ВМРО-ДПМНЕ бараше нови избори и со сите сили го спречуваше давањето на мандатот

По неуспехот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, до 29.01.2017 година да состави парламентарно мнозинство и нова влада, партијата постојано инсистираше на уште едни вонредни парламентарни избори, отфрлајќи ја практично можноста некој друг освен ВМРО-ДПМНЕ – Груевски, да состави влада

 

Откако претседателот Ѓорѓе Иванов му го додели мандатот за состав на Влада на лидерот на СДСМ,  Зоран Заев, членот на Извршниот комите (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Никола Тодоров, имаше прес-конференција на која, меѓу другото, изјави:

Доколку Зоран Заев собереше храброст и порано се оградеше од тиранската платформа, Република Македонија не мораше да ги минува и овие месеци во политичка криза. Доколку Зоран Заев порано ги дадеше гаранциите кои ги побара Претседателот Ѓорге Иванов, досега ќе беа деблокирани сите процеси и ќе имавме локални избори. Денешното добивање на мандатот е само затруен плод на затруеното дрво.

[Извор: Сител (од 1,01 до 1,26 минута од видеото), Датум: 17.05.2017]

  

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Горенаведената изјава на членот на ИК на ВМРО ДПМНЕ, Никола Тодоров е невистинита.

Фактите говорат дека ВМРО-ДПМНЕ уште од крајот на јануари 2017 година па наваму, поточно откако не успеа да се договори со ДУИ за формирање нова влада, цело време ja форсираше тезата за нови предвремени парламентарни избори и со своето дејствување го одолговлекуваше и опструираше процесот за составување на влада од СДСМ и ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ стори сè за да се пролонгира давањето на мандатот од страна на Иванов, а настаните кулминираа со крвавиот инцидент во Собранието на 27 април 2017 година.  Па, во таа смисла, улогата на ВМРО-ДПМНЕ во контаминацијата на „затруеното дрво“ (како што вели Тодоров), е огромна.

По неуспехот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, до 29.01.2017 година да состави парламентарно мнозинство и нова влада, партијата на 30.01.2017 излезе со соопштение во кое вели дека единствено решениe се нови парламентарни избори:

ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата За подобра Македонија како победник на последните избори која доби најголема поддршка од граѓаните и освои најголем број гласови и пратеници, смета дека формирањето на Влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план.

Секое друго решение само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и остварување на било чии програмски цели.

Оттогаш партијата постојано зборуваше дека излезот е во нови избори, отфрлајќи ја практично можноста некој друг освен ВМРО-ДПМНЕ – Груевски, да состави влада.  Тука ќе наведеме само неколку соопштенија и изјави во давани во тој дух:

На 31 јануари 2017 година ВМРО-ДПМНЕ побара појаснување „дали од САД сугерираат и бараат од Македонија да нема нови предвремени парламентарни избори“. Во врска со ова од партијата излегоа со соопштение во кое, меѓу другото, се вели:

Еден ден откако ВМРО-ДПМНЕ јавно се произнесе дека ситуацијата во Македонија е зрела за нови избори, Амбасадата на САД во одговор на новинарско прашање ги повика партиите да ги продолжат разговорите за формирање на нова Влада

На 17.02.2017 година членот на ИК, пратеникот Илија Димовски изјави:

Најрационално решение за она што сега ни се случува е организирање на нови предвремени избори.

На 19.03.2017 година Груевски во интервју за „Канал 5“ телевизија, коментирајќи ја актуелната политичка ситуација вели дека како партија понудиле две решенија за излез од политичката криза. Едното решение се брзи и нови парламентарни избори заедно со локалните, додека другото решение е формирање на малцинска влада. Притоа Груевски посочува:

На една од анкетите кои што ги направивме, над 70 проценти од граѓаните кои се со македонска националност ценат дека треба да се оди на други предвремени избори, а само 12 проценти се искажале дека не сакаат нови избори, тоа значи и дека многу од луѓето кои го поддржуваат СДСМ се за предвремени избори. Па, таму Зоран Заев нека ја претстави својата платформа, нека ја претстави бинационалноста и сите работи што доаѓаат по неа, како што се бинационализација, и сл. Тој нека излезе пред граѓаните и ако тие му дадат поддршка во ред, затоа велам излез од кризата се предвремени парламентарни избори.

На 27.03.2017 година пратеникот Илија Димовски во интервју за Сител вели:

 Нашиот предлог за излез од кризата е предвремени парламентарни избори.

На 20.04.2017 година ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение во кое вели:

Народот бара нови предвремени парламентарни избори за да му покаже на СДС како се сака Македонија

На 23.04.2017 година од партијата соопштија:

ВМРО-ДПМНЕ го повикува СДС да излезе на локални избори кои би се одржале заедно со предвремените парламентарни избори

На 01.05.2017 година по средбата на Груевски  со заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји, од ВМРО-ДПМНЕ испратија соопштение во кое, меѓу другото, е наведено:

Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше посочено дека најдобар и најбрз начин да се излезе од политичката криза е спроведување на предвремени парламентарни избори заедно со редовните локални избори.

На 16.05.2017 година, еден ден пред Иванов да му го додели мандатот на Заев од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со соопштение во кое се вели:

СДС мора да се соочи со граѓаните и да види што мисли народот за нивната деструктивна политика.

Доколку постои барем малку храброст, чесност и одговорност кон сопствениот народ, СДС ќе се согласи во октомври заедно со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори на ист трошок.

Од посочените изјави и соопштенија (а има и други) давани во изминатиов период јасно се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ инсистира на одржување на уште едни вонредни парламентарни избори и воопшто не сака ни да помисили дека СДСМ, односно Заев, може да направи влада.

Така што, изјавата на Тодоров, во која тој вели дека Заев требало порано да ги даде гаранциите на претседателот  Иванов и да се огради од таканаречената Тиранска платформа, со што Македонија немала да ги минува овие месеци во криза и досега ќе биле деблокирани сите институции,  ја оценуваме како  невистинита.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *