Владата ги објави извештаите за доделени државни пари на невладини организации

Направена е електронска база на податоци на доделените средства за граѓанските организации за периодот 2012 – 2016 година Фото: en.wikipedia.org

 

ВЕТУВАЊЕ: Воспоставување електронска база на податоци на доделените средства за граѓанските организации од Буџетот на Владата на Република Македонија за периодот 2012 – 2016 година, во која ќе бидат внесени сите донесени одлуки

        [Извор: Влада на РМ – План 3-6-9, стр.3, датум: јули 2017 година]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за воспоставување електронска база на податоци на доделените средства за граѓанските организации од Буџетот на Владата за периодот 2012 – 2016 година е исполнето ветување на Владата и е дел од Планот 3-6-9 ( стр.3).

Медиумите во неколку наврати пишуваа за „сомнителни невладини организации кои добивале огромни суми државни пари од Владата на Никола Груевски“, а сето тоа, според пишувањата, се одвивало  на нетранпарентен начин.

Имено, Радио Моф, на 29.05.2017 година, објави дека: „Владата дала 800.000 евра на НВО-а за кои и на Гугл му е тешко да ги најде“.

28 здруженија и граѓански организации добиле вкупно 800.000 евра од македонската Влада минатата недела, според одлуката објавена во Службен весник издаден на 23 мај. За поголем дел од овие организации не можат да се најдат никакви податоци при пребарување на интернет. Некои водат кон празни страници или пак кон декорација на нокти, додека еден дел од нив се совпаѓаат со организации кои во минатото организирале активности против опозицијата.

На 29.06.2017 година, порталот Макфакс објави текст со наслов: „Кои се невладините кои добија милионски суми од владата на ВМРО-ДПМНЕ?“.

Здруженија на поддржувачи на протестите „За заедничка Македонија“, оние кои се потпишаа како поддршка на изборите во декември 2016 за Никола Груевски, здруженија на луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ, невладини организации без адреса или со фантомски адреси. Само неколку вистински здруженија со мали грантови се најдоа на списокот на поранешната Влада за финансирање, колку да се покрие партиското финасисрање со државни пари. Новата Влада во ревизијата одлучи да не ги додели овие грантови. Макфакс истражуваше кој се требаше да го подели огромниот колач – пари на граѓаните.

На оваа тема текст објави и порталот Ден објавувајќи дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ делела милиони на едни исти невладини.

Речиси 250 невладини организации за 5 години земале 75 милиони денари – државни пари. Ден.мк истражуваше – колку пари од буџетот годишно се излевале за здруженија на граѓани. Според информациите до кои дојдовме, државата секоја година делела пари од буџетот на граѓаните за невладини организации, иако последното – во 2017 година беше најавено како „десоросоизација“, односно дојде по најавата на Никола Груевски дека потфрлиле со невладиниот сектор. Сепак, фактите го покажуваат спортивното.

Владата предводена од Зоран Заев во Планот 3-6-9 вети дека ќе биде воспоставена електронска база на податоци на доделените средства за граѓанските организации од Буџетот на Владата на Република Македонија за периодот 2012 – 2016 година, во која ќе бидат внесени сите донесени одлуки.

Во Фактографскиот извештај на Владата за реализација на Планот 3-6-9 се забележува дека:

Во јули 2017 год. на веб страната на Одделението за соработка со НВО на Генералниот секретаријат www.nvosorabotka.gov.mk, во делот Финансиска поддршка, објавен e детален табеларен преглед на доделени средства за поддршка на граѓански организации од страна на Владата, по години, за периодот 2012-2016 год. Базата на податоци нуди можност за пребарување по име на здружение, проект и година на доделени средства и редовно се ажурира.

Извештаите по години за финансиска поддршка на Владата на невладините организации, можат да се погледнат на следниот линк.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на Владата за воспоставување електронска база на податоци на доделените средства за граѓанските организации од Буџетот на Владата на Република Македонија за периодот 2012 – 2016 година, во која ќе бидат внесени сите донесени одлуки, е исполнето ветување.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција