Невистини за ЕУ, НАТО и Американската амбасада во пресрет на 8 Септември

Во објавата, покрај невистините, се користи и навредлив говор од најдолен вид кон Американската амбасада и се дезинформира дека таа, а во поширока смисла и самите САД се газди на македонските домашни процеси, што е далеку од вистината. Амбасадата на САД досега во дезинформациски наративи беше обвинувана и за тоа дека наводно учествувала во внатрешни кривично-правни настани, без никаква основа и сосема клеветнички

 

Во објавата, покрај невистините, се користи и навредлив говор од најдолен вид кон Американската амбасада и се дезинформира дека таа, а во поширока смисла и самите САД се газди на македонските домашни процеси, што е далеку од вистината. Амбасадата на САД досега во дезинформациски наративи беше обвинувана и за тоа дека наводно учествувала во внатрешни кривично-правни настани, без никаква основа и сосема клеветнички

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Која независност славите бе торковци кога онаа транвеститка од Кале ви е газдарица? Честитам 30 години зависност од сатанско НАТО и педофилска ЕУ на робовите од територијата северна вукојебина наречена Северџанија. Славите независност, која независност ве е спопала бе робови пред очи ви ја направија Северџанија. Ве избришаа од постоењето а вие драмевте на ФБ и сега викате да живее независна. Има ли некој од вас нормален?

Во склоп на објавата се споделува и фотографија на која пишува дека „земјата е окупирана“.

 

Објавата содржи и факти и лични мислења, но согласно методологијата на „Вистиномер“ ќе се задржиме на проверка на фактите. Прво, не е вистина дека НАТО е „сатанско“. Веќе подолг период се води пропаганда против Западот и НАТО и се сатанизира оваа организација без аргументи. Ова особено се интензивираше откако НАТО  ја осуди руската неиспровоцирана воена агресија кон Украина, која е независна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците продолжуваат да ѝ даваат на Украина поддршка во нејзиното неспорно право на самоодбрана.
Теоријата на заговор дека Западот или НАТО се „сатанисти“ навлегува во дискурсот со методи кои не бараат голема критичност и аналитички ум. Целта е брзо да се апсорбираат од примателот на овие наративи, без размислување. На пример, со монтирани фотографии кои не постојат во реалноста, а на кои се претставени светските лидери како се воодушевуваат на наводна изложба на слики со сатански мотиви и черепи, а кои наводно ги посетиле на НАТО самитот во јуни 2022 година. Тоа, секако, не се  случило, но фотографиите лесно се врежуваат во меморијата со цел да се прошири и пропагандата дека „Западот и НАТО се сатанистички“.
НАТО не е никаква сатанистичка организација, туку претставува одбранбена алијанса со главна цел да ги заштити своите членови од надворешни закани. Официјалните политики на НАТО се дека не бара конфронтација, но, сепак, е подготвена да ги заштити и да ги одбрани своите сојузници.
На 1 март 2007 година во Брисел, во говорот на поранешниот генерален секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер тој наведува:

Да, НАТО е алијанса на западните земји. Да, со исклучок на секуларна муслиманска Турција, НАТО е претежно алијанса на христијански земји. Секој декември НАТО во Брисел е осветлен со голема божиќна елка. Но, вредностите за кои се залага НАТО не се уникатно христијански. Вредностите што ги промовираме и браниме со нашиот ангажман се универзални. Правото на жените да одат во училиште е универзално право. Правото да ја изберете религијата во која ќе верувата и да не треба да се плашите од смртна казна поради изборот, е универзално право. Правото да ја изберете вашата демократска влада на слободни и фер избори е универзално право. Овие се вредностите што ги браниме од Балканот до Авганистан. За нив нема преговори. Но тие не се уникатно западни и не се уникатно христијански. Навистина верувам дека земјите од сите делови на светот и од сите поголеми вери, треба да се способни да се согласат за нив. Тие се вистинската основа за човековиот опстанок во 21 век, вели тој меѓу другото во говорот.

Пропагандниот наратив со говор на омраза „педофилска Европска Унија“, исто така, опстојува во интернет просторот со цел дискредитација на ЕУ, иако вредностите за кои се залага ЕУ не може да бидат подалечни од легализација на педофилијата. Напротив, тоа е кривично дело во сите држави на ЕУ.

Според конвенцијата за заштита на правата на децата, во 34 точка се наведува тоа дека владите мора да ги заштитуваат децата од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба, вклучително и од луѓе кои ги принудуваат децата да имаат секс за пари, или ги фотографираат на неприкладен начин или ги снимаат. Детската порнографија се казнува и е кривично дело во цела Европа. Не постои ниту приближна иницијатива во ЕУ да се легализира педофилијата која се смета за кривично дело. Директивата за борба против сексуалната злоупотреба и сексуалната експлоатација на децата и против детска порнографија, е само еден документ кој ја претставува непоколебливата борба на ЕУ против криминалот со педофилијата.

На 27 март 2020 година, Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата. Определбата за евроатлантско интегрирање на земјата датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ. Пристапот кон НАТО не е окупација, бидејќи НАТО сојузниците и членките на ЕУ ги делат истите вредности. НАТО и ЕУ играат комплементарна, кохерентна и меѓусебно зајакнувачка улога во поддршката на меѓународниот мир и безбедност. С. Македонија целосно го поддржува унапредувањето на стратешкото партнерство НАТО-ЕУ, зајакнатите политички консултации и зголемената соработка за прашања од заеднички интерес, како што се воената мобилност, отпорноста, влијанието на климатските промени врз безбедноста, новите и нарушувачки технологии, човековата безбедност, агендата за жени, мир и безбедност, како и борба против сајбер и хибридни закани.

 

Со тврдењето „Македонија има газдарица транвеститка од Кале“, јасно е дека се користи навредлив говор од најдолен вид кон Американската амбасада и се дезинформира дека амбасадата, односно во поширока смисла самите САД се газди на македонските домашни процеси, што е далеку од вистината. Амбасадата на САД досега во дезинформациски наративи беше обвинувана и за тоа дека наводно учествувала во внатрешни кривично-правни настани, без никаква основа и сосема клеветнички. Амбасадите не се мешаат во внатрешните прашања на земјите во кои се наоѓаат туку се задолжени за своите матични држави кои ги испраќаат во мисии. САД постојано инвестираат во подобрување на здравството, администрацијата, образованието и други сегменти во земјава, но тоа не е окупација туку стратешка соработка за унапредување.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција