Рецензија: Мијалков веќе го ажурираше имотниот лист, Шекеринска молчи

FireShot-Screen-Capture-042-ALFA-TV-www_alfa_mk_News_aspx_ID65903_Unu-QPmkq0d-crop-resize

Веста со наслов „Мијалков веќе го ажурираше имотниот лист, Шекеринска молчи“, прозвучува како заменик претседателката на СДСМ да крие нешто од јавноста во врска со нејзиот имотен лист. Иако таа, уште кога ВМРО-ДПМНЕ ја обвини дека има куќа во Маврово што не ја пријавила,  на прес-конференција соопшти дека „викендичката не е нејзина сопственост, ниту пак, на нејзиниот сопруг, и дека  во анкетниот лист е прикажан целиот имот со кој располага“.  Прилогот се потпира на  изјавата на претседателот на државната Комисија за спречување на корупција, Ѓорги Сламков, која не е целосно пренесена и произволно се толкува. Па во главата на веста (а тоа стои и во поднасловот), се посочува:

 „Антикорупциската комисија потврди дека ќе го испитува потеклото на имотот на двајцата (Мијалков  и Шеќеринска)“.

Иако, според заклучокот на антикорупционерите, имотната состојба на директорот на УБК ќе ја испитува Управата за јавни приходи. Додека за Шеќеринска најпрво ќе се проверат податоците во анкетниот лист, па доколку се најдат неправилности ќе се проверува имотната состојба.

FireShot Screen Capture #042 - 'ALFA TV' - www_alfa_mk_News_aspx_ID=65903#_Unu-QPmkq0dЛинк до оригиналниот напис: Мијалков веќе го ажурираше имотниот лист, Шекеринска молчи

Датум и време на објавување: 6.11.2013, 16:35

Датум на рецензирање: 7.11.2013

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост:  Изјавата на првиот човек на Антикорупциската комисија е точно презентирана, но само во еден дел:

„Во поглед на двата случаи за кои прашувате испитани се наодите изнесени во јавноста и донесени се заклучоци. За директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање донесен е заклучок за испитување на имотната состојба во УЈП. За пратеничката Шеќеринска донесена е одлука да се проверат податоците од анкетниот лист“.

Фали фрагментот што го пренесоа другите медиуми:

„што значи дека таму ќе следат проверки па доколку бидат утврдени некои неправилности ќе имаме натамошен тек на постапката“,

што, пак, влијае на вистинитоста на прилогот.

Извори на информации: Извор на информации е изјавата на Сламков, на која потоа со спинување ѝ се „налепува“ констатацијата за наводниот молк на Шеќеринска .

Содржајност: И покрај тоа што се работи за куса информација во која е пренесена официјална изјава од  Државната комисија за спречување на корупцијата, не може да се каже дека е сеопфатна. Од една стрна се прикрива дел од информациите, а од друга страна се вметнува сегмент (отсуството на реакција кај Шеќеринска), што воопшто не се спомнува во изјавата на Сламков, но, затоа му дава поинаква конотација на прилогот.

Пристрасност:  Според  начинот на кој е обработена и пласирана веста, вклучително и насловот, може да се препознае  наклонетост кон владејачјата партија.

Коментирање: Во прилогот се забележуваат коментаторските елементи и тоа во наративниот дел, каде се нагласува потегот на директорот на УБК.

„За разлика од потпретседателката на СДСМ Шекеринска од која до сега нема никаква реакција, Директорот на УБК Сашо Мијалков уште пред постапката на антикорупциска до комисијата поднел појаснување за неговиот анкетен лист со настанатите измени “

Квалитет на насловот: Насловот привлекува внимание и е насочен да и наштети на Шеќеринска. Тезата од насловот се гради во текстот со манипулација и конструкции.

Фотографија: Прилогот е   илустриран со снимки од Мијалков и Шеќеринска, како и со тонски парчиња од  изјавата на претседателот на Антикорупциската комисија.

Заклучок: Телевизијата излегува со тенденциозен  прилог со кој сака да ги убеди гледачите во главната поента на насловот и оди на линија на политичка дискредитација на Шеќеринска. Целта е да се креира атмосфера дека заменик претседателката на СДСМ не е транспарентна и ја скусува  јавноста од некакви доплнителни објаснувања во врска нејзиниот имот.  Шеќеринска се најде на удар на владејачката партија откако во Собранието постави пратеничко прашање до премиерот за тоа како е можно неговиот братучед, директорот на тајната полиција, да го зголеми својот имот за повеќе од 1,6  милиони евра, ососбено забележувајќи му за накитот и уметничките слики од 700.000 евра.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција