Рецензија: Балканот под ударот на Chemtrails – не прскаат како комарци, а сите медиуми молчат за тоа

kukuriku_mk_balkanot-pod-ud resize crop

„Многумина веруваат дека се работи за интензивно “запрашување” на населението на оваа планета од воздух со биолошки отрови од страна на тајни организации кои се сопственици на политички, па дури и воени институции. Chemtrails-те се задолжителни со влез во НАТО, пропратна појава без исклучок.
Фактот е дека тоа се специјално модифицирани, непознати, нерегистрирани авиони кои летаат на голема надморска височина и кои , пред сè, на ниту една воздушна служба не даваат отчет – затоа што се на војската.
Хемискиот состав на овие агенси дејствуваат на штета на човечкото тело и имунолошкиот систем. Населението е поболно, послабо, ја убива можноста за дејствување и активирање на способноста на размислување и револт против манипулацијата. Покрај тоа, фармацевтската индустрија си го зима својот дел .
Сето ова е дозволено од страна на многу луѓе кои не се заинтересирани за ништо и сè е одобрено од страна на политичките тела кои ние самите ги избравме“,

 

Ова е заклучокот на текстот, кој ги застрашува жителите на планетата дека се труени со хемиски агенси од воздухот. Посебно се на удар, се вели во прилично долгиот текст, земјите на НАТО, а се апострофира Балканот. Текстот е пренесен од повеќе други портали, главно од локален карактер, а заради фактот што се работи за напис од жанрот на т.н. теории на заговор, веројатно е дека тој имал и добра посетеност. Дали и заслужено?

FireShot Screen Capture #139 - 'Балканот под ударот на Chemtrails – нѐ прскаат како комарци, а сите медиуми молчат за тоа! I Кукурику_Мк' - kukuriku_mk_balkanot-pod-ud

Линк до оригиналниот напис: Балканот под ударот на Chemtrails – не прскаат како комарци, а сите медиуми молчат за тоа

Датум и време на објавување:18.09.2013 vo 12:20

Датум на рецензирање:28.09.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост:  Ако текстот од стартот го сфатите како забава, ова е добар повод за разбивање на клишеата во новинарството и белетристиката. За тоа и служат овие текстови. Ама во него има многу дефиниции, формули, слики кои го подигнуваат адреналинот, цитати на стручњаци, веројатно реални експерти. Анономниот автор Ве прашува – дали имате честа кашлица, проблеми на горните респираторни и дигестивни нарушувања, пневмонија, екстремен замор, летаргија, вртоглавица, дезориентација, тешка главоболка, болки во зглобовите и мускулите, вкочанет врат, крварење од носот, депресија, анксиозност, губење на контрола на мочниот меур и нервозни тикови… Кој не ги почувствувал тие симптоми? Значи читателот со голема сугестивност веројатно е „заробен во дијагнозата“.

Истражувањето покажува дека оваа тема на прскање на луѓето од воздухот со невидливи летала е стара (официјално е воведена со дефиниција во Википедија од 2002 година). Темата за бариумско труење на населението е присутна во САД на почетокот на минатиот век! Факти има, ама тие се жанровски ставени во оние кои стојат барабар со фактите за малите зелени суштества, Лох Нес…

Извори на информации: Со оглед на тоа што се работи за изграден свет за постоењето на „отровот хемтрејлс“ далеку би не одвело набројувањето на изворите на информации. Но, не можевме да сретнеме ниту еден извор кој потврдува дека Балканот заслужува да биде посебно апострофиран, а особено сето ова да се врзе за членството или аспирациите за НАТО. На пример, се споменува дека темата стигнала до хрватскиот Сабор, ама без никаков детаљ и објаснување. Врската во тој дел е преку хрватскиот портал Алма кој е целиот преокупиран со теми од т.н. „твајлајт зон“.

Содржајност: Ова е пример на текст кој е набилдан со информации од секаква природа и кој е примерок на една изградена школа која со векови се труди да Ве наведе да верувате во она што во принцип здравиот разум веројатно би го отфрлил од стартот. И покрај сепфатноста немаме одговор – зошто тука и зошто сега ни се случува хемтрејлсот?

Пристрасност: Текстописецот ги напаѓа сите влади и сите медиуми дека добро ја сокриваат вистината од народот за овој препарат, кој создава моментни здравствени и долгорочни генетски проблеми. Иако се говори и за вселенска завера, некако акцент се става на НАТО пактот, што укажува дека приодот може да има политички контекст, без оправдување.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е веројатно производ на серија преземања од еден до друг медиум, а ние ги знаеме последниот и претпоследниот. Авторски текст секако не е освен во уредувањето, што е посебна приказна.

Квалитет на насловот: Насловот е секако редакциски и тој настојува да ја врзе сторијата за интересот на домашниот читател, без образложение кое потоа би следело од содржината. Тоа е единственото автортсво во сторијата.

Фотографија: Текстот има серија на фотографии презмени од Интернет и поврзани со оваа тема на светско ниво. Нема ниту една фотографија која барем малку би била дел од нашето секојдневие или од географијата која стои во насловот.

Заклучок: Текстот е секако забавен и на свој начин интересен, дури и препорачлив за едуциран и релаксиран читател. Генерално тој за мнозинството читатели е само чкрапало за малку повеќе параноја. Суштинската замерка е што тој се обидува да ја приближи опасноста до нас, при што делува како кога на една афро фризура ќе и се додаде уште една непотребна кадрица.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција