Повторно растат заканите за нуклеарен одговор од страна на Русија

Топол М, стратешко нуклеарно оружје на Русија. Фото: Dmitry Terekhov from Odintsovo, Russian Federation - MAZ-7917, CC BY-SA 2.0,

Со пораката дека Русија ќе ги постигне целите во Украина што беа зацртани со агресијата и инвазијата во февруари 2022 година и со припојувањето на регионите кон Русија на 30 септември истата година, „затоа што вистината била на страната на Русија“, Путин заокружува еден цел месец на силна руска пропаганда во која повторно ескалира и доминира заканата за употреба на (тактичко) нуклеарно оружје. Овој пат подлога за ваквото ѕвечкање со „нуклеарки“ е обновената воена доктрина за употреба на таков воен одговор, која предвидува и напад со конвенционално оружје да биде повод за Москва да одговори со нуклеарно. Додека светот дебатира дали е блеф или реална закана, пропагандата си го извршува своето и продира и кај медиуми на македонски јазик

Со пораката дека Русија ќе ги постигне целите во Украина што беа зацртани со агресијата и инвазијата во февруари 2022 година и со припојувањето на регионите кон Русија на 30 септември истата година „затоа што вистината била на страната на Русија“, Путин заокружува еден цел месец на силна руска пропаганда во која повторно ескалира и доминира заканата за употреба на (тактичко) нуклеарно оружје. Овој пат подлога за ваквото ѕвечкање со „нуклеарки“ е обновената воена доктрина за употреба на таков воен одговор, која предвидува и напад со конвенционално оружје да биде повод за Москва да одговори со нуклеарно. Додека светот дебатира дали е блеф или реална закана, пропагандата си го извршува своето и продира и кај медиуми на македонски јазик

 

Уште од средбата на американскиот претседател Џо Бајден со британскиот премиер Кир Стармер во Вашингтон кон средината на септември, кога ден претходно рускиот претседател Владимир Путин се закани со тешки последици доколку на Украина ѝ биде дозволена употреба на долгострелни западни ракетни системи на руска територија, не престанаа вестите со руски изјави за закани до сите поддржувачи на Украина, дека е можно да биде употребено нуклеарно оружје.

И додека во претходниот бран од пред неколку месеци се дискутираше за употребата на тактичкото нуклеарно оружје, овојпат од страна на Москва нема таква дистинкција и може да се разбере дека предвид се зема нуклеарен одговор и со стратегиско балистичко нуклеарно оружје.

Во моментов реториката од Кремљ е издигната до степен на сериозна закана што доаѓа и лично од претседателот Путин, иако има аналитички кругови на Запад и во Украина што сметаат дека станува збор за вербално заострување во пресрет на претседателските избори во САД, односно дека и овојпат станува збор за блеф. Но, за тоа подолу во прегледот.

 

Медведев: Русија може да употреби „нуклеарка“ ако го загуби трпението

Хронолошки гледано и овојпат, очигледно синхронизираната кампања прв ја започна и притоа во нејзе доминираше една од перјаниците на руската современа пропаганда, Дмитриј Медведев.

Д.Медведев. Фото:Dmitry Astakhov, Government of the Russian Federation – government.ru

Медиумите на македонски јазик нашироко ја пренесоа неговата изјава на Телеграм синхронизирано со средбата на врвот меѓу САД и Обединетото Кралство:

Русија не користи нуклеарно оружје како одговор на непријателските напади, бидејќи ја разбира опасноста и неповратноста од таков конфликт. Москва засега покажува трпение, но може да го снема, предупреди поранешниот руски претседател и актуелен заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, Медведев. Сепак, помпезните англосаксонски идиоти не сакаат да признаат едно: на секое трпение му доаѓа крајот, нагласи Медведев, пренесоа медиуми на македонски јазик, со доминантен наслов дека Медведев се закани дека Русија може да употреби нуклеарно оружје ако го загуби трпението.

Еден од медиумите анализираше дека Путин држи „нуклеарен пиштол врз челото на Запад“, друг објави дека САД и Британија стравуваат од нуклеарен договор меѓу Иран и Русија, а беше пренесен и ставот на рускиот експерт Сергеј Карганов, кој го советува Путин да изврши тактички нуклеарен напад.

Путин и Карганов. Фото: Официјален вебсајт на Карганов

Карганов: Да го ракетираме Рајхстагот

Дојде време да се изјасниме дека имаме право на сите масовни напади на наша територија да одговориме со нуклеарен напад, тоа важи и за секое заземање на нашата територија – рече тој во интервју за Комерсант.

Должноста на Русија е да го активира нуклеарниот фактор во светската политика и да ги убеди нашите противници дека сме подготвени да употребиме нуклеарно оружје во случај на какво било засегнување на нашата територија и на нашите граѓани – додаде Караганов, предлагајќи напади врз европските престолнини со конвенционално оружје. одговор на нападите врз Руската Федерација.

Ако дронот повторно лета кон Кремљ, зошто прво да не извршиме редовен ракетен напад врз Рајхстагот? Нека изгориго пренесуваат Карганов медиуми на македонски јазик.

Сергеј Карганов е еден од најрадикалните и најстарите застапници на тезата дека Русија има обврска да употреби сила во одбрана на руското малцинство надвор од границите, дека Русија е постојано во улога на одбрана на традиционалните интереси и дека Русија треба да го зајакнува Евроазискиот блок. Според некои извори, Карганов е и автор на мислата дека Русија историски е авторитарна држава и дека тоа не доаѓа наметнато од властите, туку дека е запишано во генетскиот код на Русите.

 

Олеснети условите за употреба на руска „нуклеарка“

По ваквите пропагандни застрашувања заканата во најостра и конкретна форма ја изнесе лично Владимир Путин при самиот крај на септември:

Го задржуваме правото да користиме нуклеарно оружје во случај на агресија врз Русија и Белорусија, како членка на Федералната држава. Со белоруската страна, со претседателот на Белорусија, сите овие прашања се договорени, вклучително и доколку противникот со користењето на конвенционално оружје, создава витална закана за нашиот суверенитет, рече Путин на состанокот на Советот за безбедност посветен на нуклеарното одвраќање.

Медиумите на македонски јазик масовно ја пренесоа заканата на Путин што преку руски медиуми и западни извори стигна и во македонскиот медиумски простор.

Владимир Путин на Состанокот на СБ. Фото: Alexei Nikolskiy, RIA Novosti/Официјален сајт на рускиот претседател

Отворајќи го состанокот на Советот за безбедност на Русија, во присуство на високи руски претставници, Путин рече дека се дадени предлози за промена на руската нуклеарна доктрина и рече дека би сакал да ја истакне една од клучните предложени промени, ги пренесуваат деталите дел од медиумите.

Се предлага агресија врз Русија, извршена од која било ненуклеарна држава, но со учество или поддршка на нуклеарна држава, да се смета како нивен заеднички напад врз Руската Федерација, истакна Путин. Условите под кои Русија ќе премине на употреба на нуклеарно оружје се јасно фиксирани, додаде рускиот претседател.

Тој нагласи дека Москва ќе размисли за таков потег доколку открие почеток на масовно лансирање ракети, авиони или беспилотни летала против неа. Русија, исто така, го задржува правото да користи нуклеарно оружје доколку таа или Белорусија станат цел на агресија, вклучително и со конвенционално оружје, истакна Путин.

 

Конвенционалното оружје како „витална закана за суверенитетот“. За првпат се споменуваат и дроновите

Путин го изјави ова при претставувањето на ревизијата на руската нуклеарна доктрина на состанокот на рускиот Совет за безбедност на 25 септември, појаснува друг медиум.

Сегашната руска нуклеарна доктрина вели дека Русија може да користи нуклеарно оружје во случај на непријателски нуклеарен напад или конвенционален напад што го загрозува постоењето на државата.

Ревидираната верзија на документот вели дека Русија би можела да користи нуклеарно оружје како одговор на конвенционален напад што претставува „критична закана за нашиот суверенитет“, рече Путин.

Состанокот на кој се расправаше за доктрината на Русија. Фото:Alexei Nikolskiy, RIA Novosti/вебсајт на претседателот на РФ

Најширока верзија со појаснување во што се состојат измените понуди онлајн медиумот што се врзува со Левица, Антропол. Под наслов Русија ја промени својата нуклеарна доктрина, еве што тоа значи, уште во поднасловот се истакнува дека „Длабоките удари од Украина врз руската територија, а и напад врз Белорусија, од сега ќе предизвикаат нуклеарен одговор на Русија“.

Потоа, во текстот се појаснува дека, иако не е спомената по име, новата стратегија ја опфаќа Украина, односно напад од ненуклеарна сила поддржана од нуклеарна сила. Во предложените ревизии, исто така, „јасно се наведени“ условите под кои Русија може да продолжи да користи атомско оружје, како „примање веродостојни информации за масовно лансирање на оружје за напад од воздух и вселена и нивно преминување на нашата државна граница“.

Путин појасни дека тоа значи „стратешки и тактички авиони, крстосувачки ракети, беспилотни летала, хиперсонични ракети и други ракети и авиони“. Спомнувањето на беспилотни летала овде е особено значајно, бидејќи Украина во повеќе наврати изврши масовни напади со беспилотни летала против руските стратешки бази, пишува Антропол.

 

Дуда: Светот нема да ѝ прости на Русија

По ваквата закана прв реагираше полскиот претседател Анджеј Дуда, кој ја предупреди Русија и лично Путин дека светот нема да заборави или да ѝ прости на Русија доколку прва употреби нуклеарно оружје, пренесоа медиумите.

Доколку гледаме ладнокрвно, без паника, треба да кажеме дека (Путин) го повторува она што со години е запишано како руска воена доктрина, дека Русија го задржува правото да ги користи сите средства, очигледно и нуклеарното оружје, со кои располага во случај на опасност за Русија, рече Дуда за полската приватна телевизија ТВН24.

Меѓутоа, Владимир Путин совршено добро знае, како и неговите генерали, дека првиот што ќе употреби нуклеарно оружје ќе биде проклет. Тој никогаш повеќе нема да се измие од таа одговорност ако употреби нуклеарно оружје. Дури и во најмала мера. Никогаш. Светот нема да им прости, изјави полскиот претседател, кој престојуваше во Њујорк на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации.

Анджеј Дуда потсети дека и кинескиот претседател Си Џинпинг јасно му рекол дека не може да замисли дека некој може да посегне по нуклеарно оружје.

Полскиот претседател, сепак, оцени дека е сосема можно Русија да ги нападне украинските нуклеарни централи со конвенционално оружје, како што изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Доколку Русија нападне нуклеарни централи со проектили, опасноста би била голема. Се надевам дека тоа нема да се случи. Нема сомнеж дека во случај на сериозни информации, или не дај Боже да започне таков напад, Меѓународната агенција за атомска енергија треба итно да интервенира, рече Дуда.

Реагираше и ЕУ која заканите ги оцени како непромислени и неодговорни. Портпаролот на ЕУ Петар Стано изјави дека:

Путин се коцка со својот нуклеарен арсенал, и тоа не за прв пат. Ова е само продолжение на многу неодговорното и неприфатливо однесување на Путин, оцени Стано.

Ентони Блинкен. Фото: Стејт Департмент на САД

Блинкен: Неодговорно ѕвечкање со нуклеарно оружје

Кон осудата на крајот од минатата недела се приклучија и САД, преку Државниот секретар Ентони Блинкен. Како што пренесуваат медиуми на македонски јазик , предупредувањето на претседателот Владимир Путин дека Русија планира да ја ажурира својата национална нуклеарна доктрина е „неодговорно“, рекол Блинкен.

„Тоа е целосно неодговорно“, рекол Блинкен во интервју за „MSNBC“ во четвртокот, обвинувајќи го притоа Путин за „ѕвечкање со нуклеарно оружје“.

Затоа сакам да го повторам истото сега, во време кога целиот свет се собра и зборуваме за потребата од разоружување и неширење на нуклеарното оружје, рече Блинкен, кој учествуваше на Генералното собрание на ОН што се одржува во Њујорк и кој смета дека пораката на Путин освен што е неодговорна, е и лошо темпирана.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во меѓувреме, објасни дека предлогот на Путин за ажурирање на нуклеарната доктрина има за цел да послужи како предупредување за западните држави за поддршка на зголемената украинска и НАТО закана против Русија или нејзиниот клучен сојузник, Белорусија.

Дмитриј Песков. Фото: Официјален сајт на Кремљ

Ова е сигнал за предупредување до овие нации за последиците од нивното учество во напад врз нашата земја со различни средства, вклучително и ненуклеарни, рече Песков, додавајќи дека е сигурен дека сите разумни лидери и аналитичари ја разбрале тежината на најавата на Путин.

Медиум на македонски јазик го пренесе Песков уште еднаш, со негово пoјаснување за новата доктрина што било дадено за РИА новости, руска агенција што користи големи државни средства:

Очигледно е дека начинот на кој се развиваше меѓународната ситуација, начинот на кој ескалираше тензијата околу нашите граници, начинот на кој нуклеарните сили почнаа да учествуваат во конфликтот околу Украина, начинот на кој воената инфраструктура на НАТО напредуваше кон нашата границите, сето тоа придонесе да се направат потребните прилагодувања и на нуклеарната доктрина и на основата на државната политика во областа на нуклеарното одвраќање, рече Песков, пренесува РИА Новости.

Според него, развојот на глобалната ситуација бара редефинирање на новите услови, што значи дека релевантните документи кои ги дефинираат околностите под кои Москва може да користи нуклеарно оружје наскоро ќе бидат ажурирани.

 

Лукашенко: И Белорусија ќе употреби „нуклеарка“

За да ја засили пораката од Кремљ што ја испрати Путин со ревидираната руска воена доктрина за употреба на нуклеарно оружје, се јави и претседателот на Белорусија Александар Лукашенко.

Александар Лукашенко. Фото: Официјален сајт на претседателот на Белорусија

Лукашенко, изјави дека Белорусија ќе употреби нуклеарно оружје доколку биде нападната од НАТО, пренесува руската државна агенција ТАСС.

 Напад врз Белорусија е вовед во Трета светска војна  изјави Лукашенко, додавајќи дека границите на државата се црвена линија и дека секое прекршување ќе има моментален одговор, објавија медиуми на македонски јазик.

Според Лукашенко, рускиот претседател Владимир Путин го потврдил неговото тврдење со последните измени на руската нуклеарна доктрина.

 

Блеф или не, пропагандата продолжува да пенетрира

Некои медиуми ѝ пристапија пошироко на темата пренесувајќи западни извори за суштината на пораките од Москва и за нивната сериозност.

Така еден медиум објави два текста во кои се вкрстуваат извори и преку кои се анализира. Во првиот се наведува дека Путин, всушност само ги чекал претседателските избори во САД и дека нема сериозна намера да употреби нуклеарно оружје. Мислењето е на дописник на Скај Њуз од Москва.

Во вториот текст се пренесува анализа на Ројтерс, каде што има поранешни руски дипломати кои сметаат дека заканата е сериозна, но и украинскиот советник на Зеленски, Антон Герашченко, кој смета дека и новата доктрина е само блеф.

Димитриј Тренин. Фото:Руски совет за меѓународни односи (RIAC)

Но, друг медиум на македонски јазик објавува цела колумна на руски универзитетски професор и експерт во која се нагласува сериозноста на пораките од Москва и му се препорачува на Западот сериозно да ја анализираат променетата воена доктрина.

Сега ќе ја видиме реакцијата на Запад, каде за жал има многу луѓе на високи места кои се убедија дека Путин „блефира“, дека Русија „се плаши да одговори“ и дека затоа е можно да се однесува неказнето кон тоа. Така, доктриналната корекција во суштина е сигнал до трезвените умови кои остануваат во халите на моќта во Вашингтон: ова е последното предупредување, пишува Дмитриј Тренин, руски универзитетски професор, член на рускиот Совет за меѓународни односи и поранешен висок офицер на руската армија.

Текстот, односно колумната на Тренин објавена во медиумскиот простор на македонски јазик е преземена директно од онлајн верзијата на рускиот државен медиум „Раша Тудеј“, до кој пристапот е прекинат во повеќе земји на Запад, па и во С. Македонија поради пропаганди активности и лажни вести во полза на Русија. Самиот Тренин пак, од еден руски опозициски политички аналитичар и книжевник е оценет како „елита на пропагандата на Кремљ чии ставови се наменети за влијание врз експертската јавност на Запад“.

 

 



 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција