Таткото на убиецот од Младеновац не починал, туку е уапсен

Фото: Принтскрин видео

Не е точно дека таткото на убиецот од Младеновац доживеал срцев удар и починал, како што се тврди во постот, туку тој е уапсен 5 дена по убиствата за кои е осомничен неговиот син Урош

Не е точно дека таткото на убиецот од Младеновац доживеал срцев удар и починал, како што се тврди во постот, туку тој е уапсен 5 дена по убиствата за кои е осомничен неговиот син Урош

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Доживеал срцев удар: Умре таткото на убиецот од Младеновац.

Во рамките на постот се споделува текст со истиот наслов.

Но, станува збор за дезинформација. Српските медиуми повикувајќи се на официјални извори (Министерството за внатрешни работи на Србија) информираа дека таткото на 21 годишниот Урош Блажиќ, кој уби осум и рани четиринаесет лица, пукајќи со пушка и пиштол, е уапсен.

Неточната информација дека таткото на Урош починал ја пренесоа и  други медиуми, а некои подоцна откако ја увидоа грешката ја избришаа веста.

Во овие написи, вклучително и во текстот што се споделува во постот што е предмет на нашата рецензија се тврди дека:

Радиша Блажиќ, таткото на монструмот од Младеновац Урош, според непотврдени информации денеска починал наводно од срцев удар, јавуваат српски медиуми.

Меѓутоа, не е вистина дека таткото на Урош, Радиша Блажиќ починал од срцев удар. На 10 мај 2023, бројни српски медиуми известија дека тој е уапсен.

Уапсен е таткото на Урош Блажиќ (21-годишното момче осомничено за убиствата во селата кај Младеновац и Смедерево), пишува Танјуг и за оваа информација се повикува на потврда од Министерството за внатрешни работи на Србија.

Медиумот „Данас“ објавува дека пет дена после убиствата во Младеновац, полицијата го уапси и таткото на осомничениот. Истата информација ја објави и Радио Телевизија Србија.

Припадници на Министерството за внатрешни работи, Управата за криминалистичка полиција, Службата за борба против организираниот криминал и Полициската станица Младеновац во соработка со Вишото јавно обвинителство во Смедерево, го уапсија Р.Б.(1968) поради основано сомнение дека извршил кривично дело недозволено производство, чување, носење и трговија со оружје и експлозивни материјали, се вели во објавата на Радио Телевизија Србија.

Според наведеното, полицијата при претрес на живеалиштето во околината на Младеновац, пронашла и одзела две воени дозволи за пушка, пиштол со две рамки, револвер, неколку стотици парчиња муниција од различен калибар како и една рачна направа. Oсомничениот (таткото на Урош) ќе биде задржан до 48 часа и со кривична пријава ќе биде приведен пред обвинител.

Поради сите горенаведени факти, кои се официјално потврдени од српското Министерство за внатрешни работи, а пренесени од државниот српски радиодифузен сервис и други медиуми, дека Радиша Блажиќ е уапсен, оценуваме дека постот што го рецензираме е невистинит. Не е точно дека таткото на убиецот од Младеновац доживеал срцев удар и починал, туку тој е уапсен 5 дена по убиствата за кои е осомничен неговиот син Урош.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција