Рецензија: Информациите ѝ се доставувале на служба од една соседна земја

„Полицијата за мегаслучајот “Шпион” поднесе кривични пријави против дваесет лица. За злосторничко здружување, шпионажа, за злоупотреба на службената положба и овластување, уцена и измама пријави се поднесени против М.Е.(52) од Скопје, поранешен вработен во Агенција за разузнавање на Македонија, И.А.(55) и А.А.(46), двајцата од Скопје, исто така, вработени во Агенцијата за разузнавање, потоа против З.К.(48) од Скопје, вработен во Управа за безбедност и контраразузнавање, М.З.(44) од Куманово, поранешен вработен во АРМ, Б.П.(52) од Велес, Б.Ц.(49) од Скопје, вработен во Министерството за одбрана …“

Ова е вовед во информацијата која пласираше скопски Вест од апсењето на поголема група на македонски државјани во рамки на полициската акција „Шпион“. Оваа редакција остана доследна на заштитата на имињата на приведените, за кои после три дена од приведувањето беа поднесени и кривични пријави од МВР до Обвинителството. Весникот и после тој период, раритетно за нашиот медиумски простор, остана на принципот на пресумпција на невиност на приведените. Заради тоа заслужува да биде одбележен и поздравен тој пристап.

Информации им се доставувале на една странска земја

Линк до оригиналниот напис: Информациите и` се доставувале на служба од една соседна земја

Датум и време на објавување: 17.09.2013, 16:35

Датум на рецензирање: 20.09.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Дневниот весник во својата информација за оваа полициска акција, повикувајќи се на полициски извори, коректно ги пренесе изнесените факти и обвиненија против приведените. Јасно, со заштита на нивните имиња, тој се огради од вистинитоста на фактите, бидејќи, тука ја имаме, што се вели, едната страна во кривичните предмети, додека другата страна и доказите за или протоив ги утврдува судот, па се до правосилната на евентуалната пресуда против приведените „Вест“ е должен да ги заштити – што се вели – помалку силните во овој процес.

Извори на информации: Новинарот ги користи полициските извори, пред се, изјавите на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, изнесени на прес конференција третиот ден од приведувањето на осомничените. Во овој случај не е можно да се бара втората страна или трети извори заради тајноста на истражната постапка, кога се работи за приведени лица по четири кривични дела, при што она за оддавање на класифицирани информации (народски – шпионажа) мора да се одвива во затворен круг. Оттаму, ниту бранителите на приведените не смеат да говорат за случајот, па третманот на ваквите информации мора да го респектира – во првата фаза – „одењето по еднонасочна улица“, барем во предавањето на вестите. Ова секако не ги ослободува весниците и другите медиуми од потребата да имаат свои истражувања.

Содржајност: И покрај рестриктивноста во објавувањето на имињата на приведените, веста не ја намалува својата содржајност, бидејќи, предадени се сите детали кои истата ја прават интересна – од начинот на кое е направено т.н. злосторничко здружување (кривично дело по себе), преку оној кој бил иницијатор а без да се идентификува, потоа преку начинот на кој се комуницирало со корисниците на доверливите информации, добивањето на „заслужена награда“ и т.н.

Пристрасност: Во ниту еден момент не може да се насети дека новинарот верува во изреченото на органот на прогон, ниту пак дека на било кој начин ги брани приведените – тој практично предава, со сите неопходни детали, се што полицијата изнесува во корист на своите активности, но е доволно коректен – барем од негова страна – приведените, а и нивните семејства, да не бидат ставени во ситуација на „однапред виновни“.

Оригиналност/Плагијат: Нема сомнение дека текстот ги користел сите извори кои ги користеле и другите медиуми, само што заради тоа што бил коректен кон приведените, не добил „парчиња“ од истрагата кои значат дополнителен аранжман на сторијата, поголема читаност, макар и на штета на осомничените и нивно предвремено осудување.

Квалитет на насловот: Насловот укажува и на една дополнителна претпазливост на медиумот, што секако е за поздравување. Истиот говори за соседна земја кон која се доставувани информации. Многу наши медиуми веќе обзнанија за која тоа земја се работи, па потоа ретерираа и говореа за две, а на крајот и за три земји кои добивале информации од „нашите шпиони“. Ова предизивка и соодветна реакција од страна на соседната земја.

Фотографија: И кај изборот на фотографијата гледаме доследност на уредувачката политика во овој случај. Имено, предадена е снимка од одземените предмети на приведените, без можност на било кој начин некој од нив да биде „индивидуализиран“. За споредба, сите други медиуми обвјавија снимки од приведувањето, каде, според многу детали, некои од приведените можеа да бидат препознаени. Истото важеше и за видео снимките на телевизијата, добиени од самата полиција.

Заклучок: Оваа акција од македонските медиуми беше предадена со вообичаена ноншаланција кога се работи за човковите права и заштитата на невиноста на лицата кои се во полициска обработка. Кога сите би постапувале како „Вест“ (во овој случај, не коментираме дали медиумот има и генерално таква политика, бидејќи таа не е предмет на анализава) полицијата би престанала веројанто од вакви случаи да прави спектакли практично од секоја своја акција на приведување на групи лица, при т.н. колективни кривични дела.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција