Неточно е дека вакцинираните против ковид-19 ќе развијат симптоми на сипаници

Фото: Министерство за здравство

Светската здравствена организација досега потврди 80 случаи на мајмунски сипаници, а 50 случаи сѐ уште се истражуваат. Врз основа на 80 случаи, за кои не се знае ниту дали биле вакцинирани против ковид-19, не може да се донесе заклучок дека токму вакцинираните лица против ковид-19 развиваат симптоми на сипаници. Освен тоа, пред појавата на вакцините против коронавирусот, евидентирани се повеќе епидемии на мајмунски сипаници, што е уште една потврда дека вакцините против коронавирусот не ги предизвикуваат мајмунските сипаници

Светската здравствена организација досега потврди 80 случаи на мајмунски сипаници, а 50 случаи сѐ уште се истражуваат. Врз основа на 80 случаи, за кои не се знае ниту дали биле вакцинирани против ковид-19, не може да се донесе заклучок дека токму вакцинираните лица против ковид-19 развиваат симптоми на сипаници. Освен тоа, пред појавата на вакцините против коронавирусот, евидентирани се повеќе епидемии на мајмунски сипаници, што е уште една потврда дека вакцините против коронавирусот не ги предизвикуваат мајмунските сипаници

 

 

Рецензираме пост објавен на Фејсбук во кој се трвди дека ковид-19 е лага, а дека вакцинираните развиваат симтоми на мајмунски сипаници. Ова е невистина.

Во објавата се вели:

Гледајќи и слушајќи секојдневно како на сѐ поголема врата влегува муабетот за таканаречените “мајмунски” сипаници, повторно проработува оптимизмот во мене како и на почетокот на последната ПЛАНдемија. Онака спонтано ми доаѓа идејата дека всушност ова е нова шанса за Човештвото. Претходната лага за Кромид19 прелажа многу, но и разбуди многу истотака. Голем број од оние што се боцнале, веќе се свесни дека нешто е променето кај нив, верувам дека нема да наседнат пак, колку и да им изгледа страшно. Иако сите индиции укажуваат на тоа дека само боцнатите најверојатно покажуваат некакви симптоми и ќе развијат некаква форма на заболување кое ќе биде слично на сипаници, па ќе биде одличен момент да ја покрене целата машинерија на лагата. Знаеме дека мРНА боцките се со аденовирус од шимпанзо, па оттука и врската.

Но за останатите, оние кои со сета сила “веруваа” во науката,оние кои велеа дека другите се небањати, неписмени и слично. Оние кои мислеа дека се на вистинската страна. За вас пораката е едноставна.

Ако и овојпат наседнете и не ги послушате таканаречените “теоретичари на заговори” кои всушност испаднаа најточни со предвидувањата, стварно, ама стварно ќе испаднете мајмуни, буквално. Со среќа

Ковид-19 или SARS- CoV-2, не е лага, односно претставува прецизно дефиниран вирус и според својата геномска структура припаѓа на родот бета-корона вируси. Пандемијата со ковид-19 е реалност, за што сведочат голем број студии, медицински лица, здравствени власти од речиси сите држави во светот, пациенти… Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, СЗО истиот ден го потврди тоа, по што неговиот генетски материјал РНК беше изолиран. Оттаму, не може да се тврди дека ковид-19 е лага, дотолку повеќе што над 6,2 милиони луѓе починаа како последица на коронавирусот.

Освен тоа, надвор од секоја логика е да се тврди дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат мајмунски сипаници, а вакцинираните развиваат симптоми.

Нема никакви докази дека вакцинираните против ковид-19 „ќе развијат некаква форма на заболување кое ќе биде слично на сипаници“, како што невистинито се тврди во постот што го рецензираме. Вакцините се покажаа безбедни и ефикасни и го намалија ризикот од хоспитализација и развивање тешка форма на болеста. Според научната фела, тие се најсилното оружје во битката со пандемијата.

Ниту вакцините против ковид-19, ниту пак самиот коронавирус, може причинско-последично да се поврзе со мајмунските сипаници, кои претставуваат вирусна зоонозна болест која се јавува првенствено во тропските дождовни шуми во Централна и Западна Африка и повремено се проширува во други региони.

Мајмунските сипаници се пренесуваат на луѓето преку близок контакт со заразено лице или животно или со материјал контаминиран со вирусот. Вирусот на мајмунски сипаници се пренесува од едно на друго лице преку близок контакт со лезии, телесни течности, респираторни капки и контаминирани материјали како што е постелнината, информира СЗО.

Според германскиот Институт Роберт Кох, вирусот може да се пренесе од животните на луѓето преку близок контакт со заразени животни како резултат на каснување (верверички, стаорци, примати), контакт со животинска крв или секрет, конзумирање на заразено месо од мајмун или инфекција со капки. Со други зборови, станува збор за класична зооноза, предизвикана или од близок контакт или со јадење на заразени животни, а не од вакцини против ковид-19.

Мајмунските сипаници се сродни со големите сипаници кои се искоренети во 1979 година, помалку се преносливи и помалку смртоносни.

Светската здравствена организација досега потврди 80 случаи на мајмунски сипаници, додека 50 случаи сѐ уште се истражуваат. Ова е уште еден доказ дека врз основа на 80 случаи, за кои не се знае ниту дали биле вакцинирани против ковид-19, не може да се донесе заклучокот од постот што го рецензираме.

Во минатото, пред појавата на вакцините против коронавирусот, евидентирани се повеќе епидемии на мајмунски сипаници, што е уште една потврда дека вакцините против коронавирусот не ги предизвикуваат мајмунските сипаници.

Вирусот првпат бил идентификуван кај мајмуни во заробеништво, а спорадични епидемии се пријавени во 10 африкански земји од 1970 година, кога воопшто не постоеше ниту ковид-19, ниту пак вакцини против ковид-19. Во 2003 година избувна епидемија во Соединетите Американски Држави, кога за првпат болеста беше пријавена надвор од Африка.

Пријавени биле вкупно 81 случај, но ниту еден не завршил со смртен исход.

Нигерија ја доживеа најголемата епидемија на мајмунски сипаници регистрирана досега, во 2017 година, приближно 40 години откако земјата го имаше последниот потврден случај.

Според Центарот за превенција од заразни болести мајмунските сипаници за прв пат биле откриени во 1958 година кога се случиле две епидемии на болест, слична на сипаници, во колонии на мајмуни чувани за истражување, па оттука и називот „мајмунски сипаници“. Првиот човечки случај на мајмунски сипаници е забележан во 1970 година во Демократска Република Конго, а оттогаш се забележува кај луѓе во други централни и западни африкански земји.

 

Аденовирусот во вакцината на Астразенека не може да предизвика сипаници

Авторот на постот што го рецензираме невистинито тврди дека поради аденовирусот во вакцините, вакцинираните лица против ковид-19 се заразуваат со сипаници. Ова е неточно, бидејќи аденовирусот во вакцините е деактивен и не предизвикува никаква болест.

Вакцината Оксфорд/Астразенека содржи аденовирус како вектор, изменета верзија на сој на вирус кој вообичаено влијае на шимпанзата.

Овој модифициран вирус се користи како вектор за пренесување на генетските информации што го шифрираат протеинот SARS-CoV-2. Кога вакцината ќе влезе во клетките во телото, генетскиот код се користи за производство на протеинот. Ова му овозможува на имунолошкиот систем да развие антитела за заштита од инфекција со Ковид-19 во иднина. Модифицираниот вирус е генетски модифициран така што не може да расте или да предизвика инфекција кај луѓето, дебанкираа проверувачите на факти.

Вакцините против ковид-19 користат различни типови аденовируси. На пример, АстраЗенека користи аденовирус на шимпанзо, додека вакцината Џонсон и Џонсон користи аденовирус од тип 26.

Во двата случаи, аденовирусот е инактивиран, што значи дека не може да предизвика болест, пишува Форбс.

Мајмунските сипаници немаат никаква поврзаност со ковид-19

Како ковид-19, мајмунските сипаници се предизвикани од вирус, но, двата микроби немаат никаква меѓусебна поврзаност.

Коронавирусите содржат единечни жици на генетски материјал наречен РНК. Вирусот на мајмунска сипаница, пак, го носи својот генетски код во ДНК, кој е двоверижен.

Здравствените експерти нагласуваат дека ризикот за јавноста од мајмунските сипаници останува низок и не треба да постои преголем страв од заразување.

Тоа е вирус во многу различна класа од ковид-19. Претежно живее во резервоари за животни, така што случајно доаѓа до луѓето и може да предизвика спорадични заболувања и релативно мали избувнувања, рече д-р Шира Дорон, лекар за заразни болести и болнички епидемиолог во медицинскиот центар Тафтс во Бостон, за ABC News.

Сепак, Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ ја опишуваат моменталната состојба за појава на сипаници како „совршена бура“.

Голем број фактори придонесуваат за она што се нарекува „совршена бура“. Нарушувањата поврзани со пандемијата, зголемените нееднаквости во пристапот до вакцините и пренасочувањето на ресурсите од рутинската имунизација, сето тоа игра улога. Премногу деца во моментов се оставени без заштита од сипаници и други болести кои можат да се спречат со вакцини. Како резултат на тоа, зголемен е ризикот од големи епидемии. Во 2020 година, 23 милиони деца ги пропуштија сите основни вакцини. Тоа е најголем број забележан од 2009 година, информираат од УНИЦЕФ.

Ова практично значи дека зголемениот број случаи на сипаници нема никаква поврзаност со вакцините против ковид-19.

Поради сите погоренаведени факти кои потврдуваат дека вакцините против коронавирусот не предизвикуваат сипаници, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. 

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција