Рецензија: СДСМ со Алистер Кембел ќе го победи ВМРО-ДПМНЕ!?

sdsm-so-alister-kembel-kje-go-pobedi-vmro-dpmne crop resize

Шпекулацијата на МАКТЕЛ за вклучувањето на познатиот британски новинар и моќен ПР експерт, Алистер Кембел, во тимот на опозиционата СДСМ очигледно беше доволно атрактивна провокација таа и на овој портал да се пренесе во целост, иако стануваше збор за шпекулација од само еден анонимен извор и тоа од конкурентската ВМРО-ДПМНЕ.

Непроверената и со ништо непоткрепена шпекулација со сугестивен наслов „СДСМ со Алистер Кембел ќе го победи ВМРО-ДПМНЕ!?“ набргу беше демантирана од страна на самата личност за која станува збор, а со тоа сериозно е доведена во прашање кредибилноста на медиумот кој објавува непроверени информации и користи нерелевантни извори.

СДСМ со Алистер Кембел ќе го победи ВМРО-ДПМНЕ!?

Линк до оригиналниот напис: СДСМ со Алистер Кембел ќе го победи ВМРО-ДПМНЕ!?

Датум и време на објавување: 24.09.2013, 18:58

Датум на рецензирање: 26.09.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Написот воопшто не се темели на факти, туку само на шпекулации што  потекнуваат од друга портал,  а овде се пренесени од збор до збор. За тоа колку неточни и неверодостојни се фактите изнесени во веста, речито говори и демантот кој пристигна од самиот Алистер Кембел. Тој преку својот Твитер профил објави дека не е ангажиран од страна на СДСМ.

Извори на информации: Изворот што е цитиран овде е порталот МАКТЕЛ, кој, пак, се повикува на извори од ВМРО-ДПМНЕ за кои тврди дека „во неколку наврати се покажале како веродостојни“. На читателот му е оставено самиот да процени дали во иднина ќе му верува на медиум што се потпира на вакви несигурни извори на информации.

Содржајност: Веста е несеопфатна, бидејќи новинарот се потпира само на еден, анонимен извор, кој му пласира шпекулација без конкретен доказ. Нема обид  да се доистражи тврдењето или да се потврди и од друг извор.

Пристрасност: Написот пласира невистина и се обидува да манипулира со неа, но во заднина се наѕира и намерата на изворот да манипулира со новинарот, односно медиумот, за сопствени политички цели.

Коментирање: Почнувајќи уште со насловот, коментирањето е составен дел на написот.

Квалитет на насловот: Во насловот е содржана самата шпекулација, која потоа е демантирана.

Заклучок: Шпекулации за атрактивни теми што ги засегаат најголемите политички играчи се секогаш и секаде високотиражни четива, па веста дека познатиот британски ПР експерт, заслужен за изборните победи на Тони Блер во Велика Британија, доаѓа да го зајакне тимот на опозиционата СДСМ, заедно со сугестивниот наслов, гарантираше видливост и читаност за медиумот кој го објави.  Во овој случај, медиумот што пренесе шпекулација од друг портал, упадна во стапица на избрзано и некритичко прифаќање на непроверени информации „од доверливи извори“ без да води сметка за тоа дека пренесува шпекулација исклучиво базирана на проблематичен (конкурентски) извор. Ниту едниот, ниту другиот медиум не направиле обид информацијата да се провери во самата СДСМ или кај Алистер Кембел.  Демантот од Кембел дојде како казна за објавувањето на неиздржана и неточна вест и за порталот кој ја објави и за оној што ја пренесе.

За еден медиум да објавува вакви шпекулации или пикантерии и заткулисни случувања, потребно е многу повеќе да се помачи за да ги пронајде и да ги одржи вистинските извори, кои, иако анонимни, продуцираат релевантни и во најчест случај точни  информации. На тој начин се гради довербата на читателската публика, која и во иднина со поголема доверба ќе му приоѓа на целиот материјал кој тој медиум го објавува. Точните шпекулации за еден медиум значат искачување на скалилото на популарноста, но затоа пак неточните или „проѕирни“  заткулисни вести се како пукање во сопствената нога.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција