Рецензија: UPS, Presidente!!!

FireShot-Vecer-UPS-Presidente resize crop

Желба за сензационализам и многу невкус може да се спознае од оваа фотографија проследена со краток новинарски текст. Фото-информацијата, исто така, е објавена на насловната страница на дневен весник.

Рецензија: UPS, Presidente!!!Линк до оригиналниот напис: UPS, Presidente!!!

Датум и време на објавување: 26.09.2013

Датум на рецензирање: 30.09.2013

Рецензент: Тони Димков

Вистинитост: Фактите во објавената информација се точни. Новинарскиот текст е извлечен од фотографијата, но акцентот е ставен на детал кој суштински не е поврзан со главниот настан. Редењето на фактите според нивното значење се одвива со извртена, пакосна, логика.

Извори на информации: Во кратката вест е потенцирано дека информацијата ја „пренесуваат албански портали“. Не е нагласено името на порталите (изворите), ниту дали станува збор за портали од Република Албанија, или портали кои објавуваат информации на албански јазик, а потекнуваат од Албанија, Косово, Македонија или од друга држава. Од текстот не може да се утврди вистинитоста на тврдењето дека повеќе портали ја објавиле информацијата.

Содржајност: Објавениот текст и фотографијата воопшто немаат за цел објективно да информираат за суштината на настанот. Во написот има извртување на вистинската причина за следење на информацијата и фокусот е ставен на детал кој е надвор од контекстот на случувањето. Информацијата не може жанровски да се определи и тешко е да се објасни дали се работи за агенциска или за фотовест. Очигледна е само намерата да се поттикне сензација. Информацијата не прикрива, туку открива невкусни факти кои не би требало да бидат во интерес на јавноста. Иако информацијата се однесува на јавна личност од политиката, невкусно е повредена приватноста на личноста.

Коментирање: Во написот нема директни коментаторски елементи, но неговата објава може да се сфати како коментар на облекувањето на една јавна личност.

Оригиналност/Плагијат: Тешко е да се определи дали текстот е преземен заедно со фотографијата, или е напишан врз основа на фотографијата. Двете сценарија се можни, а ниту едно од нив нема авторски потпис.

Квалитет на насловот: Насловот повикува на сензација. Не информира за содржината на текстот, туку е создаден да привлече внимание на фотографијата. Има обид за досетливост, но истата е употребена во погрешна насока. Сериозен пропуст со насловот е направен со употребата на латиничното писмо и странскиот јазик. Според Законот за употреба на македонскиот јазик, службен јазик во Република Македонија е македонскиот литературен јазик и неговото кирилско писмо. Со цел да се заштити, унапредува и збогатува македонскиот јазик, медиумите преку печатот, радиото и телевизијата треба да ја поттикнуваат грижата за употребата на македонскиот јазик и да избегнуваат употреба на странски изрази и заемки.

Фотографија: Фотографијата е објективна, вистинита и направена е на местото на настанот. Фоторепортерски задачата е професионално завршена. Манипулацијата со фотографијата се случува отпосле, со зумирање на детал од фотографијата и интервенција врз самата фотографија. Не е наведено авторството ниту на авторот на фотографијата, ниту на авторот на интервенцијата. Тенденциите за сензационализам во прв ред се изразени со интервенцијата врз фотографијата.

Говор на омраза: Текстот не содржи навредлив говор, ниту поттикнува дискриминација, туку на индиректен начин содржи обид за дискредитација на личност од политиката. Откривањето на „долниот веш“ на политичарите најчесто се прави со цел да се омаловажи нивната личност. Желбата да се открие нивната приватност најчесто е поврзана со потребата за сензација. Вкусовите се етичка категорија за која најчесто суди јавноста, во овој случај, со негативни реакции за објавениот текст.

Заклучок: Еден од основните принципи на однесувањето на новинарите е при пренесувањето на информациите да ги почитуваат етичките вредности и професионалните стандарди. Право и должност на новинарите е да настојуваат да спречат искривување на вестите. Со својата улога во општеството новинарите треба да го бранат достоинството на личностите за кои пишуваат.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција