Рецензија: ФОТО: Џиновски ракови во Охридско езеро

Dzinovski rakovi Foto crop resize

Информативен текст во кој се пишува за необична појава во Охридското езеро, за присуство на нов вид џиновски ракови, но без да се обезбедат минимум информации кои ќе му дадат на читателот јасна слика за откритието.

Посочувањето дека биолозите не знаат за каков вид се работи не дава јасна слика за тврдењето, ниту сериозен новинарски пристап за поголемо истражување, што може да ја направи веста интересна, читлива и погодна за цитирање или пренесување во други медиуми. Во ситуација кога во Охрид постои Хидробиолошки завод надлежен за животинскиот и растителниот свет во езерото, не може да биде доволен податокот дека биолозите не знаат ништо за џиновските ракови, а не се презентира податок од официјална институција: што ќе преземе таа, кој може да го утврди видот на раковите, дали тие или евентуално Природно-научниот музеј во Скопје или трета институција до која би биле доставени. Тешко може да се замисли дека некој биолог би кажал само дека не го знае видот на ракот без да понуди дополнителни информации. Настрана фактот што тие дополнителни информациите требало да бидат побарани од авторот. 

Текстот е илустриран со фотографија за која читателот не може да се увери дека станува збор за раковите за кои се говори, иако со потенцирањето дека се нуди „фото“ токму тоа е целта – да го увери конзументот дека станува збор за ракови кои се прикажани на фотографијата. Но, од друга страна, веста не нуди ништо да не увери во автентичноста на фотографијата. Не е  наведен авторот на фотографијата, иако станува збор за нешто за што се тврди дека е ексклузивно, а во таков случај не е јасно зошто има само една фотографија. Секој оној кој има малку познавања за тоа како работат новинските фотографи знае дека тие секогаш фотографираат што е можно повеќе фотографии за уредниците да имаат избор. Тоа овде не е сторено, иако според она што се тврди овде, фотографот бил на лице место. Никакви информации нема ни за ракот, ниту за неговата големина („џиновски“), што не може сосема да се види од фотографијата и не знаеме дали можеби тој рак и порано живеел во и околу Охридското езеро. Нема дури ни поблиска локација каде е снимена оваа фотографија, односно во близина кое село, плажа или друг географско обележје за барем да знаеме отприлика во кој дел од езерото ги има овие мистериозни ракови.

Dzinovski rakovi FotoЛинк до оригиналниот напис: ФОТО: Џиновски ракови во Охридско езеро

Датум и време на објавување: 01.10.2013, 10:32

Датум на рецензирање: 02.10.2013

Рецензент: Саше Димовски

Вистинитост: Не може да се утврди вистинитоста на веста, бидејќи не се повикува на ниту еден официјален извор, ниту посочува извори од кои би се стекнал впечаток дека тоа е така (изјави на рибари, риболовно друштво, туристи, екологисти, надлежни институции). Вестите од овој тип се интересни за читање, не засегаат во лични права за некој да реагира и да ги демантира, па затоа во прв момент не може да се знае дали е точно тврдењето или не.

Извори на информации: Не се посочуваат извори на информации, па оттаму содржината на веста се става под сомневање во поглед на нејзината вистинитост.

Содржајност: Вест без потребната содржина, која во две реченици пишува за феноменот, а поголемиот дел го посветува на работата на колекторот за кој не може да се потврди со сигурност дали има директна улога за појавување на раковите во крајбрежниот дел или тие и досега живееле во езерото.

Квалитет на насловот: Ако се исклучи неможноста да се провери вистинитоста, насловот е добар. 

Фотографија: Не може да се утврди нејзината автентичност, без оглед што содржината на фотографијата е соодветна на тврдењето во веста.

Заклучок: Уште еден пример за немање чувство од новинарска гледна точка, каде што е испуштена можноста да се пласира квалитетна и точна информација за која може да има интерес во поширокиот балкански регион, кај повеќе заинтересирани групи, вест која може дури и да го обиколи светот. Вака, сѐ е оставено на случајност, некој да ја регистрира, па да почне сопствено сеопфатно истражување и ако е вистина, да презентира целосна информација.

Во новинарството, „малите“ вести како што е оваа, за појава на џиновски ракови во Охридското езеро,  може да бидат многу „поголеми“ од било која политичка тема, па затоа не треба да бидат занемарени и кон нив да се пристапува со леснотија и без напор за обезбедување на дополнителни податоци. Но, сепак, сѐ уште не е сѐ изгубено, па медиумот може докрај да ја истражи појавата на џиновските ракови и да им ги направи на читателите достапни деталите кои не биле пласирани во рецензиранава информација.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција