Рецензија: Кокаинот корисен за човечкиот мозок – го зголемува капацитетот

Сензација по секоја цена, па и по цена на изнесување невистини! Тоа е првиот впечаток што се наметнува откако ќе се прочита целиот напис, кој првенствено провоцира со својот сензационалистички наслов, но и со содржината. Потребно е да се биде внимателен и упорен, да се истражи потеклото на информациите кои ги пласира порталот каде што овој текст е објавен, за да се открие вистината зад овој текст, а таа е сосема поинаква од тврдењето дека кокаинот е користен за човековиот мозок и дека му го зголемува капацитетот. Се работи за лошо сублимиран и уште полошо преведен сегмент од текст, објавен на сајтот MailOnline, за истражување спроведено на Калифорнискиот Универзитет, со кое е докажано дека кокаинот кај опитните глувци ги зголемува мозочните капацитети за учење и одлучување, но само за работи поврзани со пронаоѓањето и користењето на дрогата! Освен што е крајно непрофесионално направен, овој текст е и опасен бидејќи изнесува невистинити тврдења, со што ги релативизира штетните последици од користењето на оваа тешка дрога. Поради тоа, медиумот кој го објавил овој напис заслужува не само сериозни критики, туку треба да биде потсетен на одговорноста што ја има кон јавноста на која ѝ се обраќа за содржините и тврдењата кои ги објавува.

Рецензија: Кокаинот користен за човечкиот мозок - го зголемува капацитетот

Линк до оригиналниот напис: Кокаинот корисен за човечкиот мозок – го зголемува капацитетот

Датум и време на објавување: 26.08.2013

Датум на рецензирање: 27.08.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Фактите што ги изнесува порталот се резултат на неразбирањето на прочитаното и на погрешна селекција на она што е важно од она што е помалку важно во преведувањето од оригиналниот текст на друг медиум.

Извори на информации: Целиот текст ќе звучеше комплетно паушално, бидејќи не е наведен ниту еден извор, релевантен или нерелевантен, освен синтагмата „американските научници,“ да не беше линкуван со оригиналниот текст на англиски јазик на Daily Online, во кој е цитиран авторот на студијата. За среќа, поупорниот читател на тој начин има прилика исправно да се информира за што станува збор.

Содржајност: Објавената вест е несеопфатна и прикрива информации, бидејќи пренесува само делови од текст објавен во странски медиум за научно истражување чиишто резултати не се оние наведени во оваа вест.

Пристрасност: Впечаток е дека извртувањето на вистината и лажните информации во овој текст произлегуваат од невниманието и неразбирањето на материјалот што бил преведуван.

Оригиналност/Плагијат: Изворот не е поименично наведен, но постои линк до оригиналниот текст.

Квалитет на насловот: Насловот е една од најслабите страни на написот, бидејќи е сензационалистички и шири невистини за употребата на тешката дрога кокаин.

Фотографија: Фотографиите се дел од илустрациите на текстот на MailOnline, но тоа не е наведено. Сепак, оставени се оригиналните ознаки за авторство на преземените фотографии.

Заклучок:  Да се преведе интересен текст од странски портал и да биде пласиран преку медиум  чија основна концепција е да го збогатува медиумскиот простор со интересни , забавни и информативни содржини навидум е лесна задача. Потребно е само да се пронајде интересен материјал, да се преведе и евентуално скрати и прилагоди на просторот. Притоа се подразбира дека одбраниот текст прво треба внимателно да се исчита и разбере, а потоа и квалитетно да се преведе и по потреба сублимира, а притоа да не се изгуби смислата на кажаното. Но, тоа овојпат  очигледно била претешка задача. Резултатот е текст во кој се тврди дека неименувани „американски научници“ откриле како кокаинот бил полезен за човековиот мозок, но увидот во оригиналниот текст укажува на нешто сосема друго.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција