Не е точно дека американските и руските трупи во Нигер се дружат

Фото: Принтскрин видео ФБ пост

Клипот споделен во објавата не е снимен во Нигер и не е нов, за што сведочи фактот дека за него пишувал рускиот весник Московский комсомолец уште на 6.11.2021 г., што било пред доаѓањето на руските трупи во таа африканска земја. Инаку, Нигер доскоро балансираше меѓу Западот и Истокот, но во јули 2023 г., во Нигер се случи пуч, со кој на власт стапи антиамериканска хунта. Нигер е сега во транзиција, па Американците сè уште не се заминати, а Русите веќе пристигнаа, па затоа тие делат иста база, но тие се сместени во меѓусебно оддалечени делови од неа и не се дружат. САД ја опишаа ситуацијата во базата како не идеална, но на кус рок поднослива. Во објавата  недостасуваат многу битни факти и јавноста не ја добива целосната слика за настанот

Клипот споделен во објавата не е снимен во Нигер и не е нов, за што сведочи фактот дека за него пишувал рускиот весник Московский комсомолец уште на 6.11.2021 г., што било пред доаѓањето на руските трупи во таа африканска земја. Инаку, Нигер доскоро балансираше меѓу Западот и Истокот, но во јули 2023 г., во Нигер се случи пуч, со кој на власт стапи антиамериканска хунта. Нигер е сега во транзиција, па Американците сè уште не се заминати, а Русите веќе пристигнаа, па затоа тие делат иста база, но тие се сместени во меѓусебно оддалечени делови од неа и не се дружат. САД ја опишаа ситуацијата во базата како не идеална, но на кус рок поднослива. Во објавата  недостасуваат многу битни факти и јавноста не ја добива целосната слика за настанот

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук од 4.5.2024 година содржи клип со следниов опис:

Русија и САД засега споделуваат воена база во Нигер.

Заборавајќи ја геополитиката за момент, танцуваат руски и американски војници!

Нема потреба да се убива и да се умира за олигарсите и глобалистите.

Во рамките на објавата е споделен видеоклип од неидентификуван извор, кој прикажува некои униформирани лица како танцуваат.

Клипот се шири низ светот со опис дека тоа се американските и руските војници, кои сега делат една иста воена база во африканската држава Нигер, а кои, наводно, започнале да се дружат. Точно е дека, по сила на околностите, тие сега делат иста база во Нигер, но не е точно дека се дружат, а клипот не е снимен таму и воопшто не е нов.

Како што видовме на почетокот, клипот стигна и до нашата публика, но тука имаме специфична ситуација. Лицето, кое ѝ го претставило клипот на нашата публика, го презело истиот од странски извор (можеби овој), при што извршило превод на описот, но во овој случај описот не вели јасно и недвосмислено дека клипот е снимен неодамна во Нигер. Сепак, зборовите употребени во описот, во комбинација со клипот, создаваат таков впечаток, па јавноста тоа може да ја доведе во заблуда и тоа треба да ѝ се објасни.

Клипот не е снимен во Нигер и не е нов, за што сведочи фактот дека за него пишувал рускиот весник Московский комсомолец уште на 6.11.2021 г., што било пред доаѓањето на руските трупи во таа африканска земја, на што подоцна ќе се осврнеме. Весникот навел дека нема податоци кога и каде бил снимен клипот и дека некои биле скептични околу тоа дали лицата во него се американски и руски војници. Клипот бил објавен од корисникот r/AnormalDayInRussia на социјалната мрежа Reddit, а весникот приложил скриншот и линк до клипот, но од некоја причина тој е сега избришан од страна на корисникот.

Меѓутоа, клипот го има и на други социјални мрежи и тоа во разни варијанти, со разлики во времетраењето, музичката позадина или текстот додаден врз сликата. Примери за тоа има тука, тука и тука – што е најраната верзија која успеавме да ја најдеме и датира од 1.11.2021 г.

Вакви контакти меѓу Американците и Русите не биле невообичаени, особено во 1990-тите, кога на чело на Русија бил Борис Елцин. Русија тогаш се вклучила во програмата „Партнерство за мир“ на НАТО, а контакти имало и во рамките на мировните мисии како УНПРОФОР, СФОР и КФОР. Односите меѓу САД и Русија почнале да се влошуваат со бомбардирањето на Србија, а особено откако на власт стапил Владимир Путин. Но, тој не бил веднаш толку ригиден, а Американци марширале на Парадата на победата во 2010 г.

Шанси да се сними клип, во кој заедно би танцувале американски и руски војници, евидентно имало, но ние не знаеме дали е тоа случај во конкретниов клип. Ние не знаеме кои се овие лица во него, а ни кога, ни каде тој бил снимен. Но, тоа веќе и не е битно, затоа што ние веќе најдовме одговор на клучното прашање, а тоа е дали клипот бил снимен неодамна во Нигер. Одговорот на тоа прашање е негативен.

За тоа уште подобро да се сфати, мораме да се вратиме во поблиското минато на Нигер. Тој доскоро балансираше меѓу Западот и Истокот, па во 2013 г. прими американски трупи, кои му помагаа во борбата против исламистите, а во 2017 г. склучи договор за воена соработка со Русите. Односите со САД постепено му се влошуваа, а на 26.7.2023 г., во Нигер се случи пуч, со кој на власт стапи антиамериканска хунта. Нигер е сега во транзиција, па Американците сè уште не се заминати, а Русите веќе пристигнаа, па затоа тие делат иста база, но тие се сместени во меѓусебно оддалечени делови од неа и не се дружат. САД ја опишаа ситуацијата во базата како не идеална, но на кус рок поднослива.

Поради сето досега наведено, објавите кои го опишуваат клипот како неодамна снимен во Нигер треба да се отфрлат како невистинити, но оваа, која сега ја рецензираме, е специфична, затоа што тоа не го вели јасно и недвосмислено, туку на некој начин го сугерира.

Во објавата евидентно недостасуваат многу битни факти и јавноста не ја добива целосната слика за настанот, па затоа оценуваме дека оваа објава страда од недоречености или премолчувања, односно од недостаток на контекст.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција