ШИЛЕГОВ: Ќе го решавам проблемот со воздухот и ќе ги изградам тунелите под Кале!

Петре Шилегов, градоначалникот на Скопје од ноември 2017 година, е оптимист дека сите капитални проекти што ги најави во предизборната кампања ќе ги реализира и ќе успее да ги реши или барем во добар дел да ги отстрани најголемите проблеми на градот. Станува збор за инвестиции од најмалку 300-350 милиони евра до кои може да се дојде преку поентите во интервјуто направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED ( National Endowment for Democracy)

 

Интервјуто го водеше: Теофил Блажевски

 

За време на кампањата и во вашата предизборна програма најавивте многу крупни и големи проекти за Скопје. Не интересира дали оптимизмот е сè уште ист, откако ја видовте состојбата и реалните пари со кои и може да смета Град Скопје во идните години?

Оптимизмот не е спласнат, напротив, лошата финансиска состојба што ја затекнав, состојбите со градот генерално, долговите што се наследени…сето тоа ако сакате да барате изговор можат да ви бидат изговори, но за мене се предизвик повеќе. Немам намера да отстапам од тоа што го зборував пред граѓаните во предизборната кампања и веќе гледате дека за некои од работите за кои зборувавме, влегуваме и во реализација. Можно ќе беше и побрзо да влеземе, но за жал состојбата во градот, во смисла на изработка на квалитетни документи кои што можат да бидат добра основа за да влезете во набавка или реализација на определни добра е таква, што нема ништо што е готово.

Веројатно ако ги следите јавните набавки, се забележува дека во добар дел градот има објавено јавни набавки кои што се однесуваат на проектирање токму на сериозната инфраструктура за која што зборував во кампањата. Како што полека зреат работите, така полека ги најавуваме проектите. Веќе најавивме дека очекуваме во септември да започне изработката на мост преку Вардар со кој ќе направиме спојување на општините Аеродром и Гази Баба, што е прв мост после 15 или 16 години од такво значење. Тој ќе биде во пределот на Кермадници и ќе се излегува кај Скопки Саем.

Ве прашав од аспект на парите. Секогаш се планирани над 120 милиони евра, а реално се собираат и трошат по 80-тина во градската каса?

Се зависи од тоа каков однос имате кон парите. Ние успеавме, имајќи предвид дека наследивме град со 2 милијарди 850 милиони денари обврски (над 46,3 милиони евра – н.з.) – склучени договори кои што не можете да ги избегнете или намалите – успеавме да го намалиме буџетот за околу 10 проценти. Нашата крајна цел е Скопје да добие некаков вид на реално планирање на парите, реален буџет.

Очекувам дека со ребалансот што ќе треба да се  случи во јуни да напавиме некаква нормална рамка, бидејќи ги имаме влезните и излезните парамтри, меѓутоа, очекувам и можно зголемување на приходната страна, бидејќи онака како што јас ја третирам инфраструктурата во Скопје, се креира потенцијал кој што ќе доведе до посериозен влез на средства. Еве пример – субстандардниот дел на Керамидница, кога таму ќе го пробиеме булеварот и тунелот и кога ќе го споиме со општина Аеродром, ќе стане атрактивно место и за градба и за живеење. Градбата носи еднократен „инкам“ во смисла на комунална такса за уредување на земјиштетот, меѓутоа изградените објекти потоа стануваат перманентен извор на средства, бидејќи секој имот потоа се оданочува. Така што, ако може преку овој пример да се разбере, таа е филозофијата што ја имаме.

Вториот мост на Вардар за кој што очекувам проектирањето да започне сега во мај, тоа е мостот во Карпош 3 и Карпош 4, кај Сити мол и со него ќе го премостиме Вардар во правец на Злокуќани и Волково. И со вој мост во иднина на тој простор ќе созададе поатрактивно земјиште и потенцијал за развој на градот. И двете инвестиции се на град Скопје.

 

СКОПЈЕ ПЛАЌАЛО ЗА ИНФРАСТРУКТУРА БЕЗОБРАЗНО СКАПО

Колкави се проекциите на инвестициите за овие два проекта?

Малку е лошо градоначалник да ги кажува проекциите зашто потоа при тендерирањето може толку да се движат и понудите. Неисе, ние мора да ги објавуваме средствата согласно законот за јавни набавки…Знаете каде е болката? Ги гледам цените што ги плаќал градот во изминатите неколку години. Од друга страна, гледам дека токму последниот мост што бил изграден, со приклучните патишта чинел околу 200 милиони денари или 3,5 милиони евра.

Премостувањето на Вардар во Скопје имајќи гоо предвид регулиранот корито е дефинирна работа. Јас очекувам дека еден мост од капацитет со четири сообраќајни ленти, две велоспипедски и две пешачки патеки, дека не би требало да ја прекачи цената од 3-4 милиони евра. Значи правиме и креираме атмосфера конечно да ги вратиме назад цените, затоа што градот она што досега го плаќал за инфраструктура за мене е несфатливо многу и скапо. За тоа има неколку фактори, еден по еден се обидувам заедно со луѓето околу мене да ги отстраниме, со цел Градот да може да добие што пореални цени, што пак, од друга страна ќе ни овозможи реално да влеземе во имплементација на она за кое што зборувавме како замислени капитални проекти

Дали помогна засиленото администрирање при собирањето на данокот од имот?

Па досега, заклучно со 4-ти месец, успеавме да собереме околу 18 отсто од планираното за цела година, што значи дека не би можеле да се надеваме дека би ја направиле приходната страна целосна, доколку од друго место не влезеат посериозни средства. Што значи, дека буџетот и за оваа година ќе дојде некаде со онаа стандардна реализација што ја споменавте 70-80 милиони евра. Меѓутоа мислам дека ќе успееме, креирајќи нов имот, да ја подобриме приходната страна во буџетот на Град Скопје.

Проектот кај Ќерамидница…, тој проект е од мостот „Близнаци“ во населба Аеродром, како булеварско решение, булевар АСНОМ, преку Река Вардар и како булеварско решение низ Кермадница да се спои кај раскрсницата кај Скопски Саем – значи нов булевар во Скопје во должина од околу 2,5 километри – има проценета вредност од 16 милиони евра. Притоа, 8 од овие 16 се за градежни активности, се надевам дека и тука ќе ја спуштиме цената. Другите 8 милиони евра се проектирани за експропријација на имотот на луѓето каде што ќе поминува трасата. Имаше можност овој проект да биде сериозно поевтин, затоа што постоеше и опција која што град Скопје и Советот ја поминаа, а тоа е преземање на улицата 518 во Општина Гази Баба и ќе изградевме кавлитетна сообраќајница. Меѓутоа, мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Гази Баба одби да го прифатти тој договор за меѓуопштинска соработка и наместо по таа траса да имавме експропријација на 20-тина куќи, сега ќе мораме да одиме со експропријација на преку 120 куќи. Тоа беше една политикантска одлука да се спречи градоначалникот на Град Скопје и да се осуети реализацијата на еден битен преект, но се што направија, во суштина е да ги задолжат непотребно граѓаните на град Скопје за 8 милиона евра повеќе. И тоа го кажав кога имавме неодамна седница на Советото со точка советничкки прашшања. Ме прашаа зошто нема Луна Парк? Им одогворив, токму затоа што ВМРО-ДПМНЕ му одзима на градот 8 милиони евра. Можеби со тие пари ќе го реализиравме Луна Паркото или тие 8 милиони евра ќе ги насочевме во еден друг правец.

Колку долгови остана од Проектот Скопје 2014?

Град Скопје многу малку се има јавувано како директен инвеститор. Објектите претежно се финансирани преку Министерството за култура и Општина Центар. Она што ние го затекнавме и што одело преку Градот Скопје, се фасадите што се правени во централноото градско подрачје. Плаќани се енормни суми на пари, безобразно енормни. На пример фасадата на старата Стоковна куќа, денеска Сити Галери на плоштад, чинела 130 милиони денари, над 2 милиони евра. Кога го зборуваме ова да имаме предвид дека тоа е сума еднаква на веќе две третини од мост преку Вардар!

Средствата што јас ги затекнав на жиро сметката на градот за оваа намена беа околу 355 милиони денари. Наменска сметка, тоа беа средства од централната власт. Повеќето од тие пари стојат на истата сметка, но ние тој прокет го прекинавме. Ги завршивме сите обврски кои што го имавме кон изведувачите со доспеани ситуации. Останат е чист износ од 310 милиони денари. На мое барање ми беше одобрено од Министерството за финансии да ги задржам овие средства, но сега се пренаменети и Градот ќе може да ги користи исклучиво за фасади, но не на тој начин. Дел од средствата ќе употребиме за реновирање на средните училишта во Скопје, веќе се објавени постапките, а дел од средствата ќе ги употребиме за вториот мост за кој што зборував кај Карпош.

 

НЕМА ДА ФИНАНСИРАМ НЕЧИИ КОМПЛЕКСИ ОД ДЕТСTВОТО!

Што станува со објектите каде што т.н. „барокни“ фасади се започнати, а не се завршени?

Стопирано и конзервирано е, без да настапи оштетување ниту за внатрешноста, ниту за самите објекти. Таква состојба имавме со објектот кај Интекс, таму имавме некаде 30-40 посто реализација. Тоа е стопирано, конзервирани се градежните работи, тргнати се скелињата и тоа за сега ќе изгледа така. Една од фасадите што не беа довршени, беше зградата на поранешната управа на фирмата „Пелагонија“. Таму е прекината постапката, во тек е тендерска набавка за нов изглед и реализација на фасада која што ќе потсетува на објектот како што порано изгледаше. Она што не можевме да го избегнеме, тоа беа две фасади на улица „Македонија“, тие беа довршени и изведувачите беа исплатени.

Која е логиката со новииот тендер за „Пелагонија“? Зарем тоа не е дупло трошење пари?

Не. Ако го продолжев тој проект градот сега ќе требаше да плати 83 милиони денари. Новиот проект, каков и да биде, ќе чини помалку од овие пари. Од тука сметав дека не е во ред тоа да го плаќа градот. За мене 83 милиони денари за фасада е неопомливо, несфатливо многу, имајќи предвид дека помалку ќе не чинат како Град Скопје фасадите на 11 училишта. Таа е логиката. Правиме приоритети во трошењата зашто мислам дека е поцелисходно да ги реновираш училиштата отколку да задоволуваш нечии…(пауза од две три секунди) комплекси од детството, со реализација на Прокетот Скопје 2014 година.

 

ЦЕВКИТЕ ЗА ВОДА НЕ СЕ ЗАМЕНЕТИ ЗАШТО КРЕДИТОТ БИЛ ТРОШЕН ЗА ДРУГО

Три клучни прашања – вода, воздух и сообраќај, беа главни во предизборната кампања за Скопје За отпадот малку подоцна. Да почнеме со водата. Дали скопјани ќе имаат квалитетна вода за пиење, во каква состојба е инфраструктурата – кој процент на цевките се азбестни, метални или посовремени пвц…и дали тука предвидувате капитални инвестиции од Градот, од државата или од други извори на финансирање?

Последното поскапување на водата во Град Скопје се должи на тоа што своевремено јавното претпријатие подигнало кредит за замена на азбестните цевки со здравствено исправни на територија на целиот град. За жал, само дел од  тие средства биле употребени за промена. Се уште се работи проценката во ЈП Водовод и канализација и не би можел да ви ги кажам точните бројки колкав дел од азбестните цевки се останати. Скопјани иако користат во суштина евтина вода, оваа цена се должи на обврската да се врати тој кредит, меѓутоа кредитот не бил наменски потрошен.

За сметка на тоа имаме 7-8 милионска во евра зградурина под Кале каде што е сместена админситрацијата на ЈП Водовод. Да, точно е дека се залагам за добри или нормални  работни услови на вработените во јавните претпријатија, за што и нашата градска зграда ќе ја завршиме во текот на годинава, меѓутоа не по цена по која е плаќано досега. Проблемите се сериозно наталожени.

За да му помгнеме на јавното претпријатие, јас на Советот му предложив и тоа е усвоено, да ја зголемиме цената на водата за „Железара“, односно субјектите што стопанисуваат со тој комплекс, бидејќи стравично е да сте свесни дека 27 проценти од питката вода што ја има Скопје се користи како индустриска, за ладење на печки. Очекувам, бидејќи сега сме во разговори и преговори со тие субјекти кои што порано не плаќаа ништо  па потоа плаќаа 3,2 денара со ддв за кубик, да изнајдеме решение на начиин на кој од една страна ќе ги задоволиме потребите на индустрските капацитети, меѓутоа од друга срана ќе ја заштитме питката вода да стасува исклучиво до нашите граѓани. Станува збор за здрава и квалитетна питка вода која што ако се употребува рационално, скопјани во наредните 20-тина години да не се грижат за капацитетите за здрава вода за пиење.

Што се однесува од инфраструктурата ЈП работи на замена на старите цевки онаму каде што има неопходна потреба и поради технички загуби. Тој процес бара време и сега засега успеваме да го одржуваме без да има финансиски импликации на Буџетот на Градот. Што се однесува до цената – граѓаните на Скопје во моментов плаќаат најевтина вода во Македонија..

И најевтна е во регионот…

Така е. Јас ќе се потрудам така да остане се додека е тоа можно, односно да не дојде до зголемување на цената на водата ако за тоа нема реална потреба. Согласно законската регулатива Регулаторна комисија направи поделба на водата, односно при формирањето на цената има три инпута, едниот е довод, другиот е одвод и третиот е да направите резерва за отпадните води, односно пречистителните станици. Нашите пресметки покажуваат дека со ова покачување на цената на водата што ја користат индустриските капацитети, граѓанните нема потреба да плаќаат повисока цена иако тогаш покачувањето на цената што го наложи РКЕ беше минорно, меѓутоа ние оценивме дека и тоа нема потреба. Очекувам дека ваквата политика ќе успееме да ја задржиме во еден среден рок.

 

ЦЕНИТЕ НА ВОДАТА ЌЕ ОСТАНАТ ИСТИ НА СРЕДЕН РОК

Добро, нели ваквата ваша одлука да не ги одбиете пресметките на РКЕ не беше малку популистичка? Првин вие, а потоа и други градоначалници од редвите на СДСМ почнаа да ги враќаат пресметките и да ги одбиваат покачувањата на водата, со образложение дека РКЕ не бил баш независен орган, туку под партиско влијание на опозицијата, односно претходната власт. Дали ова не е неодговорно однесување, имајќи предвид дека водата е скап ресурс?

Таканеречените незевасни регулаторни тела во изминатиов период беа преискомпромитирани во политичка смисла. Од нас беше доживеано дека тоа беше „добредојде“ од ВМРО-ДПМНЕ, кое што се уште тогаш таму држеше доминантна контрола. Знаете дека претседателот на РКЕ е истакнат општински активист на ВМРО – ДПМНЕ и затоа и јас ја квалификував таа одлука како политичка или политиканска. Реалноста покажа дека поминаа неколку месеци, нема финансиски иппликации на работењето на јавното претпријатие Водовод и канализација, напротив. ЈП во меѓувреме започна да го плаќа кредитот за зградата што бил земен, а никој не го враќал и се уште е финансиски стабилна фирма. Ги рационализиравме трошоците и ги оптимизиравме приходите така што сега за сега може финансиски да се опстои, без да се зголеми цената на водата. Дали таа политика ќе опстои на долг рок е неблагодарно да се предвидува особено ако ја имаме предвид пречистителната станица на Скопје, каде што ќе веќе имаме преземено активности – започна да се гради колекторскиот систем на Вардар, а долги години тоа никој не го работел, по пет километри од едната и од другата страна на реката…

Очекувам пречистителнта станица кај Трубарево да биде тендерирана некаде во 2020 година и да се изгради за три години, значи 2023 година да биде пуштенна во употреба. Откако ќе биде ставена во погон ќе ги искалкулираме трошоците и тогаш ќе се види дали таа ќе предизвика потреба од зголемување на цената на водата.

Од кои пари ќе се гради пречистителната со оглед дека станува збор за инвестиција од 130 милиони евра?

Околу 120 милиони. Постои трипартитен договор помеѓу Владата на РМ, Град Скопје и Европската комисија. Оваа недела имав кооординативен состанок со Министерството за животна средина, со Водовод, со ЕЕЖИС кој што се јавува како надзор на колекторскиот систем. Француската амбасада како финансиер за физибилити студијата за пречиститиелната станица, пртставници на Европската банка за подршка и развој, преставници на Европската инвестициона банка и претставници на Министерствот за финнансии. Тоа значи дека процесот на финансиско заокружување на проектот е веќе започнат и јас очекувам успешно и на време да го завршиме.

 

ЌЕ ГО РЕШАВАМ ПРОБЛЕМОТ СО ВОЗДУХОТ, КОЛКУ И ДА ЧИНИ

Ако сите досегашни сериозни студии (три ги има со се онаа на БЕГ), покажуваат дека греењето односно употребата на цврсто гориво – дрва, е основната и најголема причина за загадувањето на воздухот во Скопје, дали преземањето на услугата за испорака на топлинска енергија од страна на град Скопје е правец во насока на решавање на проблемот? Според таа студија на БЕГ, градот треба да потроши околу 240 – 280 милиони евра за речиси целосно покривање на мрежата на топлинска енергија. Според студијата на UNDP, цената е исто така над 200 милиони, при што се наведуваат околу 50-тина неопходни за зголемување на енергетската ефикасност на објектите… Станува збоор за сериозни пари. Како мислите да ги обезбедите, а особено во тој контекст зошто најавивте дека ќе ги преземете услугите за испорака на топлинска енергија што сега го прави БЕГ?

– Некогаш имам чувство дека кон Скопје сите до сега се однесувале како кон несакано дете. Зборувам за период од триесетина години. Ова го зборувам затоа што е дојдено до целосна дисторизија на капацитетите кои што ги имал градот. Тука ја вклучувам и топловодната мрежа. Јас ќе го побарам она што по закон му припаѓа на град Скопје – топловодната мрежа. Во моментот кога градот ќе стане сопственик на топловодната мрежа, ќе треба да основа свое претпријатие за да менаџира со истата, да побара лиценца од РКЕ, но така го правите градот чинител во стратегијата на затоплување на домовите. Скопје досега беше пасивен посматрач. Околу нас се случуваа работи, но ние ниту како град сме влијале, ниту пак сме виделе некоја посебна желба некој нешто да смени, да партиципира, односно да креира енергетска политика. Суштината на преземањето е токму тоа – градот да се јави како активен чинител во енергетската политика на Скопје. Нема пологично нешто.

Од друга страна, има еден сериозен проект на гасификација на Градот со кој што ќе започнеме на есен годинава. Тоа е прокет кој што јас го имав ветено во кампањата и им го зборував на скопјани. Тоа значи дека истата таа фирма која што ќе преземе и дел од вработените во БЕГ – тоа се искусни луѓе кои што ја познаваат мрежата и можат да одговорат на предизвиците на нејзиниот развој –значи таа нова компанија ќе биде носител и на гасификацијата на градот. На тој начин ќе станеме активен чинител. Ќе можеме да ја развиваме мрежата, ќе можеме да решаваме кои делови од градот ќе бидат насочени кон топловодната мрежа, а кои делови ќе бидат покриени со процесот на гасификација.

Самата гасификација потоа нуди можност да понудите, условно речено маалски концесии, концесии за управување со услугите на ниво на области од градот. Тоа значи да дадете под концесија област од 10-тина илјади домови, некој таму да напарави мини-топлана и да ги приклучи тие граѓани на гас. И тоа би бил ефтин начин за граѓаните, зашто ќе ги поштедите од средства за лична инвестиција за апаратите кои што работата на гас. …

Но зборот ми е дека на овој начин станувате чинител и почнувате со решавање на проблемот кој што долги години некој го занемараувал и го направил проблемот се поголем.

Тоа можеби било така зашто станува збор за исклучително големи инвестии…?

Па тоа е многу релативно.  Дали инвестиција од над 700 милиони евра потрошени за глупости на простор од еден квадратен километар (Скопје 2014-н.з.). не е скапа инвестиција?

Ако целокупната инвестиција за решавање на проблемот со загадувањето на Скопје и ефикасна енергетска политика може да се заокружи со 250 милиони евра, а тоа го покажуваат студиите, тоа не е скапа инвестиција, особено ако имате предвид дека инвестирате во нешто што има економска логика според кост-бенефит анализата. Значи средствата на овој или оној начин на крајот ќе се вратата. Конечно, нека остане како глобално задолжување 100 милиони евра. Меѓутоа сме решиле еден многу горлив проблем…

Значи градот е подготвен да влезе во….

Апсолутно! Апсолутно! Скопје нема друга алтернатива. Варијантата Б, би била прашањето колку чини еден човечки живот што го губиме како последица на загадувањето?

 

ТУНЕЛИТЕ ПОД КАЛЕ ЌЕ ГИ ЗАВРШАМ ДО КРАЈОТ НА МАНДАТОТ

Од клучните капиталните ветувања во сообраќајот веќе зборувавте за мостовите. Но вие најавивте уште две – тунел под Кале и поврзување на север-југ оска преку спојување на булеварите „Илинден“ и „Никола Карев“ и адаптација на железничката пруга во северниот дел на Скопје со цел поврзување на источната и западната страна на градот со ефикасен железнички транспорт кој би служел и за побрзо стигнување до центарот. И овие проекти се многу скапи, претпоставувам по десетици милиони евра по проект. Каде ќе ги најдете парите?

Повторно истиот одговор. Што е скапо? Тоа е релативна категорија. Ајде да го погледнеме Скопје какво е. Град на две спротивности. Некои ги нарекуваат лева и десна страна на Варадар, а јас таква поделба не прзнавам, зашто алудира на некои други работи. Јас ги нарекувам северна и јужна страна на Скопје. Јужната страна е урбанизирана и поради тоа трпи притисок на градба, при што имате „затнати населби“ каде што нема квалитет на живеење, бидејќи не постои животен простор за граѓаните. Тоа е најзиразено во Центар, но и во Карпош, Аеродром се повеќе, Кисела Вода…Другата страна може да се каже ултранеразвиена. Што се добива? На крајот имате две неразвиени страни од градот или неквалитетни за живеење. Значи да повторам и тука – Скопје нема алтернатива.

Јас така си ја сфаќам мојата работа дека сум должен да гледам за Скопје за следните 20 или 30 години и дека морам да направам се за да го отворам тој простор за развој на градот, Зашто ако сега Скопје е 600-тини илјади жители, по природните прирасти на населението Скопје за нардните 20-30 години ќе биде град со 800 илјади жители. Тоа мора да се има предвид кога се води град, вклучително при поставувањето на инфраструктурата. Затоа тие прокети мора да ги направиме.

Веќе мај оди тендерот за тунелите под Кале. Ќе чинат, нека чинат! Ама знам дека ќе донесат развој за тој дел од градот. Јас не измислувам топла вода. Тоа се соообраќајници зацртани во генералнито урбанистички план на Скопје од 1965 година. Никој до сега не ги реализирал. Зошто, не знам. Покрај тоа, продолжува изградбата на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ и тоа ќе биде првот приклучување годинава кон обиколницата, бидејќи ваков каков што е, не завршува никаде – завршува во нива. Ќе започне да се гради и булевар „Босна и Херцеговина“ и да се спои со булевар „Словенија“, а очекувам дека во 2019 година ќе започнеме со изведба за продлжување на булевар „Словенија“ до Волково.

Но во буџетот имате предвидено околу 20-тина милиони евра за изградба на големи сообраќајници и булевари?

Пак велам, тоа е според сегашните проекции. Но кога ќе изградите веќе еден булевар, приходната страна станува поголема поради другите извори на средства. Да повторам, нема друга алтернатива. Што друго ќе правиме? Над зградите да градиме згради? Мора да отвориме еден нов простор за квалитенто живеење. Скопјани сметам дека малку подоцна во годинава ќе ја видат целата визија, па потоа полесно ќе се разбираме…

Рековте во мај ќе се тендерираат тунелите под Кале. Тоа е почетна фаза од идеен проект…Колку очекувате да чини тој прокет?

Постои веќе изготвено сообраќајно решение што може да се користи како еден вид идеен проект. Јас од учесниците во постапката ќе барам да ми изготват и готов проект со цени на чинење, за да може градот да калкулира за тоа со какави трошоци ќе треба да се справува за да можеме потоа да влеземе во затворање на финасиската конструкција за изведба на тунелите и мислам дека до крајот на мандатот ќе успееме да ги завршиме. Целиот проект би требало да биде во две фази. Првиот е од Циглана до булеварот „Никола Карев“ – „Пластичарска улица“ и вториот, тунелите. Двете фази јас не очекувам дека ќе бидат поскапи од 40-тина милиони евра.

 

СУДОТ ДА ДОНЕСЕ БРЗА ОДЛУКА ЗА „ДРИСЛА“

Фото: Град Скопје
Фото: Град Скопје

Какви се плановите со управувањето со отпадот, пред се мислам на депонијата „Дрисла“?

Денеска бевме во „Дрисла“ каде поради тоа што на почетокот на мандатот многу смело го отворив прашањето, дури и нешто што не е во мој делокруг на работи, сметам дека дел поради таквиот мој настап, испровоцирав да се постави воден филтер за работата на инсценераторот за согорување на медицинскиот отпад, за прв пат откако е во употреба, така што во тој дел од градот веќе е решен проблемот со загадувањето со ПМ честичките од „Дрисла“, но и со азотните и сулфурните оксиди. Јас не се либам да преземам работи кои што не се целосно моја ингеренција и поради тоа да трпам удари, но тоа е во близина на Скопје и скопјани го доживуваат како еден од причинителите на загадувањето. Поради тоа реагирав и сега проблемот е решен, а во постпака е и набавка на нов согоорувач кој што би требало да биде набавен до јуни…

Дали покажаа нешто ревизорските или инспекциските наоди за концесискиот договор за Дрисла?

Постпаката е во Суд. Во Вишиот управен суд. Јас немам што да кажам, освен да побарам судот што поскоро да го реши овој предмет, за да знам и јас и Градот Скопје со кого ќе си имаме работа во иднина како концесионер. Значи не навлегувам во тоа каква ќе биде одлуката. Јас кога дојдов за градоначалник, мене веќе ме пречека пресуда. Логичната реакција беше да вложиме жалбена постапка, но и без тоа таква ќе имаше, зашто таква покренаа и Италијаните кои што сега управуваат со „Дрисла“. Нека донесе судот брза одлука, за да знае Градот на што е. Тогаш ќе може да влезете во договори со новиот парнтер за креирање на политика на управување со комуналниот отпад, визави одлуката дека е сменет или со постојниот, ако таква биде одлуката на судот. Сега тоа не е можно, зашто главниот капацитет каде завршува тој отпад е во лимбо состојба…

Јас дадов жалбена постпака, односно службите на градот водејќи се од фактот дека техниката и технологијата што била пред седум осум години не е иста каква што е денешната постојна во светот и дека концесионерот не вложил речиси ни денар како инвестиции. Идејата беше Градот врз база на гринфилд да одбере нов партнер за таа работа, меѓутоа, доколку остане сега германската компанија како парнтер, според последната одлука на судот, јас ќе барам измени на концесискиот договор. Ќе барам прво да се надомести тоа изгубено време од седум, осум години колку што е можно побрзо и ќе побарам при изградбата на постројката за производство на гас да се употреби најновата технологија што постои во светот во овој момент…

 

ИМА ЕКОНОМСКА ЛОГИКА ЗА НОВИ АВТОБУСИ

Една од можностите за почист воздух во Скопје е секако и нов начин на јавен превоз со ЈСП преку електрични или автобуси на природен гас. Вие донесовте две такви возила на проба – едно од бугарско-изреалска компанија, другото марка Мерцедес, добиено од македонска компанија. Како ги одбравте овие две компании за тестирање и дали тоа не значи скратување на можноста на други компании да овозможат тест период на свои производи?

Не можам да дозволам градот да купува инфраструктура до која многу тешко се доаѓа – зашто и автобусите се градска инфраструктура – на непроверен начин. Јас тоа обично го велам, нема да купуваме на принцип „Миле ми текна“….Значи за нас е битно да ги видиме влезно-излезните парамтри на тој тип автобуси. Станува збор за SNG автобуси. Ниту значи дека сме набавиле, ниту дека сме фаворизирале, но треба да знаеме што е тоа што би не очекувало ако градот реши да врши набавка на автобуси на гас или на струја. Во моментов имаме два на гас, еден е најавен на струја имаме барање, што е многу добро од IVECO и уште од две други компании една од Турција другата од Полска. Турската сака да даде автобус на гас, а полската електричен. Што значи Сите овие компании се понудија….

Прашањето, а и критиката од опозцијата, беше на кој начин вие се решивте да испробувате автобуси од една македонска и од една бугарско-изреалска компанија? Вие им се јавивте?

Не, претставниците на тие компании сами дојдода тука и покажаа интерес да отстапат автобус на времено користење на градот. За нас тоа е добро затоа што планираме да извршиме промена на дел од возилата на ЈСП, што е во рамките на редовната состојба. Но, на овој начин ние веќе имаме солидни сознанија, а тие ќе бидат уште покомплетни после извесно време – што не очекува и што е тоа шт би требало да го земеме…

Колкави се просечните продажни цени на овие два автобуса што се кај вас на проба?

Електричниот се дивижи од 420 до 500 илјади евра, а овие што се на гас од 200-250 илјади евра, во звисност од тоа каков тип на опременост би сакале да имате.

Има ли економска логика со вакви цени да се врши замена на дел од возилата на ЈСП?

Има. Нашите пресметки говорат дека на 30 автобуси само по однос на енергенс би заштедувале 144 илјади евра месечно. Доколку се земе предвид и загадувањето, се разбира дека има оправдување да се инвестира во таков тип автобуси, зашто овој на гас на пример би загадувал само 10 отсто од сегашното количество на загадување што го прават автобусите што се моментално во употреба.

 

ТЕСТ ПРАШАЊАТА ЗА ОТЧЕТНОСТ БЕА ОДГОВОРЕНИ СО „ДА“

thumbnail

На сите наши стандардизирани прашања со кои ја проверуваме отчетноста на Град Скопје одговорот беше со ДА и со кратка експликација, освен со листата на документи кои претставуваат информации и обрасци за поднесување барања за добивање информации од јавен карактер кои ги поседува општината Од тука може да се извлече заклучок дека Град Скопје нема некои посебни проблеми по прашањето на отчетноста:

  1. Да, Град Скопје има портпарол, како и цело одделение за односи со јавноста и медиумите. Нашите контакти се објавени на насловната страна на интернет порталот на Град Скопје, во делот КОНТАКТ

 

  1. Да, секогаш се јавуваме кога не бараат медиумите, а со нив комуницираме и преку интернет пошта на адресата medium@skopje.gov.mk.

 

  1. Да, сите донесени одлуки на Советот на Град Скопје се објавуваат на службениот весник на Град Скопје, кој е објавен на насловната страна на нашиот интернет портал, каде за јавноста истите се достапни на оваа интернет врска.

 

  1. Да, на насловната страна на интернет порталот (оддел Администрација) на Град Скопје објавена е целосната поделба и структура на Градот Скопје, со сите сектори, нивните раководители, нивни контакт информации и надлежностите Дополнително, во одделот „Објави, конкурси, настани“, во делот „Правилници“ достапни се повеќе документи, меѓу кои Правилникот за систематизација, Колективниот договор и Кодексот за однесување на вработените.

 

  1. Да, Буџетот на Град Скопје е објавен на насловната страна на интернет порталот на Град Скопје (отсек Буџет)

 

  1. Да, сите проекти се предвидени согласно Буџетот на Град Скопје, а целосната вредност за секој буџет може да се видат во извештаите за извршување на Буџетот на Град Скопје, кои ги носи Советот на Град Скопје (на секои три месеци). Дополнително, Град Скопје објавува и публикација „Како се трошат Вашите пари“ која се објавува од 2009 година, каде се дава финансиски и сликовид приказ за трошоците по области на Градот Скопје.

 

  1. Сите набавки од овој вид, храна и пијалоци, се извршени преку јавни постапки и јавни набавки, но истите не се објавуваат на интернет порталот на Град Скопје.

 

  1. Записниците од Седниците на Советот на Град Скопје се дел од материјалите на редовните седници и истите се испраќаат по пат на електронска пошта до сите национални и локални медиуми и новинари (согласно обемната мејлинг листа која ја поседуваме, која брои над 200 адреси). Истите засебно не се објавуваат на интернет порталот на Град Скопје.
  2. Град Скопје има специјално одредено лице (Мира Блажевска) за постапување по барања за слободен пристап до информации. Нејзините контакт информации се објавени на насловната страна на интернет порталот на Град Скопје, во делот КОНТАКТ. Градот Скопје нема објавено листа на документи за кои треба да се достави барање за слободен пристап до информации од јавен карактер.

 

  1. Да, истите, годишните програми, се носат од страна на Советот на Град Скопје и како такви за јавноста истите се достапни на следнава интернет врска . Тука покрај годишните програми за работа и извештаи за Градот Скопје, се одобруваат и извештаите и програмите за работа на јавните претпријатија и јавните културни установи коишто се во ингеренција на Градот Скопје.

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *