Shein не доделува мистериозни пакети за 123 денари

Фото: Принтскрин ФБ пост

Брендот Шејн кај нас нема претставништво, уште помалку има официјална веб-страница или Фејсбук страница на македонски јазик. Брендот е злоупотребен за да се намамат граѓани да оставаат нивни лични податоци

Брендот Шејн кај нас нема претставништво, уште помалку има официјална веб-страница или Фејсбук страница на македонски јазик. Брендот е злоупотребен за да се намамат граѓани да оставаат нивни лични податоци

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Приклучете се на акцијата на ЅНЕІN и добијте мистериозна кутија за само 123 денари. За учество, само регистрирајте се!

Инаку Шејн (Shein) е познат светски трговски бренд со брза мода. Основан во Нанџинг, Кина, во октомври 2008 година како ZZKKO од страна на претприемачот Крис Ксу Шејн порасна и стана најголемиот светски трговец на мода од 2022 година. Седиштето на компанијата моментално е во Сингапур.

Оваа компанија нема претставништво кај нас.

Наводната наградна игра за мистериозен пакет од Шеин за 123 денари е споделена од Фејсбук страница насловена Only for you, која има само 23 следбеници. На страницата нема информации кога е основана, ниту пак, има контакт адреса или телефон и истата содржи неколку објави од мај на англисики јазик.

Од сето ова на прв поглед очигледно е дека станува збор за некаква измама и лажна наградна игра.

Кога ќе стиснете на копчето „нарачај сега, истото ве води на веб-страница каде се бара од вас да одговорите на кратка анкета од пет прашања за да учествувате во наводната наградна игра.

Веб-страницата дури содржи и коментари од наводни следбеници на Фејсбук кои го добиле мистериозниот пакет од Шејн за 123 денари.

Од коментарите е очигледно дека тие се креирани со помош на Гугл транслејт, а имињата на оние кои коментирале ги проверивме и истите не постојат на Фејсбук.

Откако ќе одговорите на анкетата, веб-страницата ви дава можност да отворите три кутии и едната од нив секако е добитна.

Откако ќе ве информира дека сте добитник на мистериозната кутија, веб-страницата ве води понатаму и бара од вас да уплатите 123 денари за испорака.

Очигледно е дека целта на објавата е да се приберат податоци од следбеници на Фејсбук и да се испразнат нивните сметки.

Најважниот параметар преку којшто корисниците на социјалните мрежи може да откријат дали наградната игра во која учествуваат е вистинита или лажна, е од која страница доаѓа. Официјалните страници на компаниите се секогаш тие коишто се вклучени во официјалниот маркетинг и евентуалното доделување награди. Тие никогаш не користат прокси Фејсбук страници бидејќи за тоа немаат потреба, бројот на следбеници на официјалните страници им е голем, експонираноста и присутноста кај потрошувачите преку официјалните страници им е на завидно ниво, па затоа не би имале потреба да креираат нови.

Во објавата која ја анализираме очигледно станува збор за измама и за лажна наградна игра. Брендот Шејн кај нас нема претставништво, уште помалку има официјална веб-страница или Фејсбук страница на македонски јазик. Брендот е злоупотребен за да се намамат граѓани да оставаат нивни лични податоци.

Поради сето ова, објавата ја оценуваме како неточна.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција