Рецензија: Лидерот на СДСМ не собра храброст да влезе во Клубот на пратениците

„Зошто Заев собра сили да ги посети новинарите, но не и да демонстрира политичка одговорност и зрелост со тоа што ќе влезе во Клубот на пратениците на состанок на Комисијата“.

Ова е секако најсуштествениот сегмент од веста од Клубот на пратениците на новинарот на неделникот, во мигот кога очите на целата јавност беа завртени кон работата на т.н. ад хок Комисија за расветлување на настаните од 24 декември минатата година.
Видливо е дека веста воопшто не се обидува да објасни дали Заев требало да влезе во просторијата каде работи мешовитото тело, дали тоа би било можно и како тоа би се третирало, особено што претставниците на двете најголеми партии требаа да внимаваат на реципрочната присутност во работата на Комисијата, која имаше однапред договорен состав. Да потсетиме дека претседателите на двете најголеми македонски партии присуствуваа само на првата од многуте августовски сесии на работа на Комисијата само за да дадат поттик на работата.

Лидерот на СДСМ не собра храброст да влезе во Клубот на пратениците

Линк до оригиналниот написЛидерот на СДСМ не собра храброст да влезе во Клубот на пратениците

Датум и време на објавување: 24.08.2013

Датум на рецензирање: 27.08.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Текстот се темели на вистинит настан кој е отсликан 0нака како што се случил. Претседателот на СДСМ несомнено дека саминицијативно дошол во делот на Клубот на пратениците каде престојувале новинарите и се задржал во нешто што би можело да се нарече – незакажан брифинг. Проблемот е во тоа што оној кој ја правел веста не ја опсервирал работата на Комисијата како дел од активности на тим кој има договорена динамика и учесници, што, со oглед на задачата која ја добил, требало да му е познато .

Извори на информации: Известувачот сметал дека очевидноста на присуството на тој настан (брифингот) е доволна за да се развие тезата дека лидерот на СДСМ е политичар без храброст (патем, често врзувана во дел од медиумите со неговото презиме, Заев, настанато според името на животно кое е познато по својата плашливост, една некоректна алузија секако). За да се извлече заклучокот за потребата на Заев да биде со Комисијата би значела консултација со три додатни извори, кои би ја расчистиле евентуалната дилема кај известувачот дали Заев би направил коректен и храбар потег ако би влегол во просторијата каде Комисијата работи(!) – една е претседателот на Комисијата, кој ги одредува и внимава на правилата за работа на ова политичко – стручно тело и, секако претставниците на двете партии, што не е сторено.  Третиот извор бил и најдостапен – зошто тоа прашање не му го поставеле на самиот Заев, кој бил крај нив, очевидно расположен за разговор?!

Содржајност: Веста – во време кога сите се интересираа за работењето на Комисијата – била добредојдена, како и било каква новост од Клубот на пратениците, само што таа ја третира просторијата каде евентуално му сугерира да влезе Заев како некаква  сервисна одаја, каде секој може да влегува и излегува како сака. Понатаму, од известувачот најнапред би се очекувало да добиеме сознание за што Заев разговарал со новинарите, бидејќи, логично, тоа би била тема поврзана со работата на Комисијата. Место тоа, во случајов имаме замена на темата – наместо да се напише нешто за средбата со Заев, се прави текст за тоа што Заев наводно требал да го стори, а не го сторил!

Пристрасност: Во време на разговорот на Заев со новинарите во Клубот на пратениците, премиерот Груевски, воедно и претседател на ВМРО ДПМНЕ, престојуваше во Штип и имаше своевидни политички промоции за својата работа. Претходните два дена беше во посета на струшкиот и реканскиот регион во посети кои имаа призвук на предизборни митинзи. Зошто Заев би требало да влезе во просторијата  каде работи Комисијата, а тоа да не е и обврска на неговиот рамноправен политички партнер во овие разговори?!  Тука е секако и одговорот за тоа дали текстот е пристрасен или не. Впрочем, извештајот сугерира дека „било најавено дека тој ќе присуствува на работата на Комисијата“ што е апсолутно нелогично – двајцата партиски лидери или учестуваат во работата на ова тело заедно или не учествува ниту еден од нив! Ако е така, вистинското прашање за новинарот е – зошто во Клубот не е „похрабриот“ политички лидер Груевски, туку тој не е ниту во градот?

Коментирање: Веста содржи еден мал полукоментар во делот кој го цитираме погоре, а и онака по содржината е повеќе насочувачка отколку информативна.

Оригиналност/Плагијат: Ваков текст не се сретна во другите медиуми ниту како тема.

Квалитет на насловот: Насловот е насочувачки и коментаторски  и служи како параван за да се одбегне она што навистина се очекувало од новинарот во тој миг и во тие околности – да каже нешто што се дознава од прва рака од партискиот лидер на најголемата опозициона партија  за текот на преговорите, исходот, проблемите во нејзината работа…

Фотографија: Фотографијата е, исто така, насочувачка – не е од местото на настанот, преполно и со фотографии, туку од периодот кога Заев оди на разговор кај премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Таа е  несодветна на темата и дава некаква симболична хиерархија на „вредности“ во политичкиот живот.

Заклучок:  Овој извештај е пледоаје на она што потоа се случи – барање на виновник зошто преговорите не завршија со успех во првобитно утврдениот термин. Вината, гледана низ овој текст, е на едната страна на политичкиот глобус, а добро е кога таа ќе се лоцира кај лидерот на опозицијата без оглед на баналноста на поводот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција