Рецензија: Имала секс со куче додека сопругот ја снимал

Следејќи го трендот на значителен дел од западните медиуми за објавување на бизарни вести со вознемирувачка содржина, и дел од домашните информативни гласила ја пренесоа веста дека е уапсен млад брачен пар од Северна Каролина, САД, кој сексуално ги злоупотребувал своите кучиња и снимките ги објавувале на Интернет. Веста е објавена во сосема куса форма на, со фотографија само на жената, која е обвинета за содомија. Онака како што е сублимирана и пласирана оваа вест, очигледно е дека намерата не била деталното информирање на јавноста за случајот, бидејќи во неа недостасуваат бројни детали и елементи кои останатите медиуми во светот ги пренесуваат, туку веста е тукс за да шокира и да привлече внимание.

Имала секс со куче додека сопругот ја снимал

Линк до оригиналниот напис: Имала секс со кучиња додека сопругот ја снимал

Датум и време на објавување: 18.09.2013, 10:36

Датум на рецензирање: 19.09.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Веста за апсењето на овој брачен пар ја објавија голем број високопрофилни светски медиуми и во нивните написи се дадени детали за уапсените, како и за делото за кое се товарат, при што се цитирани извори од локалната полиција од градот Редфорд, Северна Каролина.

Извори на информации: Изворот кој е користен, српскиот портал АЛО!, исто така, оваа вест ја превзел од странски медиуми, но не навел од кој конкретно.

Содржајност: Веста е нецелосна, односно  ги нема сите новинарски елементи кои се присутни во изворните извештаи на американските медиуми. Објавено е кој е уапсен, во кој град, дадено е штуро објаснување дека жената имала секс со кучиња (не е наведено дека се работи за нивни домашни миленици), дадена е (скратена) изјава на анонимен претставник на полицијата и како властите дошле до сознание за настанот (снимки на Интернет).

Оригиналност/Плагијат: Веста е сублимат на поширока информација објавена во странски медиуми. Нема наведен автор ниту извор, но има линк до текст од српскиот портал АЛО, од каде е преземена.

Квалитет на насловот: Насловот е експлицитен, но и соодветен на содржината.

Фотографија: Веста е илустрирана со полициската фотографија на уапсената Американка. Останатите странски медиуми ја донесуваат и фотографијата на сопругот на Амбер Фокс, додека некои објавуваат и слики од нивниот семеен албум и слики на кучињата.

Заклучок: Бизарните вести станаа дел од нашето секојдневие. Тие секогаш генерираат интерес кај читателската публика и гарантирано ќе го привлечат вниманието и ќе ја зголемат читаноста и посетеноста на порталите. Бизарноста како критериум дали некоја вест вреди да се објави, веќе е ставена во учебниците по новинарството од понов датум, па според тој критериум веста дека е уапсен млад брачен пар од САД што сексуално си ги злоупотребувал своите кучиња-домашни миленици е вредна за објавување (newsworthy). Сепак, објавувањето на оваа вест во американските медиуми поттикна и бројни негативни реакции на читателите, кои ја проблематизираат потребата нечија изопачена интима воопшто да биде изложена на јавноста, што укажува на тоа дека јавноста не е секогаш подготвена да проголта се што медиумите ќе и сервираат. Истата вест, пренесена во дел од домашните медиуми, предизвика нешто помалубројни, но сепак изразито негативни реакции. Дел од нив потсетија на моралниот аспект и прашаа кој е јавниот интерес од објавување на вакви содржини. Во Новинарскиот кодекс на ЗНМ стои:

„Нарушувањето на нечија интима е оправдано единствено во случаи кога се работи за повисок јавен интерес“.

„Имајте чувство за мерка. Избегнувајте љубопитност за вулгарности или со цел некому за да му угодите“.

 Во Прирачникот за етика во новинарството (ЗНМ, 2012), пак, на новинарите им се сугерира:

„Разумно постапувајте во случаи кога именувате лица осомничени за кривични дела ако против нив сè уште не е покренато формално обвинение“.

„Правото на јавноста да биде информирана не може да биде оправдување на потребата од сензација“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција