Рецензија: Момчињата кај Рампа возеле со 200 на час?! (ФОТО)

oop-crop-resize

Пред нас имаме вест објавена непосредно по сообраќајна несреќа во која има петмина загинати. Времето на објавување на информацијата е важно од аспект на засегнатите страни во случајот, поточно од аспект на почитувањето на болката на семејствата на жртвите. Токму поради тоа, главната забелешка во текстот е тоа што се темели на неофицијални извори како и непроверени информации.

Независно од тоа што шпекулацијата дека двајца од загинатите се браќа, не е вистинита, сепак, вреди да се спомене дека ова е информација која лесно се проверува и нејзината вистинитост може да се докаже, доколку новинарот вложи труд, без да се потпира на претпоставки.

Трката за ексклузивна информација, ја прави веста невтемелена на официјални извори, иако фактите за кои се говори може да бидат лесно проверени со неколку повици во полициска станица.

oopЛинк до оригиналниот напис: Момчињата кај Рампа возеле со 200 на час?! (ФОТО)

Датум и време на објавување: 11.10. 2013  12:09

Датум на рецензирање: 22.10.2013

Рецензент: Мирослава Симоновска

Вистинитост:  За голем дел од фактите не може да се каже дека е завршена новинарската работа, бидејќи единствениот факт во текстот за кој е утврдено дека е точен е тоа дека пет момчиња загинале. Секој друг факт во текстот е без проверка, шпекулативен, а за информациите кои се лесно проверливи и се основната причина поради која новинарите се ангажираат кога станува збор за известување од сообраќајни несреќи, не е направен напор да се проверат, туку новинарот се потпира на неофицијални извори  и непоткрепени тврдења.

Извори на информации: Наведено е дека изворот е неофицијален. Иако овој вид извори се легитимни и водат до „вествредни“ информации, сепак, кога станува збор за настани и вести кои немаат елементи на истражувачко новинарство, туку нудат информации за сообраќајна несреќа, задолжително е фактите да се проверуваат и прецизно да се известува за нив со должно внимание кон семејствата на инволвираните.

Содржајност: Текстот изобилува со нови ексклузивни информации,  но нивната веродостојност не може да се утврди. Очигледно е дека веста е дел од една низа на информации, односно вест во низа. Содржи бекграунд информации во првата реченица. Сосема непотребно се опишува дека глетката на местото на несреќата била ужасна и дека имало крв насекаде. Освен сензационализам и паушалност, оваа информација не врши никаква друга улога во однос на информирањето.

Коментирање: Поради нерелевантноста на информациите не може со сигурност да се утврди по кој канал доаѓаат податоците до новинарот. Така, читателот со право може да се посомнева дека делот „двајца од загинатите најверојатно се браќа“ претставува коментар на новинарот, независно од тоа како оваа информација е добиена.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е вест во низа, која повеќе или помалку содржи информации што претходно се објавени, како, на пример, тоа дека сообраќајката се случила. Тој е оригинален, а се темели на извори кои не се наведени или, пак, се неофицијални.

Квалитет на насловот: Насловот, иако навидум е информативен, сепак, паѓа во вода откако ќе се увиди дека не постои никаков поткрепен извор во текстот, за читателот да биде сигурен дека тој наслов одговара на вистината и фактите. Авторот преку прашалникот во насловот се труди да се заштити од евентуално погрешно претставените податоци, односно евентуалната грешка во шпекулацијата за брзината со која се движеле момчињата, но, тоа дефинитивно само ја покажува несигурноста на новинарот во информациите што ги презентира, односно нивната нерелевантност.

Фотографија: Фотографијата е автентична, од сообраќајната несреќа за која се известува. Сепак, се добива впечаток дека таа е поставена само за да го засили насловот, кој не е поткрепен со потврдени информации.

Заклучок: Основна задача на новинарот е да ги проверува информациите, во секој случај, а особено кога станува збор за сензитивни информации кои може да влијаат врз повеќе семејства и кога станува збор за жртви. Трката по сензација оди заедно со грешките, а кога во тоа се вклучени и емотивните состојби на семејствата на жртвите во сообраќајни несреќи, таа трка води кон неетичко и неодговорно новинарство.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција