Рецензија: Наградени топ 100 лекари во Македонија, меѓу нив и штрајкувачи

По неколкумесечните штрајкови на белите мантили против начинот на кој се вреднува трудот од страна на министерот Никола Тодоров и кусата пауза во примената на неговиот казнено-награден метод, деновиве одново стартуваше примената на старо-новиот модел.

„Министерството за здравство јавно ја објави листата на 100 најдобро рангирани доктори во јавните здравствени установи, во согласност со критериумите од проектот за плаќање по успешност. Ресорното министерство смета дека треба на овие вредни лекари да им се валоризира работата, бидејќи, тие во февруари годинава најмногу се залагале на своите работни места пружајќи им стручна медицинска помош на пациентите“.

Индикативно е дека сите провладини медиуми на ниту еден начин не го проверија моделот со наградените. Секако и со казнетите или прескокнатите, но беше нагласено дека меѓу наградените имало и штрајкувачи, иако како таква беше спомената само една лекарка!

Одново се потврдува практиката на прес-конференции, кои ги држат високи владини функционери, новинарите да не поставуваат додатни прашања.

Рецензија: Наградени топ 100 лекари во Македонија, меѓу нив и штрајкувачи Линк до оригиналниот напис: Наградени топ 100 лекари во Македонија, меѓу нив и штрајкувачи

Датум и време на објавување: 25.05.2013

Датум на рецензирање: 25.05.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост на факти: Листата на наградени лекари постои, таа е објавена во платен оглас во дневните весници и таа секако е точна. Истата ја „прераскажа“ на прес-конференција и самиот министер, ама изворот на информацијата не се потрудил да испита како се прима оваа одлука „на терен“, меѓу лекарите, особено ако се знае дека претходните наградувања предизвикаа повеќемесечен штрајк на оваа фела.

Извори на информации: Новинарот не поставил прашање на пресот околу решението на министерот (на пример во што тоа се разликува од спорното, од пред неколку месеци, зошто се смета дека ќе биде продуктивно, колку лица ќе бидат казнети).

Не постои ниту обид да се најде барем еден лекар кој би го пофалил или би бил загрижен за методот на наградување во високото здравство кој го применува министерот. Едноставно, министерската изјава – не се порекнува!

Содржајност: Одлуката на министерот за наградување, како и порано не се спори ниту како модел, ниту како избор, но се спори од аспект на тоа што во високата медицина постои групна работа и тоа многу често (за разлика од амбулантната интервенција на матичниот доктор), во гранки каде е неопходна, да речеме при оперирање, снимање и анализа на снимки и слично, речиси во сите области. Оттаму, ваквиот чин на наградување создава зла крв во екипите. Ова новинарот кој следи една област мора да го знае, а како позитивен пример го наведуваме извештајот на ТВ Телма каде за моделот е консултирана и другата страна, во конкретниот случај д-р Калина Гривчева Старделова, која методолошки го оспорува министеровот модел на наградување.

Пристрасност: Постои цела група на заинтересирани страни во здравството која неизоставно морала да биде консултирана (аналитичари од областа, Синдикат и слично), а пред се самите оние на кои се однесува моделот, сега и во иднина.

Пристрасноста се огледува во тоа што се пренесуваат и нагласуваат зборовите на министерот дека немало политички дисквалификации при наградувањето, па тој наведува еден кандидат на СДСМ на локалните избори како награден. Со оглед на големиот број наградени лекари, тоа и не е некој доказ, а секако не се наведува бројката на казнети лекари, која не е мала. Само во Велес има 16 лекари кои се казнети, заради пишување „голем број рецепти“ и тоа со казни кои се неколкукратно поголеми од оние на наградените (достигнуваат и до 1.000 евра). Па излегува дека еден казнет „одработува“ за двајца супернаградени!

Коментирање: Коментаторските елементи се однесуваат на тоа дека се наградени оние кои штрајкувале против овој модел, ама во текстот има само едно такво име (без изјава). Се споменува и сопругата на првиот синдикалец Ставриќ, без објаснување дали таа штрајкувала! Овој дел од текстот е секако посебен „бисер“, бидејќи,постои презумпција – штом е сопруга на првиот синдикалец, таа мора да е штрајкувач; односно ако е наградена сопругата, како да е награден и сопругот!

Плагијат: Барем десеттина други медиуми ја имаат информацијата со сличен наслов што делумно се должи на фактот дека новинарите само ги симнале зборовите на министерот Тодоров од прес-конференција. Авторот е потпишан само со иницијали.

Квалитет на насловот: Насловот е сензационален и тенденциозен, бидејќи сака да ја натури веднаш „правичноста“ на министерот, кој ете, не им се свети на лекарите, без да се навлезе дека примерите во таа насока се ситни. Тие не го оправдуваат насловот како понудена оценка за еден јавен службеник.

Фотографија: Написот има фотографија од – веројатно – некој штрајк, ама дадени се само нозете на лекарите. Кога би се дале целите фигури на штрајкувачите, што и од естетска и содржинска гледна точка би било оправдано, би се видело, сосема сигурно, дека меѓу групата нема наградени лекари или мнозинството не се во таа група!

Заклучок: Ова е уште еден манипулативен текст кој сака да ги прикаже успесите на власта во една област, која е спорна до степен што често станува предмет на иронија и карикирање на неспособноста на првиот човек да одговори на потребите на дејноста, за која не е ниту стручен. Пристапот е секогаш ист или сличен – „на голо“ ќе се пуштаат мерките на функционерот, ќе се пушти тој самиот да се испофали, без право и можност неговите оценки и ставови да бидат оспорувани, па евентуално и добро оценети од најповиканите.

Рецензија: Наградени топ 100 лекари во Македонија, меѓу нив и штрајкувачи

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција