Рецензија: УНХЦР: Снимките од жртвите на хемискиот напад се лажни!

Ver004

На читателите им е понудена вест, многу конфликтна со новинарските стандарди и општи правила по повеќе основи: од несоодветноста на насловот со содржината на веста во смисла на тоа кој што заклучил, преку неможноста да се утврди веродстојноста на другите факти, па сѐ до тоа кој е изворот на веста. Читателот, во најмала рака, останува збунет околу основните факти, што е доволен показател дека станува збор за лош новинарски производ кој на крајот, веројатно и без намера, збунува и дезинформира.

'УНХЦР_ Снимките од жртвите на хемискиот напад се лажни!' - tocka_com_mk_1_104813_unhcr-snimkite-od-zrtvite-na-hemiskiot-napad-se-lazni

Линк до оригиналниот напис: http://tocka.com.mk/1/104813/unhcr-snimkite-od-zrtvite-na-hemiskiot-napad-se-lazni

Датум и време на објавување: 10.09.2013, 16:37

Датум на рецензирање: 11.09.2013

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Има настан во Женева кој е поврзан со ООН. Настанот нема врска со UNHCR, туку со друго тело на ООН – Совет за човекови права (HRC). Од самата вест не може да се потврди веродостојноста на фактите, бидејќи во суштина станува збор за превод на зборовите изречени во краток ТВ прилог на водител на телевизија, која, пак, не е посочена во самата вест како основен извор.

Извори на информации: Ова е еден од најпроблематичните и најзбунувачките делови од целата вест. Како извор е наведен самиот сајт – Точка. Тие можат да бидат извор само во случај ако користеле свој дописник од настанот за кој известуваат. Вака, тие се извор кон трети страни, но веста што ја објавиле има други извори кои не се споменати во неа, а за да се постигне впечаток на веродстојност вметнато е видео од Youtube.

Содржајност: Веста не е сеопфатна, иако има и дел кој го додал авторот и кој не е врзан само со преводот на веста на неименуваната телевизија. Оттука, можеби ги прикрива аргументите на втора страна (дел од западните земји) и на трети страни (неутрални земји во однос на сириското прашање).

Пристрасност: Не може да се утврди дали има извртување на вистината и дали има лажни информации, освен ако ја исклучиме грешката во насловот. Во самиот текст нема поткрепа на кажанато, па на читателот му останува или да остане збунет или да направи макотрпно пребарување по други извори на информации. Она што е сигурно и по такво пребарување, е дека веста е еднострана и дека има политичка наклонетост кон една од страните инволвирани во целиот проблем со Сирија.

Квалитет на насловот: Насловот дезинформира зашто ставот искажан во него не потекнува од тоа тело на ООН. Сепак, тврдењето во насловот е соодветно за содржината на веста.

Говор на омраза: Во текстот на веста се дискредитираат САД и нивните сојузници. Ние до моментот на предавањето на оваа рецензија не можевме да ја утврдиме веродостојноста на фактите во текстот на веста, односно цениме дека некои факти во веста не се вистинити според јавно достапните извори на информирање. Со оглед на тоа, веста може да поттикнува насилство базирано врз национална, верска и политичка основа

Заклучок: Редок пример на многу конфликтна вест во однос на почитување на минималните новинарски стандарди и правила за правење вест.

И тука, како и кај другите примери во македонското новинарсто, го забележуваме проблемот со изворот. Изворот на веста не е Точка, иако така стои во придружните податоци. Најголемиот дел од веста се базира врз ТВ прилог на телевизија во која се говори на англиски јазик, но таа телевизија како извор не е наведена. Патем, станува збор за иранската државна телевизија „Прес ТВ“, на англиски јазик.

Текстот на веста е делумен превод на она што го говори водителот. Но, самиот прилог е проблематичен зашто не се базира врз оригинални адуио снимки со изјави на учесници на настанот, туку е информација за настанот. Практично, тука во текстот што го рецензираме, станува збор за „прераскажан расказ“, т.е. делумно преведена вест на која ѝ е додаден бекграунд на крајот.

Веста што ја рецензираме има проблем со веродстојноста на фактите. Грешката во насловот е еклатантна и не кореспондира со содржината во веста. Во насловот се говори дека UNHCR донел некакви заклучоци:

УНХЦР: Снимките од жртвите на хемискиот напад се лажни!

Во главата на веста, пак, се тврд дека „Русија соопштила“ оти тоа што се тврди во насловот е заклучок на Советот за човекови права (HRC, а не на UNHCR).

„Русија соопшти дека Советот за човечки права при ОН потврдил дека видео снимките и фотографиите од жртвите на хемискиот напад во близина на сириската престолнина Дамаск се лажни!“

Веќе во вториот пасус се споменува дека станува збор за соопштение на руското Министерство за надворешни работи (всушност, така тврди и водителот на иранската телевизија). Но, на официјалниот сајт на руското МНР и на англиски и на руски јазик нема такво соопштение до моментот кога ја испраќаме оваа рецензија. На сајтот пак, на Канцеларијата на ООН во Женева, каде се известува за настанот, може да се види дека дискусијата била разнообразна и никаде нема такво категорично тврдење како што е наведено во оваа вест.

На крај, упорен читател по бројни пребарувања по фактите може само да заклучи дека веродостојно е оти во Женева има собир на HCR, дека на 9 и 10 септември во рамките на други теми, дискутирано е и за аспекти од состојбата во Сирија и толку.

Оваа вест, пак, создава целосна конфузија околу тоа што и каде се случило и кој што рекол и заклучил.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција