истите тие кои владата за само два месеци ги задолжи за нови 455 милиони евра или секое домаќинство по нови 1.000 евра. И додека ова се случува трошоците за живот растат, а Македонија единствено е прва по нивото на корупција во Европа. Решението е оваа влада да падне.

[Извор: Единствено решение за Македонија е заминување на оваа власт, Датум: 19.03.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја оценуваме како невистинита. Причината за тоа се редицата неточности и недоследности во неа.

Најпрвин, не е јасно на кои 455 милиони евра мисли Мицкоски и за кои два месеци зборува. Последната еврообврзница што ја издаде Министерството за финансии на меѓународниот пазар на капитал и која е најблиска до овој износ, беше на 11 јануари годинава на износ од 500 милиони евра со рок на достасување од седум години и каматна стапка од 2,75 отсто.

Ова е историски убедливо најниска каматна стапка постигната за било која од македонските еврообврзници и е одраз на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал. Побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница беше во износ од над 3,5 милијарди евра, што овозможи да се постигне  каматна стапка од 2,75% на годишно ниво, соопштија тогаш од Министерството за финансии.

Камтната стапка за другите еврообврзници, што ги издаваше претходната Влада, се движеа од 3,9 отсто во 2014 година до 4,8 отсто во 2016 година.

Понатаму, издавањето на еврообврзница на 500 милиони евра не значи нужно дека државата се задолжила за толку пари, односно го зоглемила јавниот долг за толкав износ.

Како што е предвидено со Буџетот за 2018 година, приливите од еврообврзницата ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, како и за отплата на претходните долгови, вклучително и првата рата на PBG – кредитот од 2013 година во износ од 95 милиони евра, која доспева на крајот на јануари. За првпат е извршен и делумен предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година, која достасува во декември 2020 и чија што каматна стапка е 4,8 отсто, објаснува Министерството за финансии.

Како што може да се прочита од овој цитат, барем една третина од новата еврообврзница, ако не и повеќе, ќе оди на враќање на претходни задолжувања и тоа задолжувања направени од претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, така што не може да стане збор дека владата ги задолжила граѓаните за 455 милиони евра, а особено не секое домаќинство по нови 1.000 евра. Ако, пак, Мицкоски, кога ги спомнува овие 455 милиони евра, не мисли на новата еврообврзница, тогаш проблемот е уште поголем зашто други задолжувања на вакви износи за 2 месеца едноставно нема.

Следна причина зошто оваа изјава ја оценивме како невистинита е делот на изјавата каде Мицкоски во една полуреченица вели дека додека актуелната Влада се задолжува, трошоците за живот растат, без да објасни за кој период зборува и без да објасни што е проблемот со малиот раст на трошоците за живот, односно малата инфлација, ако се знае дека 3 години по ред имавме дефлација, која е уште полоша од инфлацијата.

Еве ги индексите за трошоците за живот на годишно ниво во изминатите 5 години, и во изминатите 12 месеци на месечно ниво:

Untitled

Секоја бројка под индекс 100 значи пад. Ова покажува дека по 3 години дефлација лани сме имале мала инфлација од 1,4 отсто, што е сосема во ред, а ако, пак, мисли на првите 2 месеци од годинава во однос на истите месеци лани, точно е дека има блага инфлација, арно ама, таа е сосема во рамките на нормалното, па дури и посакуваното и уште поважно, во рамките на проекциите и на Министерството за финансиии и на Народната банка. Настрана фактот што во јануари и февруари лани, кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, споредено со истите месеци од 2016, исто така, имало инфлација. Така што, тоа што инфлацијата или трошоците на жвот забележиле мал раст никако не значи дека станува збор за негативна појава, особено ако претходно сте имале подолг дефлаторен период. Но, Мицкоски ништо од ова не објаснува, туку искажува само една полуреченица и објаснувањето го остава да виси во воздух, алудирајќи дека нешто негативно се случило, што не е точно.

И на крај, крајно проблематично е тврдењето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека Македонија е прва по нивото на корупција во Европа. Ова едноставно не е точно.

Точно е тоа дека според последниот извештај на „Транспаренси интернешнал“, Македонија од 90 место во 2016 година паднала на 107 место во 2017 година од 180 држави и тоа е досега најлош резултат за земјава од кога оваа меѓународна организација го мери индексот на корупција во светот. Ова рангирање е заклучно со декември 2017 година и прашање е колку за ваквата лоша позиција е заслужна ВМРО-ДПМНЕ, а колку СДСМ. Односно, дали причината за тоа е фактот што ЕУ во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ Македонија ја нарече „заробена држава“ или, пак, причина за тоа е 7 -месечното владеење на СДСМ во текот на 2017 година, чија Влада доби поддршка од сите европски сојузници, кои почнаа и да ја посетуваат земјава за разлика од времето кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ и кога европските претставници ја заобиколуваа Македонија. Но, и покрај сето ова, изјавата дека Македонија е најкорумпирана земја во Европа не е точна. Според ова рангирање, Молдавија, Русија и Украина, сите три европски држави, котираат полошо од Македонија кога станува збор за корупвцијата.

Заради сето горенаведено, оваа изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја оценуваме како невистинита.

 

ИЗВОРИ:

  • [Извор: http://netpress.com.mk/edinstveno-resenie-za-makedonija-e-zaminuvanje-na-ovaa-vlast/ – Интегрален текст…, датум: 19.03.2018]
  • [Извор: http://emagazin.mk/vesti/vest/44285]
  • [Извор: https://www.finance.gov.mk/mk/node/6980]
  • [Извор: https://www.transparency.org/country/MKD]
  • [Извор: https://www.transparency.org/research/cpi]
  • [Извор: https://tradingeconomics.com/macedonia/corruption-rank]

 

Оцени: Искра Опетческа

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.