Политичко насилство е злоупотребата на Деловникот за да се спречи трансфер на власта

Чудни дефиниции за тоа што е насилство. Фото: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна

Сосема недоследно е ВМРО-ДПМНЕ да обвинува некого за политичко насилство, кога таа партија спроведува таков тип насилство во Собранието (но и преку претседтаелот Иванов), само за да не дозволи трансфер на власта на оној што има парламентарно мнозинство, и според мнозинство експерти и пратеници во самото Собрание, ги крши и Уставот и Деловникот.

 

 

Партијата чиј претседател е Никола Груевски, по неговите разговори во понеделникот (01.05.2017) со високиот американски функционер Брајан Хојт Ји, издаде соопштение во кое има елементи на невистина и недоследност:

 

За ВМРО-ДПМНЕ политичкото насилство врз Уставот, законите и деловникот од страна на СДС предизвика гнев, а дополнителна провокација беше и интонирањето на албанска химна во македонското собрание. Сето тоа заврши со нелегален обид за избор на претседател на собранието надвор од сите  процедури, на веќе официјално завршена седница, без официјален записник, без стенограм, без право на збор на пратениците, надвор од Деловникот за работа, законите и уставот

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Американскиот функционер Хојт Ји допатува во Македонија во обид да помогне да се изнајде мирно и политичко решение на кризата која кулминираше со насилство во Собранието од група поддржувачи на ставовите на ВМРО-ДПМНЕ и тој разговараше и со лидерот на оваа партија Никола Груевски, по што партијата соопшти/дадена е изјава и став, дека причина за инцидентот било „политичкото насилство на СДС врз Уставот законите и деловникот…“

Во целото соопштение има доста делови кои се невистинити, но овој и од формално-правна логика гледајќи, е и недоследен. Суштинската причина зошто е невистинит и недоследен, за пошироката и домашна и меѓународна јавност веќе е разбрана – одбивањето да се овозможи мирен трансфер на власта, а истрагата допрва ќе утврди кој и како ги нарачал и ги поттикнал насилствата врз пратениците, кој и како ги отворал вратите на Собранието и зошто полицијата, односно нејзините одговорни затаиле со реакцијата – намерно или од лоша професионална проценка.

Но, ВМРО-ДПМНЕ, т.е. нејзиниот лидер Никола Груевски, кога го изјавуваат ова, во најмала рака станува збор и за недоследност.

Причините лежат толкму во Уставот, законите и Деловникот, кои според мислењето на сите други политички партии во Собранието, освен на ВМРО-ДПМНЕ, потоа на повеќе правни експерти и на голем дел од домашната и меѓународната јавност, се исползувани од страна на Груевски и претседателот Иванов, за да нема трансфер на власта.

Бидејќи повеќепати се повторувани експертските и политичките ставови на кој начин Иванов го прекршува Уставот и не му овозможува мандат на лидерот на групата политички партии што има парламентарно мнозинство, тука ќе се задржиме на Деловникот во Собранието. Постојат две дијаметрално спротивставени мислења.

Едното го застапува ВМРО-ДПМНЕ. Тие се повикуваат на Деловникот за работата на Собранието, поточно на тоа кој претседава со седницата и дека не било можно да се премине на друга точка од дневниот ред ако не се исцрпеле сите дискусии по тековната, а тоа е избор на членови и претседател на Комисијата за избори и именувања. Најголемиот аргумент им е чл.80, став 2, во кој се наведува дека „Претресот трае додека не се исцрпи листата на пратеници кои се пријавиле за збор“.

Пратениците на парламентарното мнозинство пак, се повикуваат на одредбите од член 78, став 2, кој вели дека „Во текот на седницата, по предлог на претседателот на Собранието, на предлагачот или пратеник кои го поддржуваат најмалку  десет пратеници, Собранието без претрес одлучува по секој предлог за измени во редоследот на претресот по точките од дневниот ред, односно да се води единствен претрес по точките од дневниот ред  што се меѓусебно поврзани“.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во текот на 20 продолженија на конститутивната седница почната пред повеќе од месец и половина, со пријавување на педесетина дискутанти по точката за избор на Комисијата, прават класичен филибастеринг, т.е. опструкција на работата на Собранието. Тие дури и најавуваа дека седницата ќе трае сè додека не се исцрпат дискусиите, а за дваесет ефективни продолженија на седницата, со дискусија завршија четири-пет дискутанти, што во перспектива значи опструкција од повеќе месеци. На тој начин не се дозволува трансфер на власта, при што одредбите од Деловникот се толкуваат само во политички интерес на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттука и правото на парламентарното мнозинство да ги користи своите образложенија и аргументација на Деловникот за работата во Собранието, а притоа, можеме да го наведеме и обралзоженето од пратеникот Горан Мисовски, како последно по насилствата во четвртокот, но и други толкувања како што е ставот, на пример на Венко Глигоров, но и на Стојан Андов и на многу други лица кои можат да застапуваат компетентни ставови по ова прашање.

Па, имајќи го предвид погоре изнесеното, сосема недоследно е ВМРО-ДПМНЕ да обвинува некого за политичко насилство, кога таа партија спроведува таков тип насилство во Собранието (но и преку претседтаелот Иванов), само за да не дозволи трансфер на власта на оној што има парламентарно мнозинство, и според мнозинство експерти и пратеници во самото Собрание, ги крши и Уставот и Деловникот. Оттука, обратниот став изнесен како некакво толкување на ВМРО-ДПМНЕ за насилствата што се случија во Парламентот, е во најмала рака недоследен.

 

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција