Рецензија: ФОТО: Пенов во фотелјата на Жерновски

Некогаш медиумите можат да бидат „видовити“ па да ги предвидат настаните кои ќе уследат во наредните денови. Порталот Курир, очевидно концентриран на градоначалникувањето на новиот избраник на Центар – Жерновски, како да предвиде дека еден државен орган, Трудовиот инспекторат, ќе интервенира и во кабинетот на градоначалникот Жерновски, според извештаите од 15 мај, каде ќе се бараат непријавени вработени.

Или можеби текстот објавен во Курир и бил повод за оваа посета на Инспекторатот на кабинетот на Жерновски?

Рецензија: ФОТО: Пенов во фотелјата на Жерновски Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Пенов во фотелјата на Жерновски

Датум и време на објавување: 14.05.2013, 15:33

Датум на рецензирање: 15.05.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост:

„Ристо Пенов поминува повеќе работни часови во општина Центар од градоначалникот Андреј Жерновски. Очевидци за Курир тврдат дека екс-градоначалникот на Скопје во општината секое утро пристигнува еден час пред Жерновски, а си заминува подоцна од него“.

Ова тврдење од воведот во веста се темели на тенки сознанија, но затоа е предмет на навистина „барокна“, накитена сторија која треба да каже дека граѓаните на Центар не го избрале за градоначалник Жерновски, туку Пенов!

Извори на информации: Порталот тврди дека Пенов премногу време минува во кабинетот на Жерновски, но се базира на анонимни извори, потоа на фотографија на автомобилот на Пенов, наместо да го направи она што секој новинар би го направил – би го проверил изворот на информирање на лице место, во самиот кабинет и би побарал одговор на дилемата која го мачи?! Особено кога веќе така долго се дежура пред вратите на Општината.

Содржајност: Новинарот кој ја креирал веста секако имал многу можности да ја провери сторијата или да ѝ даде некакво рационално објаснување, бидејќи, ниту Општината е замок или нуклеарна централа, па е невидлива или тешко „освоива“, ниту пак од текстот се гледа она „на нашето прашање не добивме одговор“ или слично, што говори дека не се запазени ниту елементарните стандарди во правењето вест која оди понатаму од обични „шумолења“.

Пристрасност: Впрочем, упадот на трудовите инспектори во кабинетот на градоначалникот Андреј Жерновски следниот ден ја направи целосно „шуплива“ сторијата на Курир!

Таму не е најден ниту ексградоначалникот на Скопје – Ристо Пенов, ниту некои крупни бизнисменски „риби“, како што се сугерира во веста, освен сопартијката на Жерновски – Роза Топузовска Каревска, на која не може да ѝ се закачи ништо, но како што дознаваме, инспекторите ѝ ја зеле личната карта и покрај тоа што не е на обвинителната листа на Курир!?

Коментирање: Авторот на текстот прави интегриран коментар со веста од со ништо недокажаниот факт дека наводно Пенов мора да има бизнис интерес штом никој не го плаќа (а од каде ова го знае авторот), а истиот е познат по своите „мајстории за малверзации“, како што се коментира.

Иако, Пенов никогаш не е казнет, па дури ниту обвинет за малверзации во работењето, со што се прави инсинуација доволна за пријава за повреда на честа и угледот!

Квалитет на насловот: Насловот сугерира дека се работи за фото-вест, но таа назнака не е соодветна: некој добил инспирација од фактот дека нема ништо „ин флагранти“.

Фотографија: Текстот има две комплетно исти фотографии, со мала разлика во фокусот, кои ништо не кажуваат – тоа се автомобили за кои треба да веруваме дека се на Пенов и на некоја друга ВИП личност.

Место тоа нам ни се нужни, согласно на насловот, фотографии во кои барем ќе видиме како Пенов излегува или влегува во колата, нели?

Заклучок: Оваа малку подолга вест на Курир очевидно предизвика реакции, но не му објасни на читателот – зошто некој градоначалник би се лишел, на крајот на краиштата, од нечиј доброволен совет, згора ако е тој од некој кој е доволно искусен во водењето на комуналните работи, како што е тоа случајот со Ристо Пенов?

Рецензија: ФОТО: Пенов во фотелјата на Жерновски

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција