Рецензија: Забранет влез за Роми во новиот Аква парк

Напис со сензационална содржина, премногу  едностран за да биде веродостоен.

FireShot Screen Capture Забранет влез за Роми во новиот Аква парк I A1ONЛинк до оригиналниот напис: Забранет влез за Роми во новиот Аква парк

Датум и време на објавување: 31.07.2013 17:11

Датум на рецензирање: 05.08.2013

Рецензент: Соња Здравеска

Вистинитост: Факт е дека настанот за кој се жалат граѓаните во овој напис, се случил. Но, авторот целосно ја следи нивната верзија на настанот, без да ги истражи сите околности и да консултира други извори. На читателот му е презентирана само едната страна на приказната, што ја подрива веродостојноста на написот.

Извори на информации: Целиот текст се темели на изјавите на граѓанин и неговата ќерка, кои се жалат дека биле дискриминирани поради нивната етничка припадност.  Клучен проблем на овој напис е тоа што во него нема изјава од раководството на Аква-паркот, кое е предмет на обвинение во насловот и во текстот на веста.  Ова го прави написот едностран и неизбалансиран.  Можни извори за оваа приказна се и претставници на спортскиот центар „Борис Трајковски“, па и од Владата и од највисоките структури на власта, затоа што аква-паркот е во државна сопственост (нешто што авторот морал да го потенцира и  проблематизира). Ако во државниот аква-парк е „забранет влез за Роми“, тоа значи дека дискриминира државата, што отвора сосема нова димензија на овој настан и поширока тема за дискриминацијата во нашето општество.

Содржајност: Ова е типична вест со две спротивставени страни, а во текстот се прикажува ставот само на едната.

Пристрасност: Поради тоа што се пренесува само едната страна на приказната, тешко е да се утврди веродостојноста на овој напис. Во насловот е изречена генерализација (нема влез за Роми во Аква паркот), за која нема никаков доказ во текстот. Ова може да се толкува и како спинување – индивидуалниот случај се прикажува како тренд или правило, а тоа не е потврдено на ниту еден начин.

Квалитет на насловот: Сензационалниот наслов го наведува читателот на тоа дека во аква паркот е забранет влез за сите Роми, за што нема поткрепа во текстот и ова претставува недозволена генерализација.

Фотографија: Написот е илустриран со фотографија од внатрешноста на скопскиот аква-парк.

Говор на омраза: Написот посочува примери на говор на омраза насочен кон Ромите, но само како илустрација на нивната дискриминација.

Заклучок: Написите во кои се јавува за расна, верска, етничка или сексуална дискриминација привлекуваат многу внимание и читатели, особено на интернет-порталите. Знаејќи го ова, новинарите и уредниците треба посебно да внимаваат на новинарските стандарди кога се занимаваат со вакви чувствителни теми. Природно е новинарот да го има пред себе граѓанскиот интерес и да известува за случаите на диксриминација, но тоа не значи „слепо“ следење само на едната страна.

И кога се работи за вакви поплаки од граѓаните, новинарот не смее да ја заборави основното правило – да ги прикаже ставовите на сите засегнати страни во приказната. Негова задача е да известува, а не да утврдува кој е виновен и кој е во право,  во ситуација кога има две спротивставени страни на една приказна. Во спротивно, наместо легитимна алатка за алармирање на јавноста за дискриминацијата, новинарските наслови и текстови може да останат само средство за привлекување „кликови“, а оттаму може да се злоупотребат за поттикнување нетрпеливост.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција