Не, 74 проценти од смртните случаи не се предизвикани од ковид вакцините

Фото: fernando zhiminaicela auf Pixabay

Рецензијата која во објавата е невистинито претставена како студија, била отстранета од платформата поврзана со престижното медицинско списание Лансет, каде обично биле поставувани текстови пред да се објават во журналот. Отстранувањето се случило само 1 ден по поставувањето. Објаснувањето од Лансет е дека заклучокот на документот не е поддржан методолошки и дека овој прелиминарен труд никогаш не бил прегледан од заедницата или објавен од медицинско списание

Рецензијата која во објавата е невистинито претставена како студија, била отстранета од платформата поврзана со престижното медицинско списание Лансет, каде обично биле поставувани текстови пред да се објават во журналот. Отстранувањето се случило само 1 ден по поставувањето. Објаснувањето од Лансет е дека заклучокот на документот не е поддржан методолошки и дека овој прелиминарен труд никогаш не бил прегледан од заедницата или објавен од медицинско списание

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Рецензирана студија покажува дека 74% од смртните случаи биле директно или во значителна мера иницирани од ковид вакцините.

 

Исто така, во склоп на објавата се споделува самата таканаречена студија која е претставена како најнова и има наслов: „Систематски преглед на наодите од обдукциите кај смртните случаи после вакцинација против ковид-19“.

Како што пишува Хелт Фидбек, не станува збор за објавена студија туку пред-објава (preprint), за која имало намера да се најде во престижното медицинско списание Лансет, ама не се стигнала дотаму, бидејќи не биле поминати филтрите. Документот не бил прегледан од заедницата на ниедно научно списание и всушност, бил отстранет од серверот од страна на журналот Лансет.
Методологијата користена во овој документ е неадекватна за да се воспостави каузална врска меѓу ковид вакцината и смртниот исход. Дополнително, документот содржеше многу пристрасности, а авторите не ги зеле предвид другите фактори кои може да донесат ризик од смрт, како возраста или хроничните болести, пишува Хелт Фидбек.

Листата на автори на овој документ вклучува неколку добро познати имиња кои досега ширеле дезинформации за ковид-19 како Харви Риш, Роџер Ходкинсон и Вилијам Макис.  Меѓу авторите е и кардиологот Питер Мек Калоу, чии невистинити тврдења за ковид вакцината на крајот го ставија во положба американскиот борд за интерна медицина во октомври 2022 година да предложи да му се одземе сертификатот.

Шест од деветте автори на рецензијата се поврзани со велнес компанија. Мек Калоу е директор на компанијата, којашто, всушност, рекламира суплементи кои наводно штитат од „повреди од вакцината”.

Рецензијата невистинито претставена како студија во објавата, била отстранета од платформата поврзана со Лансет, а каде обично биле поставувани текстови пред да се објават во журналот. Отстранувањето било само 1 ден по поставувањето. Објаснувањето на Лансет е дека заклучокот на студијата не е поддржан методолошки.

Не е точно дека рецензијата е студија. Тоа е прелиминарна работа која никогаш не е прегледана од заедницата или објавена од медицинско списание. Методологијата е погрешна, што доведе до тоа рецензијата да биде неадекватна преку неа да се утврди каузална врска меѓу вакцините против ковид-19 и смртните случаи, пишува Хелт Фидбек.

Од Хелт Фидбек додаваат дека некои зборови и фрази користени во првичното издание, како „вакцинален синдром на повреда”, треба да се предупредувачки сигнали, бидејќи исклучително антивакциналните групи ги користеле за да посочат на несакани ефекти кои немаат докажана каузална врска со вакцинацијата.

Вториот проблем е изборот на научни студии вклучени во рецензијата. Авторите исклучиле 90 студии од кои 55 биле исклучени без да се наведе зошто. Ова е важно, бидејќи исклучувањето на студиите може да ги измести резултатите и не треба да се прави без научно оправдување.

Не е јасно дали авторите ги исклучиле студиите кои инаку се кредибилни, само од причина што доколку би ги вклучиле во рецензијата, тоа би дало спротивни резултати од нивните лични погледи за сигурноста на ковид вакцините, пишува Хелт Фидбек.

Уште позагрижувачки е фактот што тројцата доктори кои одлучувале кои смртни случаи се предизвикани од ковид вакцина се Ходкинсон, Макис и Мек Калоу. Сите тројца имаат ширено дезинформации за ковид и вакцините што ја доведува во прашање нивната кредибилност. Поточно, Макис тврдеше без докази дека вакцините против ковид се одговорни за смртта на 80 канадски доктори. Ројтерс во проверка на фактите објасни дека барем 12 од тие смртни случаи биле поради хронични болести, додека 4 други од несреќи. Нема докази дека ковид вакцините ја зголемуваат опасноста од смртен исход.

Интернистот Џонатан Лакстон дополнително забележал други проблеми со оваа рецензија, како, на пример, тоа што во неа е цитирана повлечена студија.

Тоа што некое лице ќе почине по вакцинација против ковид-19, не е доволно самото по себе за да се извлече заклучок за безбедноста на вакцините. Тоа што вакцинацијата и смртта се случиле во временски приближен период, самото по себе не е доволно за да се извлече заклучок за каузалноста.

Документот од објавата што ја рецензираме тврди дека:

Голем број од смртните случаи предизвикани од вакцината е конзистентен со бројни студии кои информираат за прекумерна смртност после вакцинација.

За да го поддржат ова тврдење авторите цитираат повлечена студија и уште еден документ кој не е рецензиран од научната заедница, кој исто така е критикуван поради недоследности со методологијата.

Спротивно на тоа што се тврди во документот од објавата што ја рецензираме, извештаите за смртни случаи после вакцинација се ретки, како што се објаснува и на сајтот на Центарот за контрола и превенција на болести. Хипотезата дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат или го зголемуваат ризикот од смрт се неконзистентни со студии прегледани од научната заедница кои покажуваат дека стапката на смртност на вакцинираните луѓе не е повисока, отколку онаа на невакцинираните.

Многу други фактори, а не вакцинацијата може да придонесат за ризикот од смрт. На пример, средната возраст на смрт кај обдукциите во претпечатеното издание е 70.4 години. Да се биде повозрасен и со коморбидитети, го зголемува ризикот од смртност независно од вакциналниот статус. Но овие фактори не беа земени предвид во анализата.

Постарите луѓе, исто така, имаат највисока стапка на вакцинираност во многу држави, меѓу кои и европски држави, со стапки блиски до 90 проценти. Во ова сценарио, се очекува дека најголемиот број смртни случаи се случуваат кај вакцинираните луѓе. Но, ова не имплицира дека вакцините се причината.

Накратко, во претпечатената верзија од објавата што ја рецензираме, се изнесуваат факти кои се контрадикторни со големата маса докази што покажуваат дека вакцините против ковид се безбедни и во ретки случаи предизвикуваат сериозни несакани ефекти. Потенцијалниот ризик е многу мал и не ги надминува придобивките од вакцинацијата.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Не се работи за рецензирана студија, туку за рецензија и која во себе содржи методолошки грешки поради кои не е објавена во научно списание.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција