Рецензија: Во турбо брзина доизградбата на пругата кон Бугарија

„Економските експерти повеќе од еден век укажуваат за потребата од изградба на пругата кон источниот сосед која ќе ги намали превозните трошоци на компаниите и економски ќе ги заживее подрачјата покрај трасата од Куманово до границата со Бугарија. Македонската влада реши да го комплетира овој дел од Kоридорот 8. Прво ќе се направи рехабилитација на делницата од Куманово до Бељаковце во должина од 30 километри.“

Навидум вообичаениот прилог од економијата за изградбата на пруга, за која се сонувало еден век да биде изградена, девалвиран е со додавањето на (веројатно) редакциска опрема која треба да направи „ударнички амбиент“. Во прилично долгиот текст нема објаснување за користениот наслов, а дури во последната реченица од текстот стои дека пругата ќе се изгради до 2022 година, значи за десет години. Тоа секако не само што не е турбо темпо, напротив, туку е многу бавно градење на пруга.

Рецензија: Во турбо брзина доизградбата на пругата кон БугаријаЛинк до оригиналниот напис: Во турбо брзина доизградбата на пругата кон Бугарија

Датум и време на објавување: 20.07. 2013

Датум на рецензирање: 23.07.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Она што се раскажува во долгиот текст е несомнено точно – и кога се размислувало за прв пат за пругата кон Бугарија, и како таа се планирала и градела низ историјата и како е заборавана како проект со децении од политички причини. Точни се фактите за тој период: од начинот на градба, плановите, луѓето кои учествувале како креатори на проектот, само не е точен заклучокот сугериран во насловот!

Извори на информации: Необично е дека текстот користи доста извори, кои се историски, но не наведува од каде фактите поконкретно се извлекувани, дали е тоа некаква книга, хроника за пругата, историја на Македонските железници… Истото се повторува и кај поновите стартувања на изградбата на пругата (1994 година), каде читателот лесно би можел, кога би бил насочен, да најде и повеќе дополнителни информации, ако е за тоа заинтересиран.

Содржајност: Во извесна смисла, слабост на текстот е што поводот за написот практично го нема во содржината.

Потоа, објавените бројки се податливи за соодветна анализа: како пруга во должина од 100 километри, еднаш изградена 17 отсто, без имотни проблеми, со изградени најтешки објекти (еден голем тунел – полуизграден, многу мостови и вијадукти и слично) треба да се гради 10 години? Кои се светските параметри за брзината на изградба на пруга од тој ранг? Како ќе се обезбеди исплатливост на проектот ако се гради така бавно…

Пристрасност: Навидум парадоксално, но во текст со изобилство од факти и податоци ги нема вистинските, пред сѐ, оние кои ни се сугерираат со насловот – дека власта гради турбо! Вистината е дека власта не сака да влегува во крупен проект и да си ги врзува рацете, па се занимава со споредни работи, од типот на повторно проектирање (при многу готови проекти!), обезбедување надзор и слично, а најмалку со вистинското инвестиционо активирање на проектот. Светските нормативи за ваква пруга, и тоа со двоен колосек и брзина од 100 километри на час) е три години, како комплетно завршен проект! Доколку се прашал некој сообраќаен инженер, тоа би се дознало.

Квалитет на насловот: Насловот е, секако, клучот на сѐ во овој текст, бидејќи тој сугерира дека оваа власт пругата ќе ја гради експресно. Не е прикажан инвестицискиот план и таквиот наслов многу скромно се демантира себе си со последната реченица, која ја цитираме. Инаку, и официјално планот е три години да се проектира веќе неколку пати проектирана пруга, па да се освежува изградената пруга до Бељаковце (30 километри) во наредни две години, потоа да се гради три години пругата кон Крива Паланка за последната етапа, која е најкуса, до бугарската граница да се гради пет години. За споредба, пругата Солун-Скопје во турско време е градена три години!

Фотографија: Фотографијата на која е прикажан железничкиот мост е од периодот на изградба на пругата во 2004–2006 година, но тоа не е наведено. Избегнувањето на објавувањето на овој податок овозможува да се помисли дека тоа е „дело на оваа власт“.

Заклучок: Написот заслужува пофалба доколку неговата цел била да се пишува текст со историски реминисценции. Некои други моменти – особено и пред сѐ насловот, потоа изостанатите поподробни информации за првата фотографија, можат да се сфатат како спин кој содржи политичка наклонетост.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција