Медиумите треба упорно да предупредуваат кога се крши Изборниот законик

Бајрам Амди учествува во акција за фер избори. 13 мај 2011 година. Фото: Фер избори
Бајрам Амди учествува во акција за фер избори. 13 мај 2011 година. Фото: Фер избори

Она што најмалку го остваруваат медиумите, тоа е нивната контролна улога. Во остварувањето на оваа улога на медиумите им стои на располагање моќна алатка – Изборниот законик. Повикувањето на членовите од Изборниот законик може да отвори простор за анализа, за натамошно информирање на граѓаните и за поставување прашања.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчесвка, експерт за човекови права

 

Правото на избор е едно од основните човекови права. Тоа е право вградено во основите на современата демократија и подразбира можност да се бира во атмосфера ослободена од страв, врз основа на релевантни информации, по сопствено убедување и со сигурност дека волјата на граѓаните ќе се рефлектира во крајниот резултат.

Еден ваков приод подразбира и потреба од концентрација на активностите на медиумите. Тие треба да бидат подготвени да информираат, да анализираат, да споредуваат, да поставуваат прашања и да ја остваруваат својата контролна улога.

Она што може да се види е дека медиумите ги пренесуваат исказите на кандидатите, ги следат активностите на кандидатите и поентираат одредени неправилности:

Она што најмалку го остваруваат медиумите, тоа е нивната контролна улога. Во остварувањето на оваа улога на медиумите им стои на располагање моќна алатка – Изборниот законик. Повикувањето на членовите од Изборниот законик може да отвори простор за анализа, за натамошно информирање на граѓаните и за поставување прашања.

Она што медиумите во ниту еден момент не треба да го заборават е тоа дека главната одговорност за одвивањето на изборите лежи во рацете на оние кои се на власт и кои се дел од државниот апарат. Тоа значи дека независно од наклонетоста кон конкретна политичка опција, медиумот мора да изгради еден квантум очекувања од власта.

 

1. Сите се еднакви во изборниот процес

 

Многу мал број медиуми посветуваат внимание на еднаквоста на граѓаните како избирачи. Во медиумите не се поставуваат прашања поврзани со претходно регистрирани предизвици за еднаквото практикување на избирачкото право: можноста сите луѓе со инвалидитет да го остварат своето право на избор, сите стари и немоќни, неписмените, жените во областите каде што е често семејното гласање. На еднаквоста се потсетува постојано, а прашањата поврзани со веќе воочените проблеми се поставуваат одново и одново.

 

2. Државата и политичката партија на власт не се едно исто нешто

 

Потребата од раздвојување на државата од политичката партија е прашање кое станува посебно важно за време на изборниот процес. Ова не е мал или патемен проблем, туку суштинско прашање на остварување на избирачкото право.

Не еднаш, не двапати – високите функционери во власта мора да се потсетуваат постојано на неспоивоста на нивната улога како претставници на власта и улогата на кандидати на избирачките листи.

На пример, некогаш е потребно само мало вкрстување на законите. Според Изборниот законик:

“На … овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи, … од денот кога ќе бидат утврдени како кандидати, работниот однос им мирува.“

Според Законот за внатрешни работи:

“Министерот, заменикот на министерот, државниот секретар и раководните работници во Министерството имаат статус на овластени службени лица.“

Ако е така, тогаш зошто сите медиуми едноставно ги пренесуваат активностите на Гордана Јанкуловска како носител на кандидатска листа и како овластено службено лице во Министерството за внатрешни работи, без да прашаат за прекршувањето на законите, за санкциите, за можноста за одржување фер и слободни избори?

 

Кога Гордана Јанкуловска ќе изјави:

“Проверките покажаа дека сите лица на посочената адреса имаат документи издадени многу одамна. Дел од нив се во периодот 2003 година, потоа 1998, 1997, 1996, 1994, 1978 година, потоа во осумдесеттите година. Евидентно е дека СДСМ некоја претходна ситуација, во времето кога тие управувале со институциите, се обидоа да ја стават во функција на овие избори, меѓутоа има една неуспешна координација со луѓето кои тие ги контролираат, а се претставуваат како претставници на НВО “,

Ова е направено во функција на министер за внатрешни работи или пак како носител на кандидатска листа? Во секој случај, она што треба да го прашаат новинарите е: што мисли да направи министерката за внатрешни работи во врска со добиените сознанија?

 

3. Буџетот на државата мора да биде заштитен од користење за изборни активности (освен оние предвидени со закон)

 

“За потребите на изборната кампања не е дозволено да се користат просториите, опремата или другиот имот што е наменет за работа на државните органи и органите на општината и градот Скопје“

Во неколку медиуми се појавија написи кои го адресираат овој проблем. На пример, на порталот НОВА, е направена мала анализа во која се посочени некои од индикаторите кои укажуваат на тоа дека средствата на граѓаните се користат за изборни активности на владејачката структура ( “Груевски призна злоупотреба на администрацијата во партиски цели“). Во некои медиуми не само што не се свртува внимание на проблемот туку активностите на трошење пари спротивно на одредбите на Изборниот законик се промовираат. На пример, тоа е направено со написот од 9.04.2014, под наслов “KАНДИДАТИ СО ФАКУЛТЕТ НА ОБУКА ЗА МОНТЕРИ И ЗАВАРУВАЧИ“ во дневниот весник “Дневник“. Навидум вообичаената информација, во услови на предизборни активности и отсуство на поентирање на трошењето на буџетски средства во период на избори, всушност претставува пропаганден материјал. Ваквиот начин на известување е спротивен и на одредбата на Изборниот законик според која:

“Известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за активностите на правни и на други лица на кои со закон им е доверено вршење на јавни овластувања, во програмите на радиодифузерите, во периодот од денот на распишувањето на изборите до нивното завршување не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект.“

Загрижува фактот дека многу мал број медиуми (по правило медиуми блиски на опозицијата) свртуваат внимание на овој толку раширен феномен што дури стана и редовна забелешка во извештаите на странските и домашни набљудувачи на досегашните избори. Веќе не се ни спомнува користењето на работното време, работните возила, шофери, обезбедување  (платено од страна на граѓаните) за остварување партиски активности на министерот за здравство, министерот за надворешни работи, министерот за финансии.

Уште повеќе загрижува отсуството на посочување на пасивност на органите кои би требало да реагираат на ваков вид прекршувања (Државната изборна комисија, Комисијата за спречување на корупција, Народниот правобранител и Јавниот обвинител).

 

4. Сите средства наменети за финансирање на изборната кампања се уплатуваат на една, посебно за таа намена отворена трансакциска сметка и сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од средствата на таа сметка.

 

Медиумите  се заинтересираа за финансиските извештаи на кандидатите за претседател. Меѓутоа, ниту еден медиум не се впушти во натамошна анализа на проблемот низ призмата на законските одредби. Имено, доколку некој кандидат потрошил повеќе отколку што е прикажано како прилив на трансакциската сметка, тоа значи дека има некои други сметки од кои се покриваат овие трошоци. Доколку некој кандидат не прикажал никаков прилив на официјалната трансакциска сметка, тогаш се поставува прашањето дали има донатори кои се спротивни на законските одредби.

Според Изборниот законик, меѓу другото, изборната кампања не смее да се финансира од:

“средства од неидентификувани извори“

 

“Ако не може да се утврди потеклото на донацијата учесникот во изборната кампања е должен во рок од пет дена од денот на добивањето на донацијата донираната вредност да ја префрли во Буџетот на Република Македонија“

Пет дена поминаа.

5. Предизборните собири не смеат да се одржуваат во воени објекти, верски објекти, болници, домови за стари лица, училишта, детски градинки и други јавни институции.

 

Медиумите веќе не реагираат на прекршувањето на овој член од Изборниот законик. На пример, порталот Република, го пренесува говорот на кандидатот за пратеник Али Ахмети одржан во дворот на основното училиште во Боговиње, без воопшто да ја спомне незаконитоста на ваквата активност.

Медиумите се должни да ги забележат овие прекршувања, тие се должни да реагираат на нив и должни се да ги повикаат на одговорност органите кои би требало да реагираат на ваков вид прекршувања.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција