Во Кисела Вода редовно се чистат депониите и одводните канали

Засега редовно и постојано расчистување. Фото: Веб-сајт на о. Кисела Вода

 

Градоначалникот на Општина Кисела Вода во предизборието на последните локални избори (октомври 2017) го даде следното ветување:

Се обврзавме постојано и навремено да ги чистиме депониите и каналите…,

[Извор: Филип Темелковски-предизборна прграма стр.6, датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски во својата предизборна програма во 2017 година има дадено општо ветување дека навремено и постојано ќе ги чисти депониите и одводните канали во општината, ветување кое по проверката констатираме дека засега го исполнува.

Општинските власти откако се конституираа во ноември 2017 година,  во декември се зафатија најпрво со расчистување на дивите депонии низ општината, потоа спроведоа акции за чистење од кабаст отпад, а веќе во мај 2018 година започнаа и со чистење на одводните канали.

Првата информација низ медиумите и на самиот сајт на Општината во однос со расчистување на депониите е дека ваква акција започнала уште на почетокот на декември 2017 година, со помош и на јавните претпријатија на Град Скопје и тоа на територијата на целата општина.

Акцијата продолжила и на почетокот од јануари, каде што биле опфатени населбите 11 Октомври – бараки, а потоа и Драчево.

На крајот од јануари 2018 година, во акција на општината и во соработка со ЈП Комунална хигиена на Град Скопје собрани се над 30 тони смет. Четири дена подоцна, на 29 јануари Општината собрала над 2 тони смет од уште една локација над индустрискиот дел од градот, каде што во природа несовесни жители фрлаат ѓубре и отпадоци од пластика.

Слични акции на сајтот на Општината се регистрирани и во април,  а во мај годинава повторно има голема акција околу расчистување на јавниот простор и на дивите депонии, при што се собрани преку 30 тони отпад во еден ден.

Во мај годинава на двапати се организирани акции од страна на Општина Кисела Вода за собирање на кабаст отпад во различни делови на Општината. Најпрво на 10-ти мај собран е кабастиот отпад од Цветан Димов, Бирарија, Пржино и Црниче, а потоа и на 17-ти мај таква акција е спроведена за жителите од Пинтија, Усје и Стаклара.

На сајтот на Општината и во одделни медиуми може да се најдат и информации за чистење на одводните канали. Акцијата е редовна и се одвива на крај на пролетта и почетокот на летото, при што според информацијата од официјалниот сајт, биле опфатени сите одводни канали на целата територија на Општина Кисела Вода.

Според проверката што ја изврши „Вистиномер“ може да се оцени дека ветувањето на Темелковски за „навремено и постојано чистење на депониите и на каналите во општината“, засега се исполнува.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.