Пругата Куманово – Бељаковце треба да биде довршена до крајот на годината

Фото: vlada.mk

 

Ќе ја довршиме реконструкцијата на пругата од Куманово до Бељаковце (Коридор 8).

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, стр. 246, датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори (декември 2016 г) СДСМ вети довршување на реконструкцијата на пругата Куманово – Бељаковце. Споменатото ветување на социјалдемократите  е дел од  нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , каде што се споменува на повеќе места, поточно на стр.76, стр.191, стр.193, а го има и во „Планот 24м – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“ (стр.246). Реализацијата на овој проект е во тек.

Според изборните проекции на СДСМ дадени во програмата, ветувањето треба да биде исполнето најдоцна до јуни 2019 година, со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, последните најави од Владата говорат дека завршувањето на пругата од Куманово до Бељаковце ќе доцни шест месеци, односно се очекува оваа делница да биде готова на крајот на годината.

Пред десетина дена вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на МЖ „Инфраструктура“, Ирфан Асани,  извршија увид на градежни активности од првата фаза на железничката пруга од Македонија кон Бугарија ( делницата Куманово – Бељаковце). Во оваа пригода министерот Сугарески изрази надеж дека градежните работи на овој дел ќе финишираат до крајот на годината.

Нашите очекувања се дека до наредната година оваа пруга ќе биде комплетно завршена, а истовремено ќе биде започната и втората делница на пругата Бељаковце – Крива Паланка. Согласно роковите пругата од Куманово до Бугарија треба комплентно да биде завршена до 2025 година…“, изјави Сугарески.

Искажувајќи задоволство од интензитетот на изградбата на оваа траса, вицепремиерот Анѓушев нагласи дека во моментот кога ја „наследиле“ изградбата на делницата биле реализирани само 23 проценти.

Во моментот кога оваа Влада ја презема одговорноста  беа изградени само 23 проценти од трасата, наназад петнаесетина години, колку што трасата се споменува. Сега веќе за овие година и половина, напредокот е до 42 проценти или некаде околу 70 проценти од градежните активности. Оптимисти сме, мислам дека сериозно ги задвиживме напред работите во градењето на оваа траса, тоа може да се види – изјави Анѓушев.

Реконструкција и изградба на пругата од Куманово до Бељаковце ветуваше и ВМРО-ДПМНЕ, најнапред во изборната програма „Манифест за реформи и развој“ (стр.79) со која партијата излезе на парламентарните избори во 2011 година, а потоа и за предвремените избори во 2014 година во  програмата „Проверено“ (стр.67).  Реализацијата на овој проект почна во март 2014 година,  но претходната власт (предводена од ВМРО-ДПМНЕ) не успеа да го реализира ветеното.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција