Охридските неостварени проекти во изминатите 4 години

 

Најмногу „се утна“ со автопатот од Кичево до Охрид, но и со затворениот пливачки базен – „најсовремениот објект во Македонија“, со реконструкцијата на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија, додека од општинските проекти не започна изградбата на преку потребниот Дом за стари лица

 

Пишува: Веле Митаноски

 

Oстанувам и понатаму да  бидам активен во партијата, и понатаму ќе ја помагам, затоа што сѐ уште сметам дека оваа партија има силен потенцијал за прогрес на општеството и државата и сѐ уште најголем број високо квалитетни кадри кои можат да ја водат државата и процесите напред.

После долги убедувања, притисоци, некои велат и закани, ова го кажа актуелниот градоначалник на Охрид, Никола Бакрачески, кој, во своите пријателски кругови, одамна најави дека нема да трча за втор мандат.

lOK-IZB

Градоначалникот на заминување, како што вети, остана активен во ВМРО-ДПМНЕ. Тој беше присутен на митингот на партијата во Охрид, со кој започна изборната кампања, каде што доби аплаузи на отворена сцена, кога лидерот Никола Груевски се посипуваше со пепел и му се заблагодаруваше. Претходната ноќ беше и говореше на настанот наречен „Минута по полноќ“, пред партискиот штаб. Сепак, бев во прилика да ја забележам и оваа коректна изјава:

Ќе ја искористам првата прилика, најискрено да се заблагодарам на довербата што ми ја дадоа градот и граѓаните на Охрид, довербата од партијата. Должност ми е да дадам кратка ретроспектива за сработеното, но  и да им посакам фер изборна трка на избраните кандидати, да им предочам и  некои мои перспективни видувања за градот, а од нив зависи – дали и колку ќе ги испочитуваат.

Тоа ќе го стори откако ќе се знае резултатот од изборите. Тој е неизвесен, особено за партијата на Бакрачески, главниот адут до последен момент. Пред 4 години тој беше избран како успешен кардиолог кој ќе повлече, а како логистика, се истурија многу пари, но и многу лаги, кои на „докторот“, како што го вика Груевски, денес не му беа потребни. Пред сѐ, онаа голема ујдурма со индискиот бизнисмен, или „хохштаплерот белосветски“, како што го нарекуваше владиката г. Тимотеј, кој прв храбро застана во одбрана на црковните имоти со пораката „ниту сантиметар земјиште“, а ако тој „хохштаплер“ изгради хотел, владиката ќе колеше крава пред портите!?

Субрата Рој, чие семејство, Груевски, за големите лаги, го почести со македонски државјанства, ќе градеше и аеродроми во водите на Охридското Езеро и други бајки. Според некои информации, беше почестен прв да го проба мерцедесот со телевизорчињата за дечињата на Груевски, а ако имаше потреба, имаше дадено ветување дека ќе дојде да говори на предизборен митинг во Охрид, како што тоа синоќа го направија Орбановци!

 

ШТО БЕШЕ ВЕТЕНО, А ШТО НЕИСПОЛНЕТО ВО ОХРИД?

Ако ја оставиме настрана несолената шега и измама со Субрата Рој, во Охрид малку се реализира од она што беше ветено, а уште помалку, пак, може да се зборува за скратување на роковите за ветеното. Се разбира, најмногу „се утна“ со автопатот од Кичево до Охрид, но и со затворениот пливачки базен – „најсовремениот објект во Македонија“, со реконструкцијата на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија, додека од општинските проекти не започна изградбата на преку потребниот Дом за стари лица.

 

ВМРО-ДПМНЕ БЕГА ОД ЗАТВОРЕНИОТ БАЗЕН КАКО ЃАВОЛ ОД ТЕМЈАН!

Во Охрид, како ветени, започнати, а нецелосно реализирани проекти се наведува новата меѓународна автобуска станица, од најсовремен тип, која е половично завршена.

Од Општината велат дека перонскиот дел е во завршна фаза и оти етапно ќе се градат дополнителни содржини, како трговски центар и бензинска пумпа. Инвеститор е фирмата „Делфина турс“ од Скопје. Вкупната вредност на инвестицијата е седум милиони евра. Дел средства финансира и Општината.

Сѐ чини, најмногу се доцни со затворениот пливачки базен, иако, за волја на вистината, тоа не е општински, туку проект на Агенцијата за спорт и млади. Започна да се гради во ноември 2015, требаше да биде готов до почетокот на туристичката сезона 2018 и новиот рок предвидува базенот да биде готов некаде во првата половина на 2019 година.

Неодамна Груевски изврши „опис и попис“ на сите проекти што ги започнал, но базенот го прескокна. Од него бега како ѓавол од темјан! А, го најави како ново светско архитектонско чудо.

Коритото ќе има должина од 33 и ширина од 25 метри, ќе биде компатибилно за играње ватерполо и ќе има капацитет од 500 гледачи. Комплексот ќе има уште еден базен, фитнес-клуб, продавница за спортска опрема, комерцијален и административен простор, кафетерија, спа и велнес-центар и голем подземен магацински простор – рече на почетокот на градбата.

 

Се гради по стандарди и технологија за градење базенски корита, која досега не е применета ниту на еден ваков објект во Македонија, а ќе биде и енергетски ефикасен со инсталирана соларна опрема и геотермални пумпи – велеа од кабинетот на Бакрачески.

Вкупната инвестиција е околу 5 милиони евра, пари што ги обезбедува Агенцијата за млади и спорт.

Во застој е и изградбата на новото пристаниште. Ветено беше за до крајот на мандатот на Никола Бакрачески. Од неговиот кабинет, пак, велат дека застојот е во процедурата кај министерствата за транспорт и за животна средина, а носител и инвеститор на проектот е државната компанија за пренос на струја МЕПСО. Целиот проект е проценет на 10 милиони евра.

До почетокот на наредната година ќе доцни и изградбата на затворениот пазар. Се гради на местото на стариот пазар, ќе биде на четири нивоа, со стотина паркинг-места, 190 тезги, уредени по ХАСАП. Објект го гради АД „Илинден“ од Струга, како јавно-приватно партнерство со Општина Охрид, додека вкупната вредност е нешто над 5 милиони евра.

Голем проблем во Охрид е репарацијата на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро, заедно со пречистителна станица кај струшкото село Враништа. Во мандатот на Бакрачески требаше да започне и проширување на колекторскиот вод од Пештани, кон Трпејца, Љубаништа и да стигне до Свети Наум, меѓутоа од Општината информираат дека целиот проект е сѐ уште во изработка.

Во меѓувреме, откако се виде дека постојното меѓуградско комунално претпријатие (Охрид-Струга) ЈП „Про Аква“, не може само да се носи со овој сложен систем и со репарацијата, доизградбата и одржувањето, но и со сервисирањето на големите долгови, премиерот Заев и новата влада покренаа иницијатива за формирање ново јавно претпријатие на државно ниво.

 

КАПА ЗА НЕРОДЕН ПЕТКО: ИЗГРАДБАТА НА ДОМОТ ЗА СТАРИ ЛИЦА

Градежната компанија АД „Илинден“ од Струга на јавна лицитација го доби земјиштето во населбата Воска, на самиот езерски брег и потпиша договор со Општината да го гради долго очекуваниот дом за стари лица.

Оваа струшка компанија беше единствен понудувач на електронската аукција на која се продаде градежната парцела. Почетната цена на парцелата изнесуваше 1.393 денари за метар квадратен, а последната достигната цена изнесуваше 1.532 денари за метар квадратен. АД „Илинден“ за отуѓување на градежната парцела во вкупна површина од 8.425 метри квадратни ќе плати вкупно 12,9 милиони денари (околу 210 илјади евра).
Домот за стари лица, кој ќе биде изграден на оваа парцела, ќе зафаќа вкупна површина од 6.299 метри квадратни и ќе има шест ката. Со договорот, купувачот се обврзува во рок од 12 месеци да обезбеди одобрение за градба, а во рок од 4 години да го изгради објектот согласно урбанистичкиот план по кој земјиштето е отуѓено. Изградбата на Домот за стари лица, слично како и автобуската станица, затворениот пазар, катната гаража и затворениот базен, е еден од најочекуваните инфраструктурни објекти и од особено значење за постарите охриѓани.

Одлуката за изградба на Домот за стари лица по пат на отуѓување на градежно земјиште ја донесе мнозинството во градскиот совет на седница одржана во октомври минатата година. На ист начин Општината ќе гради уште два капитални објекти: автобуската станица и катната гаража.
Инаку, советниците од опозицијата тогаш  нагласија дека не се против изградба на овие капитални проекти, кои се од суштинско значење за градот, туку на начинот на кој тоа се прави, односно со продажба на земјиштето и изрази сомнеж дали на нив приватникот ќе ги изгради предвидените објекти.

Дали нивниот сомнеж беше оправдан? Од општината велат дека сите подготвителни работи се завршени, сѐ до одобренијата за градба. Сега изговор се локалните избори и започнатата кампања. Би било добро тоа да е проблемот. Во јавноста сѐ уште не е објавено, но нашите информации велат дека АД „Илинден“ од Струга се попишманил, или, пак, од зделката направил поисплатлив бизнис. Наводно, правото за изградбата на Домот за стари лица ѝ го отстапил на друга градежна фирма во Охрид, а таа, пак, му го дала хотелот, чија изградба привршува, кај СРЦ Билјанини извори. Кој ќе го знае! Чудни се бизнис релациите и патиштата на парите!?

Сѐ уште актуелниот шеф на советничката група на СДСМ во општинскиот совет, професор д-р Јован Стојаноски, кој сега е кандидат за градоначалник, беше најсомничавиот по прашањето на Домот за стари лица. Дали сега ќе му падне кецот, токму тој да го постави камен темелникот? Се разбира, ако е се како што треба?

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *