Рецензија: Анкетите докажуваат – проѕирните лаги не го враќаат рејтингот на СДСМ

Анкетите докажуваат проѕирните лаги не го враќаат рејтингот на СДСМ-crop-resize

Зошто, кога станува збор за организација која самата го вложува својот анкетарски кредибилитет во мерењето на политичката (не)доверба во земјава, да се трошат новинарски редови и печатарско мастило за „дополнување на сликата“ дека опозицијата не чини, дека не знае што прави и дека, како што се тврди, проѕирните лаги не го враќаат рејтингот на СДСМ? Зошто на публиката да не и се остави самата да ги „свари“ бројките од понуденото истражување? Зошто треба да се нудат остри констатации за безредие во опозициските редови, за сметка на „величањето“ на владејачката партија, кога бездруго податоците од анкетата покажуваат надмоќ на ВМРО – ДПМНЕ над СДСМ? Затоа што, судејќи според напишаното, текстот не треба да ја доинформира јавноста за односот меѓу двете главни политички сили, туку едноставно кажано, преку т.н. новинарски производ „да ја дотепа“ опозицијата.

Анкетите докажуваат проѕирните лаги не го враќаат рејтингот на СДСМЛинк до оригиналниот напис: Анкетите докажуваат – проѕирните лаги не го враќаат рејтингот на СДСМ

Датум и време на објавување: 29.10.2013

Датум на рецензирање: 29.10.2013

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Во оваа категорија вистинитоста која, врз база на извршена анкета, се зема како основна појдовна точка – дека опозицијата заостанува зад власта, е целосно „спинувана“ за да се дојде до завршната позиција – дека СДСМ лаже и на граѓаните им нуди празни ветувања. Дополнителна тенденциозност се гледа и во обидите да се извитопери вистината, поврзувајќи ги добиените податоци со фактот дека анкетата е правена по апсењето на Мирослав Шиповиќ и дека тоа е знак дека „граѓаните покажаа дека не поддржуваат криминал и дека нема да дозволат на овој начин да бидат манипулирани“.

Извори на информации: Во најмала рака може да се заклучи дека изворите се сомнителни. Прво, никаде прецизно не се споменува за кое истражување на јавното мислење станува збор, што значи дека недостасува главниот извор, бидејќи не може да се претпоставува дека сите, ама баш сите читатели, ја виделе анкетата објавена претходниот ден. Текстот се реферира на низа „познавачи, партиски извори, македонски граѓани“ и тоа во деловите кои се најостри кон опозицијата и нејзините политики. Има само еден прецизен извор, изјава од аналитичар, на која не е спротивставена барем уште една која можеби би понудила поинаква аргументација зошто опозицијата и натаму губи на анкетите.

Содржајност: Текстот би имал поголема содржајна тежина ако би бил наменет за таблоид, а не за дневно информативен весник. Стилот и употребените елементи повеќе доликуваат на „жолт печат“, а не на обид за сериозна политичка анализа. Дека во делот на содржајноста нуди нешто што не е слушнато, не нуди. Формулациите од типот:

„граѓаните од времето на СДСМ само помнат фабрики под стечај, афери и финансиски измами, а СДСМ иако ја уништи, сега нуди програма за враќање на средната класа“

се веќе слушнати од партиска говорница.

Пристрасност: Ако би користеле медицински термини, тогаш овој текст има прекумерна доза на пристрасност, која не е прикриена или суптилна, туку, напротив, излегува во преден план.

Коментирање: Забележливо е, во многу делови, невешто и „обоено“ коментирање со јасни навивачки елементи.

Оригиналност/Плагијат: Не станува збор за плагијат, но ниту за чисто авторски текст. Во истиот ден во различни медиуми, и печатени и електронски, се појавија слични извештаи со истите тези, па дури и констатации како во анализираниот текст.

Квалитет на насловот: Насловот кореспондира со содржината, а тоа е по секоја цена, да и се наметне на публиката заклучок уште пред да се прочита текстот.

Фотографија: Фотографијата е тендециозна и делумно информира, а повеќе „ја тера водата“ кон тоа дека, како што се вели, тие што ја уништиле, сега ќе ја враќаат средната класа.

Заклучок: Едностран текст, без каква било намера да даде издржана анализа на податоците понудени во една анкета и без никаква амбиција за утврдување на тоа зошто и по 7 години владеење на една власт бројките во истражувањата остануваат речиси непроменети.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција