Рецензија: Политички сме на историски максимум, ни следува економски бум!

vecer-politicki-sme-na-istoriski-maksimum-crop-resize

„Средба меѓу поклоненици на Конфучионизмот, научници по вокација, политичари по занимање може да помине само успешно. Вака со една реченица може да се опише првата средба меѓу Претседателот Ѓорѓе Иванов со неговиот кинески колега Си Џипинг во Пекинг на 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји. Двајцата констатираа дека политичките односи се на највисоко историско ниво со тенденција за нивно продлабочување“.

Релативно долгиот извештај од стартот на посетата на претседателот Ѓорѓе Иванов на Кина содржи прилично поединости за тоа со кого се сретнала македонската екипа, само што немаме никаков конкретен „доказ“ дека дописникот е навистина на лице место – ниту една изјава од домаќините (само една протоколарна од домаќинот – кинескиот претседател Џипинг) – политичари, бизнисмени, здравствени работници… Само прераскажување на она што го пренесуваат претседателот Иванов и министерот Тодоров!

Ова секако се одразува по сите основи на квалитетот на известувањето, неговата целовитост, а пред сѐ на ексклузивноста, која се подразбира кога некој ќе отпатува дури до Кина. Од друга страна, текстот на места влегува во една празна нарација која за читателот не мора да биде интересна, ниту примарна.

ПОлитички сме на историски максимум, следува историски бум!Линк до оригиналниот напис: Политички сме на историски максимум, ни следува економски бум!

Датум и време на објавување: 22.10.2013

Датум на рецензирање: 22.10.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Целиот текст се базира на изјавите на самиот претседател на државата Иванов, како и на министерот за здравство Никола Тодоров, со што на стартот немаме контакт со „кинеската страна“ и нивното гледање на перспективите на нашите односи, политички и економски, иако тие се најавуваат со звуци на фанфари уште во насловот.

Извори на информации: Кога говориме за извори на информации, секако треба да се потсетиме дека тоа е посета на највисоко ниво која во секој момент има своја друга, домаќинска страна, која веројатно е достапна и „опремена“ со преведувачи, најмалку на англиски јазик. Би било секако интересно и неопходно да чуеме како Кинезите гледаат на нешто така спектакуларно како  што е „политички историски максимум“ или „економски бум“.

Содржајност: Несеопфатноста се должи секако на потпирањето на впечатокот на претседателот Иванов за ефектите од разговорот. Многу поими не се објаснети, како, на пример, кога се вели дека Македонија со 700 милиони долари „влегува во кинескиот проект за инвестирање“ во регионални сообраќајници. Ова обично значи партнерски однос и тој бара објаснување и прецизирање (како, под кои услови се ортачиме со Кинезите и слично) или, пак, се работи само за кинеска инвестиција во наши патишта во кои ние влегуваме само со мал почетен капитал (!). Или – од каде ни нам 700 милиони долари? Содржајноста е тенка дури и кога се работи за изјави на нашата страна  – што значи тоа дека, на пример, македонски лекари ќе одат на обука за кинеска традиционална медицина? Таа се признава како официјална доктрина? Носи заштеда во лекови? Зошто другите нации не се определуваат за ваков вид на медицинска соработка?

Пристрасност: Јасно е дека една посета, која е комплетно под нивото на кинеските глобални амбиции, се настојува да се престави како дел од некакви милениумски контакти, кои токму кога претседателот Иванов слетува на пекиншкиот аеродром достигнуваат некакво „крешчендо“. Основата на пристрасноста секако лежи во фактот дека пред пет години премиерот Груевски беше во Кина и потпиша низа договори (изградба на кинеска посебна зона во Бунарџик, па фабрика за ЛЦД монитори) од што ништо не се оствари! Едно непристрасно, нефараонско известување секако бара, пред сѐ, одговор за тоа зошто таинствените Кинези немаат обичај никого да одбијат во понудите, ама потоа не се држат дури и до потпишаните договори? 

Коментирање: Во  воведниот дел авторката се служи со коментар за тоа зошто една средба мора да успее (се споменува дека и двајцата претседатели се конфучијанци, иако тоа не се објаснува), па биле политичари по занимање, а научници по вокација и тоа морало да вроди со успех? Таа констатација нема никаква логика, ама им се натура на читателите во форма на „драмски пролог“, колку да го совладаат како „градиво“ а потоа се е полесно…

Квалитет на насловот: Насловот е секако сензационалиситчки во стилот на целиот текст, а посебно што оди на насловна страница во весникот, како вест на денот. Може да се каже дека третманот на посетата што го дава авторката е рамен на успехот на пинг-понг дипломатијата на Кисинџер, кога тој влезе во Кина после половина век застој!  Целиот текст секако не ја оправдува таквата најава на оваа посета преку наловот.

Фотографија: Текстот има две фотографии – едната е илустративна и покажува дека до средба на нашиот и кинескиот претседател дошло, а втората е доказ на изолираноста на новинарската екипа од настаните и го покажува македонскиот министер за здравство како дава изјава. Таква слика, секако може да се земе и од Интернет или од архива, ама од дописник од странство се очекува да илустрира средба меѓу одговорни функционери.

Заклучок Веќе сме пишувале во оваа рубрика дека одговорноста на странските дописници е поголема од „обичните“ новинари. Тоа секако важи и за оние кои само привремено, како дел од делегација, престојуваат во една странска и тоа голема земја. Доколку немаме повод за да поверуваме во нивната целисходност во патувањето, тогаш тоа може да се претвори во – екскурзија, гарнирана со малку спинување на нашата јавност за успесите на сите подрачја.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција