Фотографија од празен штанд искористена за анти-кампања

 

Пишува: Жаклина Цветковска

Текстот со наслов  СДСМ се откажа од граѓаните, поставиле штандови на кои никој не доаѓа, објавен на порталот vesnik.com, на 27.06.2020 година создава необјективна слика за предизборна кампања во корист на еден политички субјект.

Насловот е манипулативен, затоа што ја наведува публиката на заклучок дека СДСМ нема поддршка од гласачите. Ваквата констатација се поткрепува со само една фотографија на која се гледа промотивен штанд на СДСМ, за која порталот вели дека е објавена на социјалните мрежи и дека е од општина Карбинци.

Најпроблематичен аспект на фотографијата  е што не е познат временскиот контекст на поставувањето на штандот, кој е празен. Не е наведено дали е поставен пред или после некоја промотивна активност на политичката партија, во тек на непосредно дис(лоцирање,) или пак навистина партијата била несовесна и заборавила да го отстрани од јавна површина. Овие елементи се неопходни за да се утврди евентуална одговорност на политичкиот субјект, а особено не да се става знак „равенка“ помеѓу  еден празен штанд со „штандови на кои никој не доаѓа“, наведувајчи на заклучок дека граѓаните масовно ги одбегнуваат штандовите на СДСМ. Нема ниту една изјава или консултиран извор, ниту пак од нешто се гледа дека авторот се обидел да обезбеди изјава и повеќе информации за неодговорените прашања.

Истовремено, насловот воопшто не соодветствува со текстот, каде во вториот пасус се наведува дека СДСМ нецелисходно ги користи пропагандните материјали и дека штандот може да се претвори во куп ѓубре од пластика и да биде грдо петно за животната средина. Освен во насловот, никаде во текстот нема наводи, ниту докази, дека на поставените штандови на СДСМ никој не доаѓа.

Особено збунувачки е делот од насловот „СДСМ се откажа од граѓаните…“.Во текстот не е објаснето што значи ваквиот навод, кој нема никаква релевантност со информацијата, но може да влијае на нарушување на  довербата кај избирачите.

Медиумскиот производ многу наликува на кликбајт новинарство, кое има за цел да ја привлече јавноста со сензационален наслов за да кликне на хиперлинкот, каде обично се наоѓа „празен“ текст.

Овде се поставува и прашањето дали оваа вест, односно фотографија, пренесена од социјалните мрежи е вредна за медиумско внимание. Иако социјалните мрежи се повеќе се користат за креирање на медиумски продукти, сепак новинарот треба да направи селекција на информациите и да има критички став што е од јавен интерес  да се објави.

Новинарите  мора да бидат внимателни да известуваат објективно и балансирано, особено за време на изборни процеси и да го почитуваат  членот 14 од Кодексот на новинарите, што во овој случај не е сторено.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција