Албанскиот политички кампус пред тежок изборен мегдан

Изборната трка во општините со доминантно албанско население ќе биде интересна и непредвидлива. На едната страна  е ДУИ со поддршката од СДСМ, а неофициално и од ДПА,  а од другата страна е  коалицијата меѓу БЕСА и Алијансата за Албанците. Неизвесно е дали  новата коалиција во албанскиот блок ќе го „стопи“ водството на ДУИ во првиот круг. 

 

Пишува: Дрилон Салиу

 

Тежок изборен ден ги очекува в недела на 29.10.2017 година партиите од албанскиот политички блок. Во анализата на „Вистиномер“ за резултатите од првиот круг на локалните избори,  експертите контактирани од наша страна предвидоа коалиција помеѓу Алијансата за Албанците (АА) и БЕСА, која по средбата на претседателите на овие партии, Зијадин Села и Билал Касами и потпишувањето на договорот за соработка (18.10.2017), се кристализираше и стана реалност .  Со што, за претстојниот втор изборен круг електоратот во речиси сите општини со албанско мнозинство, фактички, се подели кон двата поголеми табора. Односно,  на едната страна  е ДУИ со поддршка од СДСМ, а неофициално и од ДПА,  а од другата страна се БЕСА и Алијансата за Албанците, кои ќе ги мерат силите нa досега најнеизвесното изјаснување за локална власт.

 

lOK-IZB

 

Бројките дозволуваат куп комбинаторики со кои би се добиле новите гардски татковци на поголемите и помалите општини со албанско мнозинство. Политичкиот аналитичар Селим Ибрахими смета дека трката во етнички мешаните општини со доминантно албанско население ќе биде тесна и непредвидлива:

На овие избори е тешко да се предвидат победниците во албанскиот блок. Резултатите се тесни и  форсираа создавање на коалиции кои ќе го одредат победникот во вториот круг.

Тој смета дека  „нема ништо лошо во создавањето на предизборните и постизборните коалиции  на албанските партии и нивно делење на два поголеми табора“

Напротив, тоа е позитивен чекор и дава нов импулс на политичката сцена, додава Селими 

Притоа нагласува дека  „нема некоја специфична формула за да се извлечат победниците на овие избори“, туку клучна улога ќе одигра партиската мобилизација и програмската понуда на коалициските партнери.

Аналитичарот  Бујар Плоштани, пак, прогнозира дека коалицијата меѓу Алијансата за Албанците и БЕСА ќе им донесе победа на нивните градоначалнички кандидати:

Коалицијата меѓу Алијансата за Албанците и БЕСА во вториот круг  е добар потег, затоа што, несомнено, еден дел од  граѓаните посакуваа вакво здружување. Од друга страна, пак, коалицијата помеѓу СДСМ и ДУИ сака да ги задржи општините под контрола. Според мене, коалицијата меѓу АА и БЕСА има повеќе шанси да ја однесе победата во оваа изборна битка. Мислам дека кандидатите од коалицијата АА-БЕСА  ќе бидат фаворити во многу општини, вклучувајќи ги Чаир, Тетово, Гостивар…

 

 

ГЛАСОВИ И КОБИНАЦИИ

Според резултатите објавени од ДИК,  ДУИ води во 11 општини и ќе се бори во вториот круг со противкандидатите од БЕСА и Алијансата за Албанците. Во Гостивар, Тетово, Чаир, Сарај, Теарце, Липково, Желино, Долнени, Дебар, Врапчиште и Боговиње предност има ДУИ.  Алијансата на Албанците и ДПА, пак, имаат предност само во по една општина, во Струга води Алијансата на Албанците, додека ДПА има предност во Студеничани.

Но, овие разлики и водството на ДУИ  се губат ако се комбинираат гласовите на БЕСА и Алијансата на Албанците добиени во првиот круг од изборите. Сепак, останува неизвесно колку е можно сите овие гласови  просто математички да се групираат на  контото на новата коалиција Алијансата за Албанците – БЕСА , имајќи ја  предвид нивната досегашна политичка „војна“ и краткото време за претставување на една стабилна доверлива коалиција пред граѓаните. А, исто така,  не треба да се пренебрегне ниту индивидуалниот пристап при одлучувањето на секој избирач, што особено доаѓа до израз за локални избори каде голема улога може да има профилот на самиот градоначалнички кандидат.

Влијание во определувањето на победниците во вториот круг ќе одигра и позиционирањето на ДПА, како и гласовите на македонското население во општините со албанско мнозинство.  Станува сè поочигледно дека ДПА ќе им даде поддршка на кандидатите на ДУИ, додека гласовите на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да отидат на опозициското салдо. Сепак,  досега (24.10.2017), од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ нема официален став за поддршка во вториот круг на некоја од  партиите на Албанците .

 

 

 КАМПАЊА И СОЈУЗНИШТВА

Изборната кампања за овој изборен круг завршува задутре (27.09.2017), и, за разлика од првиот круг, не е концентрирана целосно на програмата за локалните проблеми, туку во преден план ги исфрла  „стратешките коалиции“ и политичките калкулации и обвинувања на двата табора.

Така, на пример, кампањата на БЕСА и Билал Касами за Тетово е концентрирана на соработката со Алијансата за Албанците, промовирајќи сплотеност при што се нагласува поддршката од новиот коалициски партнер (АА). Впрочем, сите кандидати од редовите на БЕСА и АА  кои изгубија во првиот изборен круг јавно ги повикаа нивните гласачи да гласаат за новата коалиција и за кандидатите кои одат во вториот круг, а  против кандидатите на ДУИ.

Од друга страна, ДУИ и нејзините кандидати во оваа кампања  ѝ даваат големо значење на поддршката на премиерот Зоран Заев и неговото присуство на нивните собири. А, токму тоа беше мотив за обвинувањата  кон премиерот Заев упатени од Билал Касами и новата коалиција БЕСА-АА.  ДУИ, пак,  излезе со обвинувања кон новото сојузништво на БЕСА и АА, квалификувајќи го како „непринципиелна и артифицијална коалиција“.

Инаку, вреди да се каже дека актуеланата градоначалничка на Тетово и кандидат на ДУИ за уште еден мандат, Теута Арифи, кампањата во вториот круг ја започна со посета на Албанија и средба со пресадетелот Илир Мета  и градоначалникот на Тирана, Ерион Велија.

Исто така, деновиве (21.10.2017) во екот на кампањата внимание привлече и изјавата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој во емисијата „360 степени“ на Алсат-М телевизија кажа дека „коалицијата меѓу БЕСА и АА индирекно ѝ помага на ВМРО-ДПМНЕ“.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *