Видео од 2009 година прикажано како од протестите во Малме против учеството на Израел на Евровизија

Фото: Принтскрин видео

Видеото кое прикажува насилни протести во Шведска датира од натпревар од Дејвис купот во Малме во 2009 година, но истото објавата што ја анализираме го прикажува како да е од  протестите кои се однесуваат на натпреварот за песна на Евровизија во Малме во 2024 година. Иако во објавата на Икс, од каде е преземено видеото, јасно е наведено дека тоа е од 2009 година, ваквата констатација ја нема во написот споделен во оваа објава на Фејсбук

Видеото кое прикажува насилни протести во Шведска датира од натпревар од Дејвис купот во Малме во 2009 година, но истото објавата што ја анализираме го прикажува како да е од  протестите кои се однесуваат на натпреварот за песна на Евровизија во Малме во 2024 година. Иако во објавата на Икс, од каде е преземено видеото, јасно е наведено дека тоа е од 2009 година, ваквата констатација ја нема во написот споделен во оваа објава на Фејсбук

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која информира за демонстрациите во Малме, Шведска, против учеството на Израел на изборот за песна на Евровизија 2024 година. Споделениот напис споделува видео од демонстрации во Малме пред 15 години кое го претставува како актуелно.

Полициски сили се распоредени низ целиот град. Индипендент објави дека се поставени метални заштитни огради околу арената Малме каде се одржува натпреварот и дека полицијата внимателно ги проверува сите што влегуваат, стои во објавата.

Објавата споделува напис со наслов „Хаос во Малме: Демонстранти направија хаос пред второто полуфинале на Евровизија, Израелката ја чуваат полицајци“, кој го содржи спорното видео.

Во пресрет на второто полуфинале на Евровизија во Малме избувнаа протести и немири, предизвикани од оние кои се против учеството на Израел на ова натпреварување.Локалните медиуми јавуваат дека толпата ги вклучува сите генерации, вклучувајќи ги и родителите со деца. На протестот присуствува и шведската климатски активист Грета Тунберг. На видеото кое се појави на мрежата Х, се гледа како некои напаѓаат полициски возила, користат разни пиротехнички средства и предизвикуваат судири, стои меѓу другото во написот.

Малме, кој има голема муслиманска заедница, беше домаќин на Евровизија 2024 година од 7 до 11 мај.

Претставничката на Израел во полуфиналната вечер која се одржа на 9 мај,  се пласираше во финалето. Истиот ден, илјадници пропалестински демонстранти излегоа на улиците на третиот по големина град во Шведска за да се спротивстават на учеството на Израел на натпреварот во време на неговата воена кампања во Газа.

Видеото, кое е од 2009 година и е достапно на Јутјуб, а на кое се гледа како луѓе со качулки на главите фрлаат камења кон редица полициски возила, на социјалната мрежа Икс повторно се појави на 9 мај.

Иако во објавата со видеото на Икс јасно е наведено дека станува збор за старо видео, објавата што ја анализираме, го претставува како актуелно, односно посочува дека е направено за време на демонстрациите во Малме против учеството на Израел на Евровизија.

Принтскрин од написот на А1 ОН

Некои велат дека шведскиот полициски конвој (100 полицајци) кој ја штити израелската пејачка Еден Голан на Евровизија во Малме денес е претеран. Да ги потсетиме дека толпа од 300 демонстранти се обиде да упадне на стадионот кога Израел дојде да игра Дејвис куп тенис во Малме во 2009 година, стои во објавата на Икс од каде е преземено видеото.

Дека видеото е старо, а не актуелно, потврдил и портпаролот на полицијата во Малме.

Немаше никакви нарушувања на ниту еден од протестите минатата ноќ. Видеата што се споделуваат на социјалните мрежи се стари 15 години и покажуваат нарушувања на протестите пред тенискиот натпревар меѓу Шведска и Израел во Малме 2009 година, изјавил за Ројтерс портпаролот на полицијата во Малме.

Од ова можеме да заклучиме дека видеото кое прикажува насилни протести во Шведска датира од натпревар од Дејвис купот во Малме во 2009 година, но истото објавата што ја анализираме го прикажува како да е од  протестите кои се однесуваат на натпреварот за песна на Евровизија во Малме во 2024 година. Иако во објавата на Икс, од каде е преземено видеото, јасно е наведено дека тоа е од 2009 година, ваквата констатација во написот споделен во оваа објава на Фејсбук, ја нема. Поради тоа, оценуваме дека на објавата ѝ недостига контекст.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција