Руската вакцина „Спутник В“ нема магнетизирачки компоненти

Видео со лажно тврдење дека после вакцината со „Спутник В“ рамото на некоја скопјанка станало магнетизирачко е објавено на социјални мрежи, а од таму завршува како сензационалистичка вест на фејсбук фан страната на угледен медиум. Вакви тренд видеа станаа хит во последните недели во светот, а истражувањето покажува дека станува збор за трикови со антиваксерска или забавна содржина

Видео со лажно тврдење дека после вакцината со „Спутник В“ рамото на некоја скопјанка станало магнетизирачко е објавено на социјални мрежи, а од таму завршува како сензационалистичка вест на фејсбук фан страната на угледен медиум. Вакви тренд видеа станаа хит во последните недели во светот, а истражувањето покажува дека станува збор за трикови со антиваксерска или забавна содржина

 

Објава на Фејсбук фан страната на Радио Мрежа Канал 77, шири дезинформација околу вакцините со тоа што споделува видео на наводна скопјанка, преку кое се тврди дека вакцинираните имале магнетизирачко својство на местото каде што ја примиле вакцината. Нешто што стана светски тренд на социјалните мрежи во последните недели.

Во објавата на веста пласирана на порталот на радиото ММС, меѓу другото се наведува:

Граѓаните се вакцинираа со АстраЗенека, Синофарм, Спутник V, Фајзер и наскоро со Синовак. Многу шпекулации имаше околу составот на вакцините па некои граѓани кои се вацинирани решија да направат еден интересен експеримент. Скопјанка која примила вакцина на Спутник V решила да испроба еден експеримент што кружи на социјалните мрежи. Прво мислела дека станува збор за некаква шега, но кога видела со свои очи останала вчудоневидена. Земала лажичка и ја доближила до местото каде што е вакцинирана, како да има магнет под кожата која веднаш го привлекува лажичето. И по ова останува прашањето што навистина има во оваа руска вакцина.

– Не ми се верува тоа што го видов, лажичката ми стоеше на рака исто како да беше закачена за нешто, исто како да ми имаат вградено магнет во раката, вели скопјанката која останала шокирана по експериментот.

Текстот е објавен со сензационалистички наслов од кој се гледа можна намера да се добијат што повеќе кликови, односно посетеност на фан страната на Фејсбук и на самиот веб сајт: „(Видео) Телото на скопјанка станало магнет откако се вакцинирала со Спутник – Метални предмети и се лепат на раката.“

Притоа е заштитен идентитетот на скопјанката, а од позадинските тонови може да се слушне дека на радио или телевизор оди говор на македонски политичар, по што може да се процени со извесна доза на сигурна претпоставка, дека видеото не е „увезено“, туку дека е од „домашна продукција“. Но, ниту има пласирано некаков доказ дека жената е вакцинирана, уште помалку, пак, со руската вакцина „Спутник В“, ниту, пак, има ограда или појаснувачки контекст од страна на авторот на текстот.

Во релативно краткото видео – трае само шест секунди, може да се види единствено како на рамото на жената некој приближува мала метална лажичка и како таа останува прилепена на кожата.

 

Физички е невозможно да се инјектираат силни магнетизирачки елементи

Но, како што е напоменато и погоре, станува збор за апсолутен хит тренд во светот, каде што на социјалните мрежи се постираат вакви видеа (внатре во текстот), за кои повеќе проверувачи на факти утврдиле дека немаат врска со вакцинацијата. Тоа е детектирано и објавено неодамна и во рецензија на „Вистиномер“, каде што во рамките на проверка на факти направена од ББЦ, физичарот Ерик Палм појаснува дека физички е невозможно да се инјектираат магнетизирачки елементи во човековото тело преку вакцина, пред се поради дијаметарот на иглата кој изнесува помалку од милиметар:

Дури и ако инјектирате екстремно магнетизирачка честичка, таа ќе биде со толку мала големина што неможе да произведе сила доволна да задржи метал на вашата кожа – вели Палм.

Други проверувачи на факти потврдиле дека во повеќето вакцини нема магнетизирачеки елементи во составот, што може да се види од оваа проверка, ниту пак штетни елементи кои на друг начин можат да му наштетат на човековото тело, како што тоа може да се види од оваа проверка на Ројтерс.

Двете дози на Спутник В. Фото: Википедија

Компоненетите на руската вакцина се јавно достапни и не се „магнтизирачки“

Во објавата што ја рецензираме станува збор за руската вакцина „Спутник В“, официјално регистрирна од руското министерство за здравство како „Гам-КОВИД-Вак-Лио“, со решение издадено уште во август 2020 година. Станува збор за вакцина базирана врз два аденовируса како главни компоненти, во првата доза рекомбиниран човечки аденовирус серотип бр 26 и во втората доза аденовирус број 5 и двата збогатени со гени од протеинот С или спајк протеинот од вирусот Сарс-Ков -2 вирусот. Ова може да се прочита и на сајтот на Истражувачкиот центар Гамалеа, кој ја пронајде и е еден од производителите на вакцината, додека другите се набројани и во сертификатот.

Покрај аденовирусите, Спутник В ги содржи другите помошни компоненти: хидроксилметил, содиум хлорид, сахароза, магнезиум хлорид хексахидрат, дисодиум дихидрат и полисорбат.

Како што може да се види, ниту содржи магнетизирачки елементи, ниту, пак, некои од другите извикани елементи како што се алуминиум, кој што во многу вакцини се вградува уште од 1930 година и за кој се мислеше едно време дека е неуротоксиин, а, исто така, стана предмет на антиваксерски постови на социјалните мрежи во врска со вакцините против ковид-19.

Поради погоре изнесените аргументи може да се оцени дека објавата што ја рецензираме содржи дезинформација за вакцината, т.е дека може да се потврди дека видеото е или лажно или е трик, преку кој се шират невистини за вакцините против ковид-19.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција