Рецензија: Миланскиот едик не важи за МПЦ-ОА

Миланскиот-едик-“не-важи”-за-МПЦ-ОА-Денешен-весник crop resize

Оваа вест има сериозен проблем зашто целата своја теза ја гради на невистини и неточности во врска со устројството и односите меѓу канонските православни цркви од што произлегуваат правилата според кои една црква се стекнува статус на автономност или автокефалност. Оваа тема е една од оние отворените во врска со статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и затоа е важна за јавноста во Македонија. Но, не на начин на кој го прави тоа овој текст – со невистини и неточности, со што дополнително се мултиплицираат маглите во врска со добивањето канонски статус, односно со признавањето на МПЦ-ОА.

Најголемата грешка е содржана во насловот на текстот „Миланскиот едик(т) не важи за МПЦ-ОА“ бидејки, од аспект на вистината, Миланскиот едикт бил указ со кој, меѓу другото, се забранува секое гонење на христијаните, а Република Македонија е единствената земја во Европа во која политички и судски се гони една православна христијанска заедница (The Economist: Theology by handcuffs).

Оваа вест има грешки во насловот (едик, наместо едикт), во телото на текстот (томост, наместо томос), со што се демонстрира непрофесионалност, и има неконзистентност во новинарската форма зашто повеќе личи на коментар отколку на било што друго, а не е ставен во рубрика коментари/мислења.

Миланскиот едик “не важи” за МПЦ-ОА - Денешен весникЛинк до оригиналниот напис: Миланскиот едик “не важи” за МПЦ-ОА

Датум и време на објавување: 03.10.2013, 13:00

Датум на рецензирање: 04.10.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Тука, во критериумите за вистинитост, се најголемите слабости на овој новинарски текст. Колку и да е болна вистината, новинарите не смеат да си поигруваат со вистината, да го кријат она што не може да се скрие, мислејќи дека сите и тоа секогаш можат да бидат изманипулирани.

Првата невистина е дека Миланскиот едикт од 313 година има некаква врска со ривалството „меѓу црковна Москва и Цариградската Патријаршија“. Нема никаква, туку има врска со указот на тогашниот император на Византија, Константин Велики, со кој христијанството се признава како официјална религија во царството и се забрануваат сите прогони врз христијаните заради нивната вера.

Втората невистина, која е посуштествена за нас, бидејќи во неа се споменува МПЦ-ОА вели:

Токму поради дијаметрално спротивставените ставови, во Православието се уште нема решенија за прашања како она за автокефалноста, момент од кој најдиректно е засегната и Македонската православна црква. Вселенската Патријаршија смета дека томост за автокефалност треба таа да го издава, додека пак, Руската Православна Црква инсистира дека потпис на тој документ треба да стават сите помесни православни цркви.

Прво, ставовите на Руската и на Цариградската црква воопшто не се „дијаметрално спротивставени“ туку се работи за терминолошки и разлики во нијансите. Имено на последната конференција во Шамбези (крај Женева, Швајцарија, 2009 г.), како една од низата во подготовките за Веселенскиот собор што треба да се одржи идната година, воопшто не било спорно кој го издава томосот за автокефалност – го издава Цариград, откако за тоа ќе даде согласност мајката црква. Потоа, во томосот следуваат потписите на сите признаени православни цркви и разликите се појавиле околу тоа кој термин да се употреби над потписите: „сопотпишуваат“, како што предлага Цариградската патријаршија, или „потпишуваат“, како што сака Руската православна црква.

Овие разлики воопшто не ја допираат МПЦ-ОА зашто таа не е ниту во предворјето на процесот за автокефалија.

Следната невистина и уште една полувистина се дека Српската православна црква за прв пат не ја поканува МПЦ-ОА на некоја манифестација во нејзина организација, бидејки СПЦ, всушност, никогаш не упатила покана до МПЦ за било што. Полувистината е дека делегација на МПЦ-ОА била на погребот на патријархот Павле. Била, ама како непризнаена црква и била сместена во делот каде што биле сместени сите останати, римокатолички и нехристијански претставници на останатите верски заедници и дипломати кои протоколарно учествуваат на вакви настани.

И последната вистина, која овој текст ја крие, е дека на овој историски настан ќе има црковна делегација од Македонија – онаа на Православната охридска архиепископија, како единствена црква со томос на самостојна црква, потврден во диптихот на православните цркви (каталог на канонски православни цркви), со автономност со која се потврдува дека ПОА не е епархија на СПЦ. Тоа е факт кој овој текст, ако веќе претендира на вистина, требало да го има предвид.

Извори на информации: Нема извори. Замислете еден ваков новинарски текст на тема за која со прстите на една рака можат да се избројат вистинските познавачи на овие теми – нема извор. Еве да прифатиме дека авторот на овие редови ги „знае“ работите, но зошто не се потпишал? Еве да прифатиме дека пишувачот на овие редови разговарал со некој од редовите на МПЦ-ОА – но, зошто не е наведено тоа? Зошто би било проблематично да се наведе изворот? Тоа е основната лекција по новинарство – новинарот не мора да знае, но може да најде некој што знае и да го пренесе тоа знаење со именување на изворот и атрибуција на неговата стручност (во овој случај би можело да биде: „член на Синодот на МПЦ-ОА“, „професор на Богословскиот факултет“, „историчар и познавач на историјата на православната црква“ и други слични авторитетни атрибуции како што налага специфичноста на оваа тема. Вака можеме да заклучиме, и зошто да не, дека соговорник на пишувачот на овој текст била продавачката на свеќи во црквата во Ѓорче.

Содржајност: Нема содржајност зашто нема аспекти на другата страна. Со оглед на тоа што овој текст е пишуван 6 дена пред централната манифестација во Ниш, сметаме дека можело да се почека уште ден-два за да се добие одговор од СПЦ зошто МПЦ-ОА не е поканета на овој гоелм собор на православните цркви. Или, зошто не ги прашале претставниците на ПОА?  

Пристрасност: Оваа вест е пристрасна зашто пишувачот не собрал храброст да се соочи со фактите и реалноста, каква и да е таа. Кога новинарите го прават тоа, тие само придонесуваат да се замаглува  и да се игнорира вистината.

Коментирање: Заради неконзистентноста во новинарската форма текстот повеќе личи на коментар отколку на било што друго, а не е ставен во рубрика коментари/мислења.

Оригиналност/Плагијат: Не знаеме зашто нема автор, ниту било каква друга референца за авторство што го остава отворено прашањето за оригиналноста на текстот.

Квалитет на насловот: Насловот е провокативен, но, како што произлегува од рецензијата, ги отсликува невистините во текстот и, според тоа – неточен.

Заклучок: Еве неколку заклучоци кои, благодарение на овој текст, можеме да ги изведеме во оваа рецензија. Едно од битните правила на етички исправното новинарство е „трагај по вистината и известувај за неа“. За да се оствари ова, потребно е да се повикуваме на релевантни извори и документи за да не се дозволи изведување на погрешни заклучоци. Следното правило е да се однесуваме со почит кон фактите, изворите и публиката, зашто кога пишуваме неточности и невистини нанесуваме непоправливи штети. И уште две битни правила – неутралност и одговорност. Првата – неутралноста, за да останеме секогаш новинари со интегритет и кредибилитет, а втората за да демонстрираме такви стандарди во професионалното однесување, какви што бараме од оние за кои пишуваме.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција